Текстот кој го објавуваме е дел од документот WBTi Assesment report за Република Македонија. За третиот индикатор Имплементација на Меѓународниот код за рекламирање на замените за мајчино млеко, оцената која ја доби Македонија е 6 (шест). Овој индикатор се однесува на имплементацијата на Кодот во националната легислатива (во законите), контрола на спроведувањето на овие мерки и како Кодот се промовира и почитува.

Извор на информациите:

Оргиналниот извештај може да го погледнете на http://worldbreastfeedingtrends.org/ или на следниот линк: Macedonia Report card 2017 и  Assessment report Macedonia. Повеќе информации за севкупниот процес на оценување прочитајте во нашиот претходен текст Проценка на состојбата со доењето во Македонија

 

Заклучок од извештајот за WBTi Индикатор 3 - Имплементација на Меѓународниот код за рекламирање на замените за мајчино млеко

codebook

Во земјата Кодот не е целосно интегриран во националното законодавство, но постојат одредени одредби кои се вметнати во различни закони и останати релевантни документи. Некои прописи се во сила, во рамки на "Законот за безбедност на храна" во делот кој се однесува на генерално обележување на производите, без посебна одредба за обележување на адаптираната млечна формула. Овој закон вклучува забрана за поставување на информации во врска со хранливоста и здравјето, кои може да ги доведат во заблуда потрошувачите, но и оваа забрана не се однесува конкретно на замените на мајчиното млеко. Следењето на спроведувањето на Законот за безбедност на храната го спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство заедно со Министерството за здравство.

Националниот комитет за доење има стратегија и акционен план за заштита на доењето, на тој начин што сите практики кои ги користат дистрибутерите на замените за мајчиното млеко а кои се спомнати во Кодот се препознаени и не се прифатени.

Министерството за здравство преку Институтот за јавно здравје и преку Заводот за здравствена заштита на мајки и деца креира и дистрибуира едукативни материјали за исхрана на бебиња и деца, а кои се наменети за родителите.

 

Државата има официјална агенција за акредитација на болниците, но сé уште не следи  дали родилиштата ги исполнуваат глобалните препораки и дали се придржуваат кон стандардите за исполнување на 10-те чекори.  

Не постојат официјални податоци за евентуално прекршување на Кодот и на релевантните резолуции во родилиштатата. Претставници на компаниите ги посетуваат здравствените работници (педијатри, медицински сестри и акушерки) и ги промовираат своите производи директно во нивните канцеларии. Промоцијата на замените за мајчиното млеко се одвива за време на конференциите и други стручни настани во кои учествуваат здравствените работници.Рекламирањето на замените за мајчино млеко е исто така застапено во медиумите, таргетирајки ја целокупната публика, која вклучува и семејства со бебиња и мали деца.

 

 

indicator 3 meme no bfing

 

Во минатото (до 2002 година) земјата вложи големи напори за имплементирање на одредбите од Кодот во националното законодавство. Во тој период 25 од вкупно 27 родилишта во земјата беа сертифицирани како „Болница пријателка на бебињата“ (Baby Friendly Hospital) што гарантира целосно спроведување на Кодот. Санитарните инспектори од Министерството за здравство беа обучени за следење на спроведувањето на одредбите од Кодот во процесот на продажба. Дополнително, следење на прекршување  на Кодот беше спроведено и од страна на IBFAN (International Baby Food Action Network). Последните податоци за статусот со имплементација и почитување на Кодот во државата датираат од 2002 година. Нема документирани активности во врска со ова од 2002 година до денес.

 

eyespy code cartoon

 

Недостатоци:

  • Низок степен на информираност кај раководните лица за Меѓународниот Код и останатите релевантни резолуции,  како и нивното значење за заштита и промоција на доењето.
  • Македонија нема закон кој се однесува на Меѓународниот Код, а одредбите поврзани со Кодот вградени во други закони не се доволно видливи за спроведување мерки за соодветен надзор и контрола. 
  • Македонија сеуште не врши контрола на болниците кои се сертифицирани како „Болници Пријателки на бебињата“ за утврдување дали се одржуваат потребните стандарди поврзани со имплементација на Кодот. 
  • Практиките за рекламирање и промоција кои ги користат компаниите за храна за бебиња не се мониторираат соодветно.

Препораки:

  • Активности за градење на капацитетите насочени кон владините претставници, професионалните организации на здравствени работници, компаниите за храна за бебиња и пошироката јавност за креирање на правна атмосфера за почитување на Кодот. 
  • Подобрување на законската рамка  во „Законот за безбедност на храна“, одредбите од законот да бидат поконкретни во врска со мерките за надзор и следење.
  • Подигнување на свеста кај здравствените работници кои се грижат за здравјето на мајките и децата, за важноста на Кодот во унапредувањето и заштитата на доењето кај новороденчињата и малите деца.
  • Воспоставување на процеси за мониторинг и известување за прекршувањата на Кодот.

 

Превод: Николина Дојчиноска (Преводот е изработен на волонтерска основа)

Уредување: Др Денис Ал Кхалили – Специјалист педијатар

 ___________________________________________________________________________ 

* Една од трите главни програмски насоки на Организацијата Лулка е промоција, заштита и поддршка на доењето. Лулка го промовира доењето во Македонија од 2011 година, преку едукација на трудници и доилки, соработка со WABA и одбележување на Светската недела на доењето секоја година.

 

 

Code Quick guide