Се наоѓаме во тешки времиња, ќе се лажеме меѓу себе ако изјавиме дека е лесно за тебе, мене, за една мајка, трудница, стар човек, дете, доилка... Бремените жени и без ваквите дополнителни стресори како што во моментот е коронавирусот, се наоѓаат во една состојба на дополнителна одговорност, на исчекување, на загриженост.

Постојано се наметнуваат прашања дали е се во ред, дали моето дете е добро, како ли ќе се породам, дали ќе успеам детето да го дојам, дали добро ќе се снајдам во новата улога на родител....сега сите овие прашања се поставуваат со плус една околност, а тоа е пандемијата Ковид 19 што ни се случи на сите. 

И се наметнува и прашањето: како ли ќе се породам во услови на пандемија? Што ако се заразам? Дали ќе го заразам бебето? Што смеам да пијам? Сосема нормално е да си ги поставувате тие прашања и треба да барате одговори, но како да се намали психолошкиот притисок кој го имате поради присутноста на пандемијата?

Добра вест е што во светски рамки не постојат информации дека бремените жени се поподложни на овој вирус и поради тоа се препорачуваат истите препораки како и за сите други луѓе. Ќе ги напоменам уште еднаш на кратко:

  • Зголемена хигиена, особено редовно миење на рацете;
  • Одржување на физичка дистанца - избегнување на социјални контакти, или доколку е неопходно да биде на дистанца од најмалку 1,5 до 2 метри;
  • Носење на маска преку носот и устата. 

Ова се генералните препораки, мислам дека веќе сите ги знаеме и верувам дека ги почитуваме.

 

pregnant woman cough

 

Но, вознемиреноста и стравот се јавуваат во однос на тие работи кои ние не можеме да ги контролираме. Во прилог ќе Ви посочам една саморефлективна вежба, која верувам дека ќе Ви помогне во негување на Вашето ментално здравје:

 

Земете лист хартија, на средината нацртајте еден круг со средна големина. Во него напишете работи кои можете да ги контролирате ( на пр. Вашето однесување, движење, МИСЛИ итн.), добро би било да биде со една боја. А надвор од кругот запишете ги сите работи кои што не се во Вашиот домен на контрола (на пр. Следењето на препораките од другите, ширењето на шпекулации за вирусот и сл). Така би имале преглед напишан на хартија, за тоа кои работи се во Ваша контрола, а кои не. Тоа нека Ви биде како потсетник за тоа дека тоа што е во границите на Вашите можности Вие го правите, а некои работи едноставно се вон Ваша контрола.

 

Искористете го времето дома, посветете се на себе и на своето сеуште неродено бебе, колку и да звучи клише. Сигурно сте слушнале дека откако ќе се роди бебето, целото функционирање ќе биде насочено кон него, а новите мајки ретко наоѓаат време за себе. Па така, ова време до раѓањето на Вашето бебе искористете го правејќи го она што највеќе го сакате, а секако да не Ве доведува до ризик. Има мал милион идеи како да го исполните Вашето време: гледање серии, онлајн јога, правење на лесни вежби, потсредување во домот, читање книга, играње друштвени игри, разгледување онлајн  продавници за бебешка опрема, па и онлајн купување. Ако имате веќе набавена облека и работи за бебето – занимавајте се со средување, имајте многу сон, кратки прошетки во природа доколку Ви е дозволено од лекар, опуштете се со долги разговори по телефон со Вашите пријателки. Доколку ова не Ви е прва бременост и веќе имате дете/деца, искористете ги заедничките моменти во подготовка за новиот член.

И сето ова вака изгледа лесно напишано и сите ние знаеме како е во теоријата, но нашите мисли се тие кои најчесто не доведуваат до најлошото сценарио. Кога ќе започне загриженоста и сценариото дека може да се заразите, обратете се за поддршка кај своите најблиски, искажете ги своите чувства на страв, грижа, лутина (зошто баш мораше ова да се случи за време на мојата бременост), потоа вознемиреност, анксиозност... сетете се дека не сте сами. Никако!

 

104098350 10157578390530847 277729556456403074 n

 

Токму сега, во моментов, некоја бремена жена во САД ја мачат истите овие прашања, слично како и трудниците во Германија, во Азија, во Африка и насекаде низ светот. Милиони трудници се затечени од оваа пандемија.

Со правилна лична и ментална хигиена и со соодветна грижа за себе, ќе успеете да го намалите ризикот од појава на коронавирусот, пред се во Вашите мисли.

Неколку конкретни препораки:

  • За сите прашања во однос на бременоста и породувањето во услови на пандемија, информирајте се пред време и тековно разговарајте со Вашиот матичен гинеколог и матичен доктор.
  • Редовно одржувајте ги социјалните врски и контакти со Вашето семејство (барајте поддршка, разговарајте на теми кои Ве опуштаат, нека не биде коронавирусот секогаш топ тема), одржувајте и онлајн контакти со Вашите блиски пријатели (за да го избегнете оптоварувањето со негативни мисли) итн.
  • Користете ја хумор терапијата (гледајте комедија, шегувајте се дури и во овие услови, бидејќи шегата може да биде лековита).
  • Не  се оптоварувајте со Вашиот изглед (ограниченото движење и седење дома може да доведе до  зголемување на тежината кај сите луѓе, па и кај трудниците). Доколку тоа не е премногу и не Ви смета на здравјето – опуштете се, ќе има време кога повторно ќе бидете фит, во услови на егзистенцијални предизвици, тежината е најмал проблем.

 

106125173 10157620938410847 1597299869371408188 n

 

  • Обидете се да не размислувате на материјалното (верувам дека и економската криза како последица на коронавирусот е стрес сама по себе, но обидете се тоа да го ставите во втор план, сега најважно е здравјето на Вашето бебе и Вашето здравје).
  • Доколку чувствувате дека загриженоста преминува во поголема вознемиреност која неможете да ја контролирате, побарајте стручна психолошка помош на бесплатните линии за психолошка поддршка или преку онлајн сесија со психотерапевт.

На крајот на денот, коронавирусот е предизвик за целиот свет, само заедно, сплотени и храбри ќе го надминеме, бивајќи посилни!

 

Николина Дојчиноска - Психолог, НВО Лулка


 

 

 Babytol baner

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama