Николина Дојчиноска е мајка од Скопје која го дои своето тримесечно бебе. Во текот на бременоста посетувала работилници за доење и породување, што значително и го олеснило целиот процес. Според Николина, доењето е исконска поврзаност помеѓу мајката и бебето. „Многу е моќно како природата го извела сето тоа. Пријатно чувство, доењето овозможува зближување на мајката со бебето“ - вели таа.

 

Sliki Nikolina 2

 

Кажете ни нешто повеќе за вашата бременост и породување?

Имав релативно лесна бременост, со малку мачнини, вообичаена поспаност и промени во расположение. Бев прилично активна во текот на целата бременост, работев до деветиот месец без никаков проблем. Се породив во државна болница со царски рез од медицински причини, откако беше поминат терминот. Имав пријатно искуство во однос на целиот процес.

Дали во текот на бременоста се информиравте околу доењето?

Да, со оглед на тоа што за бременост, доење и детска грижа дотогаш имав оскудни информации. Ама како велат, се во свое време... хахаПа така, освен од разговори со пријателки мајки и гуглање, одев на неколку работилници за доење, породување и сл, кај вас во Лулка :) И секако се стекнав со потребните информации околу доењето.

 

breastfeeding facts

 

Дали добивте поддршка за воспоставувањето на доењето и лактацијата во болница?

Да, ми го носеа бебето со цел да пробаме да воспоставиме контакт, сестрите проверуваа дали имаме млеко и ни го “местеа” бебето за како најбрзо “да фати” да цица. И покрај негативните коментари кои ги имав слушнато за персоналот во државна болница, јас бев пријатно изненадена.

Дали вашето искуство со доењето е позитивно? Што за Вас претставува доењето?

Апсолутно. Како и речиси секоја доилка на почетокот имавме проблем додека бебето не се навикне да цица правилно, со тоа што имав болки при цицање. Но употребив силиконски брадавици (одлуката ја донесов сама врз основа на претходните информации за доење) со цел да не дојде до разранување, па за една недела ги тргнав, а бебето веќе си имаше стекнато навика.  Доењето, според мене е исконска поврзаност меѓу мајката и бебето. Многу е моќно како природата го извела сето тоа, за бебето да може да опстои и се храни со помош на мајката. Пријатно чувство, доењето овозможува зближување на мајката со бебето.

 

best breastfeeding tips 313x207

Дали добивате поддршка од вашето семејство во однос на доењето?

Па да, ако се смета дека на секој подој сопругот ми носи по две чаши вода... хаха. Шала на страна, имав потполна поддршка за време на целиот процес од бременост до доење. Многу е важно мајката да биде смирена и релаксирана за да се лачи окситоцинот кој ја поттикнува лактацијата. Сопругот активно се вклучи во помагање со домашните обврски, околу негата на бебето, заеднични прошетки и разговори...

Дали доите во јавност?

Да, но не често. Доколку детето има потреба секако дека ќе го надојам. Иако забележувам дека оваа тема е прилично табу во нашава земја. Сметам дека нема ништо страшно ни срамно, напротив треба да се поддржува.

 

Sliki Nikolina 1

 

Што беше пресудно да продолжите да го доите  вашето бебе?

Бебето сега е нецели 3 месеци, така што сеуште се доиме. На прво место би ја ставила мојата поставеност, смиреност и посветеност да дојам. На второ место, самото бебе очигледно си ја знае работата :), како и сите бебиња се раѓаат со тој инстикт за цицање и ја поттикнуваат лактацијата. Додека на трето место и не најмалку важно е мојата претходна информираност околу доењето и поддршката од најблиските.

Што мислите, кога е идеално време за престанување со доење?

Па, според мене нема идеално време. Зависи од мајката и бебето, како ќе одлучат во однос на околностите. Според мене оптимално време е околу една година. Сега е тренд да се поттикнува доењето до подоцна, но сметам дека нема потреба. Понекогаш кога ќе слушнам мајка го доела своето бебе до речиси третата година, мислам дека се работи за натпревар која е подобра мајка, која подолго доела.  Можеби овој одговор ќе наиде на низа отпори од страна на мајките, но тоа е мое мислење. Со продолженото доење му правиме лоша услуга на детето на психолошки план со што го одложуваме неминовното раскинување на симбиозата меѓу мајката и бебето.

Каков совет би дале за идните доилки, како мајка доилка?

Да доите! :) Верувам дека е точно тоа дека нема мајка што нема млеко, не постои јако и слабо млеко. Млеко си е млеко, бидете упорни, барајте поддршка. Денес барем имаме повеќе избори и начини, консултирајте се со доктори, педијатри, патронажни сестри, невладини, со најблиските и сл. Секако проверете ги сите информации и применете го само тоа што ви е прифатливо.

 

ЛОГО