Маја Андоновска Илиевски – Актерка во НУ Народен театар-Битола го сподели со нас искуството со доењето на своето бебе. Иако доењето траело само четири месеци, таа вели дека и тие четири месеци многу и значеле, бидејќи бебето одлично напредувало. Според Маја, нема ништо поубаво од тоа да го доиш своето бебе кога тоа сака, каде сака и колку сака.

 

Sliki Maja 3

 

Кажете ни нешто повеќе за вашата бременост и породување?

Бременоста ја поминав исполнета со енергија и многу лесно. Можеби звучи клише, но навистина беше еден од најубавите периоди во мојот живот, чувството дека во себе носиш нов живот е неповторливо. Одев на јога за трудници сите 9 месеци, и тоа мислам дека ми помогна многу да имам леснo породување. Се породив во болницата Плодност во Битола, каде се погрижија добро да ме подготват за се она што следи.

Дали во текот на бременоста се информиравте околу доењето ?

Да, посетував мајчина школа, во која ги добив сите основни податоци и информации околу негата на детето и околу доењето.

Дали добивте поддршка за воспоставување на доењето во болница?

Да. Во болницата Плодност направија се што е потребно да почнам да го дојам моето бебе, ми обрнуваа внимание, ме подучуваа која е најдобра позиција за бебето да биде хрането правилно, и се потрудија да бидам подготвена за кога ќе си заминам од болница да имаме воспоставен режим на исхрана.

 

Sliki Maja 4

 

Дали вашето искуство со доењето е позитивно? Што за Вас претставува доењето?

Моето искуство со доењето за жал траеше прекратко, бидејки околу четвртиот месец останав без млеко, иако на почетокот млеко имав премногу што дури и се одмолзував. Мислам дека нема ништо поубаво од тоа бебето да може што подолго да цица од својата мајка, млекото е имунитет кој го  внесува преку храна, и го штити доенчето од многу вируси. Но сепак, и тие четири месеци ни вредеа многу, бидејки мојот син напредуваше убаво.

Дали добивавте поддршка од вашето семејство во однос на доењето?

За доењето и околу него добив многу совети и од мајка ми и свекрва ми, кои ме советуваа цело време, посебно во периодот кога млекото почна да ми се намалува, па направија се со помош на течности и чаеви да ја зголемиме лактацијата.

 

Sliki Maja 1

 

Дали кога би имале второ дете би го доеле? Што би промениле во однос на доењето за разлика од првото дете?

Се разбира дека ќе го дојам, се додека имам млеко. Навистина нема ништо поубаво од доење посебно во првите месеци од животот на бебето. А она што од дистанца го сметам за своја грешка и не би ја повторила е, советите кои ги добивав на здраво дете, каде го носев моето дете за следење на развојот, и заради кои потајно верувам дека останав без млеко. Бидејки ме караа дека бебето сум го здебелила повеќе отколку што треба, ме советуваа да ги намалам минутите на доење, па со намалувањето на времетраењето на подојот, за жал, млекото се намали и останав без него. Она што како совет би го дала на младите мајки особено прворотките како мене би бил, дојте секогаш, секаде кога бебе сака и дојте го колку што сака.

Дали доевте во јавност?

Да, бидејки бебето не прашува каде си и со кого. Едноставно знае дека е гладно, а тоа е најважното нешто на свет. Со себе си носев марама со која ќе се покриев, доколку имаше потреба да го дојам некаде јавно место.

 

Sliki Maja 2

 

 

Што мислите, кога е идеално време за престанување со доење?

Незнам кој одговор би бил точен на ова прашање, но верувам дека секоја мајка и дете си имаат свој биолошки часовник кој го кажува своето време. Нема правилно и погрешно. Се е правилно.

Каков совет би дале за идните мајки кои треба да дојат?

Она што како совет би го дала на младите мајки, особено прворотките како мене би бил, дојте секогаш, секаде кога бебе сака и дојте го колку што сака.

 

ЛОГО