Текстот кој го објавуваме е дел од документот WBTi Assesment report за Република Македонија. За четвртиот индикатор Заштита на мајчинството, оцената која ја доби Македонија е 6 (шест). Овој индикатор се однесува на должината на породилното отсуство, паузите за доење во тек на работното време, законските мерки за поттикнување на фирмите да го прилагодат работното место кон потребите за доење и за грижа за доенчиња и мали деца, како и ратификација на Европската легислатива за труд (ILO MPC No 183).

Извор на информациите:

Оргиналниот извештај може да го погледнете на http://worldbreastfeedingtrends.org/ или на следниот линк: Macedonia Report card 2017 и  Assessment report Macedonia. Повеќе информации за севкупниот процес на оценување прочитајте во нашиот претходен текст Проценка на состојбата со доењето во Македонија

 

Заклучок од извештајот за WBTi Индикатор 4 - Заштита на мајчинството

WBTi cover

Прашањата и правата за вработување воглавно се регулирани со Законот за работни односи на Република Македонија. Според Законот за работни односи на Република Македонија, на работодавачот  му е забрането работникот или кандидатот за работа  да го стави  во нееднаква положба поради расно или етничко потекло, боја, пол, возраст, здравствена состојба или попреченост, верски, политички или други убедувања, членство во синдикат, национално или социјално потекло, семеен статус, економски статус, сексуална ориентација или други лични околности. Постои посебен член во законот (член 9), кој ги штити од дискриминација  „жените кои се бремени, во текот на породувањето и родителството“.

Работодавачот е обврзан да им обезбеди на бремените жени и на оние кои дојат безбедна работна средина; кога работодавачот е информиран дека работничката е бремена, тој е должен да ги процени здравствените ризици и да спроведе мерки кои ќе ја заштитат од повреда (член 41). 

Во однос на безбедноста на работното место, работодавачот не смее да отпушти работник „за време на бременост, породување и родителство“ (член 101).

Во согласност со законот, во текот на бременоста и една година по породувањето, доколку  работните обврски на работничката може негативно да влијаат на нејзиното здравје или на здравјето на детето, работодавачот е должен да и обезбеди друга работа и плата ако е поповолна за неа (член 161). 

Во врска со должината на обезбедено платено отсуство од работа, работодавачот е должен да и обезбеди на работничката во текот на бременоста, раѓањето и родителството платено отсуство од работа во траење од девет последователни месеци.  Ако работничката роди повеќе од едно дете (т.е. близнаци, тројки или повеќе), породилното отсуство трае 15 месеци (член 165).

 

BreastfeedingWeek2016 restaurant

 

Мајките кои користат породилно отсуство за бременост, породување и родителство, или отсуствуваат поради грижа за дете, имаат право на надомест. Ако вработувањето на работникот е прекинато поради истекот на договорот за работа на определеното време,  користењето на надоместокот поради бременост, породување и родителство продолжува и по истекот на договорот. На работодавачот му е забрането да го прекине договорот за работа  на работникот кој остварува право на породилно отсуство. 

На крајот на породилното отсуство, работникот има право да се врати на истата работа или, ако тоа не е можно, на  соодветна позиција според договорот за вработување. Ако работникот се врати на работа пред крајот на породилното отсуство, работникот има право на плата од работодавачот, како и 50% од утврдениот надоместок.

Според законите, по завршување на породилното отсуство, откако мајката  доилка ќе се врати на работа со полно работно време, има право на платена пауза за доење во времетраење од час и половина. Мајката има право на  платена пауза за доење во првата година по раѓањето на своето дете (член 171).

 

 

lactation toolkit image

 

Нема докази за тоа колку мајките се информирани за ова право и во колкава мера го користат, но се проценува дека особено во приватниот сектор, тие се плашат да инсистираат на ова право. Таткото има право на  платено татковско отсуство во времетраење  од седум работни дена поради раѓање на дете. Татковците имаат право да користат татковско отсуство само ако мајката не го користи правото на породилно отсуство. И покрај законот кој го допушта тоа, многу малку татковци го користат правото на татковско отуство поради традиционалните норми.

Сепак, и покрај законодавството кое го поддржува мајчинството, моменталните стапки на доење покажуваат дека недостатокот на поддршка на работното место е значајна бариера за многу  мајки кои одат на работа.

 

Nursing area sign 

Недостатоци:

  • Мајките не се доволно информирани за своите законски права во однос на  паузите за доење, па  ретко пријавуваат прекршување на ова право и веруваат дека пријавувањето нема да има ефект, особено во приватниот сектор тие не инсистираат на своите права бидејќи стравуваат  од санкции.
  • Во законодавството не  е јасно  дефинирано дали работодавците се должни да обезбедат просторија за доење/измолзување на мајчино млеко. Нема соодветни услови за доење или измолзување на мајчино млеко на работното место, што е главна причина зошто мајките не продолжуваат со доење кога ќе се вратат на работа.
  • Компаниите/менаџерите не се доволно информирани за тоа колку се важни потребите на вработените кои дојат, ниту за придобивките кои ваквата политика може да ги донесе за вработените и за компанијата.

Препораки:

  • Креирање на кампања за законските норми за заштита на мајките кои работат и на бремените жени.
  • Подобрување на законодавството во насока на обезбедување работно место во кое мајките може да продолжат со доењето, сè додека и мајката и бебето тоа го сакаат. Одредбите од Законот за работни односи треба да им наложат на сите работодавачи да обезбедат соодветни услови за доење или измолзување на мајчино млеко, како соба за доење.
  • Подигнување на свеста кај работодавачите за важноста од креирање политики кои го поддржуваат доењето и создавање култура на поддршка на работничките кои дојат, како дел од корпоративната општествена одговорност.
  • Овозможување флексибилно планирање на работните обврски, со цел навремено измолзување на мајчино млеко во тек на работниот ден;
  • Обезбедување градинка на работното место или во близина на работното место;

 

Превод: Николина Дојчиноска (Преводот е изработен на волонтерска основа)

Уредување: Др Денис Ал Кхалили – Специјалист педијатар

 ___________________________________________________________________________ 

* Една од трите главни програмски насоки на Организацијата Лулка е промоција, заштита и поддршка на доењето. Лулка го промовира доењето во Македонија од 2011 година, преку едукација на трудници и доилки, соработка со WABA и одбележување на Светската недела на доењето секоја година.