- ПОСТВАКЦИНАЛНИ РЕАКЦИИ
-
Родителите често се плашат од реакциите кои настануваат по вакцинирањето. Денешните вакцини се многу порафинирани од порано, па затоа не се очекуваат многу поствакцинални реакции.
Во текот на првите 24 часа по вакцинацијата, кај детето може да се јави покачена температура. Оваа температура вообичаено е ниска и се движи околу 37 целзиусови степени. Доколку температурата е повисока и достигнува 38,5, на детето може да му дадете сируп парацетамол, да се обидете да го оладите детето, со туширање и слично. Во овој случај може да го посетите и вашиот педијатар.
Доколку детето прими вакцина ДиТеПер можно е да се јави болка на местото на апликација на вакцината. Оваа болка не е силна и најчесто исчезнува по неколку дена. МРП вакцината која се прима прв пат на возраст од 1 година, вообичаено дава одложена реакција по 7 до 10 дена од вакцинирањето. Оваа реакција може да биде во форма на лесно покачена температура или болка во предел на местото на боцкање, како и атипичен лесен осип по телото. Во овој случај, родителите често не ја поврзуваат температурата со вакцината поради временската дистанца, па може да помислат дека детето е болно.
Кај вакцината BCG која се дава против туберкулоза, постои специфична реакција на вакцината. На местото на апликацијата, која се врши уште во породилиштето, најпрво се јавува црвенило, подоцна настанува круста (кора) која подоцна почнува да се цеди. На крајот, по отпаѓањето на крустата на местото останува само мала лузна (цикатрикс). Лузната е доказ за успешноста на вакцината. Сите овие реакции се вообичаени и очекувани и не треба да ги плашат родителите.
- Витамин Д во исхраната на доенчињата
-
Ексклузивното доење е многу важно за правилен развој на бебето во првите 6 месеци. Давањето друга храна во овој период може кај бебето да предизвика проблеми во развојот и слабо напредување во тежина, дијареа, алергиски реакции и друго. Единственото нешто кое му е потребно на бебето, а не е доволно застапено во мајчиното млеко е витаминот Д. Овој витамин е значаен за искористување на калциумот од храната (млекото) и негова правилна распределба во коските на бебето. Главната цел со која на бебињата им се дава витамин Д е превенција или лечење на рахитис (болест на меки коски).
Еден од знаците за отсуство на витамин Д е побавно затворање на големата предна фонтанела на главчето. Тоа е меката точка на темето на бебето. Со правилен развој на коските и со доволен внес на витамин Д овој отвор на черепот на бебето се затвора и окоскува, најчесто до првиот роденден на бебето. Витаминот Д е застапен во секојдневната исхрана, особено во морските риби, но овој вид храна не се препорачува кај бебињата пред да наполнат една годинка поради опасноста од алергии.
Од препаратите со витамин Д, кај нас најчесто се користат два: капките Вигантол и капките Д3. Дозата која треба да се користи ја одредува докторот во зависност од состојбата на детето. Витаминот Д му се дава на бебето во вид на капки секој ден од самото раѓање. Капките е пожелно да се даваат наутро, непосредно пред или по подојот. Кај повеќето деца капките се користат секој ден до возраст од 1 година. Витамин Д понатаму им се дава на децата секоја зима до 7 годишна возраст, во вид на рибино масло или перли АД.
Сончевата светлина и чистиот воздух помагаат во искористувањето и транспортот на витаминот Д во организмот. Затоа, значајно е бебињата околу 4 недели по раѓањето да почнат да се изнесуваат надвор, на чист воздух и постепено да се изложуваат на сончева светлина. Во летниот период, кога сончевите зраци се посилни, бебето треба да се изложува на сонце само во одредени периоди од денот, наутро или попладне.
- Што е Ин витро фертилизација (IVF)?
-
Ин витро фертилизација (IVF) или вештачко оплодување е процес на спојување на јајцеклетката и сперматозоидот во лабораториски услови. Ин витро значи ‘во стакло, во епрувета, во определени услови’, спротивно од ин виво што значи ‘во живо’.
Процесот на IVF се состои од неколку фази. Најпрво со хормонални лекови се стимулира растење на повеќе фоликули во јајниците на жената. Потоа, со ултразвук и тенка игла се врши боцкање на фоликулите и извлекување на јајце-клетките од нив. Овие јајце-клетки се чуваат во посебни услови и медиуми кои им обезбедуваат опстанок надвор од телото на жената. Потоа се издвојуваат машките полови клетки и со микроскопска техника се внесува по еден сперматозоид во секоја јајце-клетка. Откако оплодените јајце-клетки ќе го започнат својот развој во лабораториски услови, некои од нив се вбризгуваат во матката, каде се очекува да се вгнездат и да настане бременост.
Процесот на IVF е многу значајна помош за партнерите кои подолго време не успеваат да зачнат бебе.
| 30 Јули 2009
Нашата летна авантура
Деновите одминуваат, а летните жештини се непријатност со која мораме да се избориме. Летото е прекрасно и треба да уживаме во него. Но за нас нема сезони. За нас одморот има друга димензија.
И во најголемите жештина, во екот на летната сезона, во текот на денот или пак ноќе, некоја трудница со своето семејство брза кон породилиштето каде треба да се породи. Млад брачен пар избира количка и креветче за своето бебе, бремена жена – идна мајка со насмевка го гледа своето бебенце на ултразвук, како мирно спие во нејзината утроба.
Имаме голем број нови фанови кои дојдоа во клубот на бремените жени, мајките и децата за кои се грижи ЛУЛКА. Дел од нашите трудници се породија и веќе имаат голем број обврски на кои мора да мислат и бебе за кое мора да се грижат 24 часа на ден, па дури и да не спијат :). Оние другите пак, психички се подготвуваат за породувањето и со радост го чекаат тој момент. Дел од родителите го чекаат првото запче, други ја приготвуваат првата кашичка, а некои пак се радуваат на првите чекори и возбудено се трудат да го снимат овој уникатен момент. Дел од нашите мали ангели ги прават првите чекори по песочната плажа, други пак веќе вешто прават кули од песок.
ЛУЛКА е постојано со Вас, и во овие летни денови. Ние постојано работиме во насока на задоволување на Вашите желби и потреби.
ЛУЛКА ФОРУМ
ЛУЛКА Форумот претставува место каде можете да ги споделувате Вашите искуства, убави моменти, проблеми и потешкотии. Преку форумот подиректно можете да комуницирате меѓусебно, но и со тимот на ЛУЛКА. Преку Вашата активност на форумот ние добиваме позитивен фидбек кој претставува непресушна мотивација за постојано надградување и уште понапорна работа на секој член, соработник и волонтер на Здружението.
За да го погледнете форумот кликнете ТУКА.
* * * * *
LULKA.org…Очекување, грижа, љубов, доверба
Очекувањата на бремената жена која во себе носи нов живот, полна со надеж и љубов е инспирација за сите активности на ЛУЛКА. Грижата на мајката за своето малечко, од првиот миг кога ќе го види и ќе го почувствува неговиот допир е извор на силата да дејствуваме и да работиме уште понапорно. Љубовта на детето кон својата мајка, толку наивна и безусловна е наш постојан двигател, затоа што детската насмевка е најубавото нешто на овој свет. Довербата е единственото нешто кое го очекуваме од Вас, и ќе направиме се за да ја заслужиме и зачуваме.
На LULKA.org ќе најдете информации во врска со оплодувањето, бременоста и породувањето. Ќе прочитате за после-породилниот период, за растот и развојот на детето, како и за воспитувањето од најмали нозе. Ќе прочитате селектирани информации кои навистина ќе ви користат, едукативни текстови од искусни доктори кои секојдневно работат со оваа проблематика, совети од сестри акушерки кои ќе ви помогнат во деновите пред и по породувањето, како и практични совети од искусни мајки за многу работи кои Ве интересираат.
Подготвуваме и многу нови работи, забавни и едукативни, кои наскоро ќе може да ги сретнете на LULKA.org.









Коментари
Potpolno ve poddrzuvam i srdecno ve pozdravuvam.
cestitki
samo napred
samo napred, imate poddrska od majka na dve prekrasni decinja
RSS известување за комантарите на овој пост.