Определувањето на терминот за породување е многу важно. Тоа се прави уште на првиот преглед, откако ќе дознаете дека сте бремени. Денес, повеќе од кога било е важно одредувањето на гестациската старост на бебето и определувањето на терминот за породување.
Ова произлегува од потребата за постојано следење на растот и развојот на бебето, како и од осовременувањето на методите за преглед во текот на бременоста. Како ќе го одредите терминот за породување? Можете да се послужите со добро познатата Nаеgelе – ова формула која се користи веќе 150 години:
На датумот кога започнала последната менструација му се додаваат 7 дена, па од овој датум се одземаат 3 календарски месеци. Датумот кој ќе се добие е веројатниот терминот за породување.
Пример: Посл.Менстр. (1. Ноември 2009 год.) + 7 дена => (8. Ноември 2009 год.)
(8. Ноември 2009) – 3 месеци => (8. Август 2010 год.)
Значи, веројатниот термин за породување е 08.08.2010 год.
Мора да се нагласи дека оваа формула се базира на овулација на 14. ден и редовен циклус кој трае 28 дена. Постојат случаи кога циклусот трае подолго или пократко од 28 дена, а и овулацијата може да не настане точно на 14. ден од месечниот циклус. Веројатниот термин за породување може да се открие и со помош на ултразвук, во текот на прегледот кај вашиот гинеколог-акушер.