Текстот кој го објавуваме е дел од документот WBTi Assesment report за Република Македонија. За вториот индикатор Нега според концептот Baby Friendly Hospital (Десет чекори за успешно доење), оцената која ја има Македонија е 1 (еден). Овој индикатор се однесува на процентот на BFHI болници во државата, обуките на персоналот кој работи во болниците за поддршка на доењето, контрола на спроведувањето на десетте чекори на BFHI, постоењето на национален систем за проценка и одржување на стандардот на BFHI.
Извор на информациите:
Оргиналниот извештај може да го погледнете на http://worldbreastfeedingtrends.org/ или на следниот линк: Macedonia Report card 2017 и Assessment report Macedonia. Повеќе информации за севкупниот процес на оценување прочитајте во нашиот претходен текст Проценка на состојбата со доењето во Македонија.
Заклучок од извештајот за WBTi Индикатор 2 - Нега според концептот Baby Friendly Hospital (Десет чекори за успешно доење)
Министерството за здравство на Република Македонија, во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје во 1999 година започна со имплементација на проектот "Иницијатива Болница пријателка на бебињата" - Стандардизација на грижата во породилиштата во Република Македонија. Главната цел на оваа иницијатива беше да се подобри квалитетот на здравствената заштита на мајките и доенчињата во породилиштата, придружено со рехабилитација на објектите, како и обука на вработените во породилиштата и на патронажните сестри. Во текот на обуката беше користен пакетот за обука на СЗО/УНИЦЕФ за советување за доењето. Меѓународни консултанти за доење реализираа ТоТ – обука за обучувачи (40 часа) за формирање на група национални обучувачи, кои ќе спроведуваат обуки за сите здравствени работници кои работат со мајки и деца.
Во рамките на оваа национална BFHI програма (BFHI – Baby Friendly Hospital или Болница пријателка на бебињата), сите родилишта поминаа низ детална проценка од страна на надворешен тим, а од родилиштата се бараше да ги одржат овие стандарди преку годишни ревизии и редовни екстерни проценки. Како резултат на прелиминарното оценување и евалуацијата на родилиштата во однос на спроведувањето на "10-те чекори", која заврши во периодот 1999/2000 година, 25 од 27 родилишта во Република Македонија беа сертифицирани како "Болници пријателки на бебињата".
Фактот дека 87,5% од новороденчињата биле ексклузивно доени веднаш по испишувањето од родилиште (во првите 10 дена) покажува дека мајките успешно ја научиле техниката на доењето уште во болницата, како резултат на подобрената поддршка од персоналот и новата политика за целосно и ефикасно спроведување на 10-те чекори за успешно доење, како стандард за функционирање на BFHI во Република Македонија.
Во 2003 година сите родилишта поминаа низ процес на преиспитување направено од страна на 8 надворешни оценувачи и беа дадени некои препораки за подобрување на практиките, со цел да се задржат BFH стандардите на задоволително ниво, и да може да се спроведе ресертифицирањето. Тогаш, повеќето од породилиштата не ги ажурираа сертификатите за „Болница Пријателка на бебињата“ и беше оставено време да бидат исполнети сите потребни стандарди. Оваа повторна проценка беше поддржана од националната канцеларија на УНИЦЕФ, но не беше воспоставен национален стандарден мониторинг систем за оценување на грижата во родилиштата.
Иако 80% од родилиштата се сертифицирани како „Болница Пријателка на бебињата“ според заедничките стандарди на СЗО/УНИЦЕФ, неодамнешниот преглед на сертифицираните породилишта покажа дека некои од нив не ги одржале бараните услови и нема да бидат препорачани за ресертифицирање доколку останат во нивната сегашна состојба. Главните заклучоци се дека:
- Иницијативата „Болница Пријателка на бебињата“ е сеопфатна програма составена од повеќе компоненти, со која се спроведуваат докажано корисни практики за заштита, промоција и поддршка на доењето. Овој документ идентификува повеќе пречки за реализација на 10-те чекори за успешно доење, чија што идентификација може да помогне за подобро стратешко планирање на активностите за спроведување на иницијативата „Болница Пријателка на бебињата“ во различните здравствени установи.
- Во 1999 година, Министерството за здравство на Република Македонија ја започна програмата „Болница Пријателка на бебињата“ со силна поддршка од страна на Канцеларијата на УНИЦЕФ, при што 80% од породилиштата целосно ги имплементираа сите BFH стандарди. Во последните 5 години не е преземена никаква активност за ревитализација на било кој дел од иницијативата „Болница Пријателка на бебињата“, ниту на индивидуално ниво на болница, ниту на национално ниво. Недостигаат документирани извештаи за било каква активност во врска со иницијативата.
- Во моментов, родилиштата немаат пишан документ која се однесува на промоцијата, заштитата и поддршката на доењето. Недостига процедура за правилно известување за статусот на породилиштата во земјата, во врска со иницијативата „Болница Пријателка на бебињата“.
- Приватизација и големиот одлив на медицинскиот персонал од родилиштата, заедно со недостигот на ресурси за воспоставување на континуиран систем за следење во согласност со политиката на иницијативата „Болница Пријателка на бебињата“како главен столб за квалитетна перинатална и акушерска нега, се главните пречки за долготрајна одржливост на овие принципи во породилиштата.
- Воспоставена е стандардна процедура за релиценцирање, за континуирано стручно усовршување на здравствените работници (доктори на медицина, педијатри, неонатолози и акушери), но пакетот за обука за иницијативата „Болница Пријателка на бебињата“не е вклучен во овој процес.
Недостатоци:
- Недостасуваат стратегии за подобрување на имплементацијата на програмата „Болница Пријателка на бебињата“ и стратегии за проширување на активностите за евалуација на програмата.
- Недостига проценка и реевалуација на практиките на пружање на нега во родилиштата.
- Недостига болнички буџет за самопроценка на сопствените практики за заштита и поддршка на доењето.
- Новоформираната Агенција за акредитација на здравствени установи сеуште нема развиено стандарди за акредитација на родилиштата кои соодветствуваат со иницијативата „Болница Пријателка на бебињата“.
- Во здравствениот систем не постои модел за обезбедување понатамошна одржливост на иницијативи започнати од донатори (УНИЦЕФ).
Препораки:
- Потребни се истражувања за изнаоѓање начин за надминување на бариерите и идентификување на најефективните стратегии за поширока имплементација на иницијативата „Болница Пријателка на бебињата“.
- Реевалуација на сите болници со назнака „Болница Пријателка на бебињата“ и идентификација на сите слабости и јаки страни во процесот на обезбедување поддршка на доењето.
- Идентификација на 5 болници со добри практики за поддршка на доењето при обезбедување здравствена заштита на мајката и новороденото.
- Развивање на акционен план за целосно спроведување на 10-те чекори за успешно доење во споменатите болници.
Превод и уредување: Др Денис Ал Кхалили – Специјалист педијатар
___________________________________________________________________________
* Една од трите главни програмски насоки на Организацијата Лулка е промоција, заштита и поддршка на доењето. Лулка го промовира доењето во Македонија од 2011 година, преку едукација на трудници и доилки, соработка со WABA и одбележување на Светската недела на доењето секоја година.