Во рамките на Светската недела на доењето 2011 која Здружението Лулка ја одбележува од 01 до 07 Август оваа година, се потрудивме да обезбедиме голем број едукативни текстови, информации, стручни совети и мислења во врска со доењето.

Во рамките на активностите, реализиравме и едно on-line интервју со Г-ѓа Тања Трајковска – дипломирана акушерка, која покрај својата секојдневна работа како акушерка ја извршува и функцијата Заменик Председател на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на Република Македонија.

Еве што изјави за www.lulka.org:

Лулка: Со што се занимава акушерката во текот на работниот ден?

Т. Трајковска: Акушерката има широк дијапазон на  работни задачи зависно од работното место на кое работи. Акушерката според својата едукација и компетенции  е одговорна за негата и грижата за бремената жена, за нејзиниот партнер и семејството како целина. Делокругот на акушерката опфаќа три области, и тоа: антенатална нега и грижа (грижа во текот на бременоста), натална нега и грижа (грижа за родилката во текот на породувањето) и постнатална нега и грижа (грижа за мајката и новороденото по породувањето).

Антенаталната грижа и нега е област во која акушерката како дел од:  патронажниот систем, советувалиштата за бремени жени, гинеколошко-акушерските ординации, антенаталните клиники ( во скоро сите земји на ЕУ) ја следи нормалната физиолошка бременост, дава совети за потребните тестови и анализи во текот на бременоста, дава совети за правилен хигиено- диететски режим во бременоста (исхрана, витамини, одмор, алкохол, дрога, цигари, облека, обувки, патување, сексуални односи, вежби во бременост), ги препознава знаците за отстапка од нормалното и соодветно реагира на истите. Се на се, акушерката дава совети и нега базирани на докази и психофизички ги подготвува бремената жена, нејзиниот партнер и семејството за доаѓањето на новиот член.

Наталната грижа и нега е област во која акушерката ја негува трудницата кај која е отпочнато раѓањето и и помага на истата успешно да го донесе на свет своето новороденче. Исто така, во овој период акушерката ги препознава евентуалните неправилности во текот на породувањето и делува според истите. При инструменталните породувања ( вакуум, форцепс и царски рез) акушерката му асистира на гинекологот за успешно завршување на раѓањето.

Постнаталната нега и грижа започнува веднаш по раѓањето на новороденото и одделувањето од мајката, преку грижа насочена кон мајката и бебето. Тоа се постигнува  преку првична инспекција на новороденото и откривање на неправилности во неговата адаптација кон надворешната средина, мерење на неговата телесна тежина и должина, истовремено водејки сметка за состојбата на мајката преку следење на нејзините витални параметри. Грижата продолжува и на одделот за Rooming-in, каде на родилката и се помага и истата се едуцира за да може успешно да се грижи за своето новороденче (пресоблекување, капење, доење), а истовремено се следи состојбата на мајката и инволуцијата на утерусот (повлекување на матката), видот и количеството на крварење, млечноста на дојките и нејзината психичка состојба.

Лулка: Каква е улогата на акушерката во текот на породувањето?

Т. Трајковска: Во текот на породувањето акушерката се грижи за состојбата на родилката, постојано мониторирајки ги нејзините витални параматри (пулс, дишење, крвен притисок), како и напредувањето на самото раѓање според дилатацијата на цервиксот (отвореноста на грлото на матката). Во исто време акушерката се грижи и за состојбата на плодот, мониторирајки ја неговата срцева акција (отчукување на срцето) со помош на ЦТГ апарат или специјална акушерска слушалка, во текот на првото родилно време. Во овој период од особена важност е правилното насочување на соработката на родилката, како и советите за различните положби и дишењето за олеснување на контракциите, а се со цел резултатот на нивното заедничко патешествие да биде здраво новороденче. Во второто родилно време, насочувајки ги правилно напоните на родилката, акушерката помага што полесно да се донесе на свет новороденчето. Во третото и четвртото родилно време акушерката се грижи за состојбата на родилката, виталните параметри, одлепувањето на постелката, крварењето, како и за состојбата и виталните параметри на новороденчето.

Лулка: Дали начинот на породување влијае на започнувањето на доењето?

Т. Трајковска: Да. Начинот на породување влијае на започнувањето на доењето, во тој контекст што кај спонтано породените отпочнувањето на доењето е со самото раѓање на новороденчето и првиот контакт “кожа на кожа“ со неговата мајка, кога бебето ќе се постави на нејзиното тело. Овој прв контакт може да се искористи за новороденото да ја почувствува градата на својата мајка и првиот подој да биде тогаш или најдоцна половина час по раѓањето на постелката. Кај инструменталните породувања, особено кај царскиот рез, поради анестезијата кај мајката првиот подој се одложува. При тоа, најдоцна шест часа по раѓањето родилката може да го оствари контактот со новороденчето и првиот подој.  

Лулка: Дали трудниците кои се пораѓаат со царски рез можат да ги дојат своите бебиња?

Т. Трајковска: Да. Родилките веќе по шест часа можат да го остварат првиот подој ако се оперирани со општа анестезија. Во современото акушерство се повеќе се применува спиналната анестезија, при која родилката е свесна за време на целиот чин на оперативно породување, и кај таквите родилки, во колку нивната состојба дозволува, првиот подој може да се оствари и порано. 

Лулка: Каква е улогата на акушерката за правилен почеток на доењето?

Т. Трајковска: Акушерката е во непосреден контакт со родилката за време на целиот чин на раѓањето и ја охрабрува родилката да го стави новороденчето на града, но и ја едуцира родилката за важноста на доењето и на мајчиното млеко.

Лулка: Со какви проблеми и потешкотии се среќаваат мајките кога почнуваат да го дојат своето бебе?

Т. Трајковска: Проблемите можат да бидат од страна на мајката и од страна на новороденчето. Од страна на мајката најчесто е неискуството, особено ако се работи за прво дете, загриженоста, недостаток на самодоверба, стрес, замор, немање подршка од семејството и околината, преполнети дојки, болни брадавици, рагади на брадавиците, одложен прв подој, ретки подои, лошо прифаќање на дојката, употреба на шишиња и цуцли, давање на млеко по формула пред првиот подој, како и немање желба за доење. Од страна на новороденчето проблеми можат да се јават доколку новороденото е помало, болно или има неонатална (бебешка) жолтица од која е поспано.

Лулка: Кои се најчестите прашања кои Ви ги поставуваат мајките кога започнуваат да дојат?

Т. Трајковска: Најчестите прашања се околу тоа колку често треба да цица бебето, колку треба да трае подојот, дали има потреба од внесување дополнителни течности (особено во летниот период) и околу правилното поставување на града. Нашите совети се во контекст на ексклузивното доење, т.е. новороденото се дои на негово барање и не треба да се ограничува должината на подојот, затоа што бебето, кога е сито, само ја ослободува градата. Најважна е правилната поставеност на новороденото на града, при што тоа со широко отворена уста треба да ја опфати брадавицата и еден дел од ареолата. Таквата поставеност не е болна за мајката, а за новороденото тоа значи соодветно добивање на млеко. Дополнителни течности кај новороденче кое се дои не се потребни, затоа што мајчиното млеко содржи доволно количество вода. 

Лулка: Кој совет би им го дале на трудниците и младите жени на кои тукушто им претстои задачата на мајчинството, од кое секако составен дел е и доењето?

Т. Трајковска: 

Моите совети  се:

  • Уживајте во периодот на бременоста затоа што е уникатен период во кој во Вашата утроба се развива плодот на Вашата љубов.
  • Сватете го чинот на породување како физиолошки чин по кој на свет ќе донесете едно мало суштество кое ги има најубавите очи, најслатката насмевка и најтоплите рачиња.
  • Уживајте во мајчинството, затоа што таа радост неможат да ја заменат ни најголемите богатства на светот.
  • Дојте ги своите новороденчиња зато што мајчиното млеко е најприлагодениот fast food за бебињата (секогаш достапно, на соодветна температура, стерилно, го штити новороденото од болести, а мајката од карцином на дојката, и пред се, најевтино е). 
  • И за крај, за сите дилеми и проблеми кои ги имате, посоветувајте се со Вашата акушерка, затоа што таа е тука да Ви даде соодветни точни информации, заедно со Вас да го разработи планот за Вашата бременост и породување. Притоа акушерката води сметка никогаш да не биде нарушено Вашето достоинство, да бидат испочитувани вашите желби, интелектуални и етнички потреби, и пред се да Ви пружи современа акушерска нега базирана на докази во било кој период од Вашиот живот.

 

                          Текстот е објавен во рамките на Светската недела на доењето 2011