Ребека Јанковска – наша позната музичка ѕвезда и мајка која ги доела своите три деца, од кои две близнаци, вели дека породувањето е најприродното чудо на светот. Мајките кои чекаат близнаци се благословени. Ребека брзо успеала да ги дои двете бебиња истовремено, а голема поддршка и помош имала од нејзината мајка и од свекрвата.

 

Rebeka 1

 

Дали вашето искуство со доењето е позитивно? Што за Вас претставува доењето?

Доењето е едно од моите најубави животни искуства.  Доењето е привилегија на мајките и тоа е еден прекрасен ритуал на хранење на бебето и посебен чин на поврзување.  Чувството не би можела во потполност да го опишам со зборови. Кога ќе се присетам, морници ми поминуваат.  Фактот дека во моето тело се случува нов природен процес кој произведува храна и низ моите гради истекува млеко за моето дете, на почетокот  беше за мене како и за секоја мајка ново и волшебно доживување. Допирот на лицето на бебето до телото на мајката,  мирисот на бебето, очињата кои ве гледаат и ве галат, а вие тонете и заборавате на сите проблеми од секојдневието и се поврзувате само вие (мајка и дете), се преобразувате во ЕДНО како во бајките.  Не само што бебето е зависно од доењето туку и вие станувате зависник од тој единствен, незаменлив чин.

Кажете ни нешто повеќе за вашата бременост и породување? 

Првата бременост со Маркијан ја поминав буквално, со песна. Пеев и настапував до осмиот месец од бременоста. Истерав и една турнеjа, снимив песна и видео за песната Однеси ме, правев свадба во 5-тиот месец и патував во Турција (Кушадаси) со кола и при тоа возев. Уживав во секој миг. Се породив со +12 кг во 40-та недела, природно, во Клинички центар. Породувањето беше многу тешко и траеше 12 часа. Ме породи Др. Сашо Јовчевски. Маркијан беше најубавото бебе. Втората бременост со близнаците (Макариј и Доротеј), беше сосема ново доживување. На почетокот мислевме дека имаме едно бебе, за да во 8-та недела кај Др. Ина Станкова дознаеме дека имаме уште едно. Пресреќни бевме со Мики. Малку исплашени поради горкото искуство со Маркијан кој е дете со ретка болест, секој ден Му благодарев на Бога што не благослови со уште две дечиња. До 6-тиот месец функционирав нормално, но потоа се потешко се движев и се будев додека спиев на секој час. Внимавав да бидам на левата страна свртена исто колку и на десната, ни минута повеќе, ни минута помалку. Во 33-тата недела еден од овие момци ми го пукна водењакот и лежев на патолошка бременост една седмица, и за среќа продолжив уште скоро  две недели дома. Доротеј и Макариј се родија со царски рез. Ме породи Др. Горан Кочовски. На двете породувања присуствуваше мојот сопруг и многу ми значеше неговото присуство. Вториот пат направивме и видео запис на кој остана забележана нашата неизмерна среќа и моето пеење на сред породување. Децата ги пречекав со „Тwinkle twinkle little stars„. Доколку ме прашате како би се породила повторно, секогаш би избрала природен пород. Во моментот на царскиот пораѓај е се безболно и безгрижно, но заздравувањето е мачно. Се работи за сериозна операција. Царскиот пораѓај треба да биде исклучок, а не пракса.

 

Sliki Rebeka 3

 

Дали знаевте нешто за доењето пред да се породите? Дали добивте информации за доењето во текот на бременоста?

Искуството на мајка ми и начинот на кој што ми раскажуваше за доењето беше тема која уште како девојче ме интересираше. Се понатаму што читав и дознавав беше љубопитност. 

Дали имавте проблеми на почетокот на доењето и ако имавте, како ги надминавте?

Секако дека имав проблем, но краток период од 10-тина дена на почетокот, и кога му пораснаа првите запчиња на Маркијан. Ме болеше, но болката е издржлива. Имав и рагади, но со редовна хигиена и мачкање на соодветен восок (крема), се поминува брзо.

 

Sliki Rebeka 2

Што ќе ни кажете за доењето на близнаци генерално, како се снајдовте со оваа, на некој начин „дупла“ обврска?

По породувањето едвај чекав да ми ги донесат да ги дојам и чекав, чекав... По 18 часа чекање градите веќе полни со млеко, а близнаците се уште ненадоени. Почнав да плачам и да барам  одговор од сестрите и докторите, за да добијам одговор дека на гинекологија нема доволно персонал за да ми ги носи децата на подој. Во тој момент се заканив дека ако не ми ги донесат на доење децата, ќе свикам прес конференција. Не можев да поверувам дека родилките, мајките не можат да си ги дојат своите деца затоа што нема доволно сестри и нема соодветни услови за измолзување, соба за доење!? Потоа плачев уште повеќе и за останатите жени. По мојата реакција почнаа да ми ги носат близнаците едно по едно на секои два часа. За среќа по неколку месеци таа состојба на клиника се надмина. До 40 дена беа само на моето млеко, за да потоа со препорака на лекар-педијатар ги дохранував со вештачко млеко.  По 3-тиот месец ги доев во исто време двајцата на познатата перница во форма на потковица. Ги доев до 6 месеци за разлика од Маркијан кој го доев 22 месеци.  Првите три месеци ноќите беа најтешки, зашто на секое доење се будеше и стануваше и Маркијан и седнуваше поспан до мене, чекајќи да завршат бебињата со папање и да ме гушне за да не ме земат. Интересно и во исто време напорно. Среќа е што ги имав на смени мајка ми и свекрва ми, без кои тешко дека ќе успеев да направам баланс помеѓу близнаците и Маркијан.

Дали добивте поддршка за воспоставување на доењето и лактацијата во болница?

Да, добив поддршка во првите денови и за тоа сум неизмерно благодарна на медицинските сестри од Гинекологија при Клиничкиот  Центар. Нивната помош, однос и поддршка нема никогаш да ги заборавам.

Дали патронажна сестра Ви даде поддршка за доењето дома и колку Ви значеше таа поддршка?

Таа помош е од големо значење за мајките кои се сами, но во Македонија е во многу мал обем и посетите треба да бидат почести.

 

Sliki Rebeka 4

 

Дали добивате поддршка од вашето семејство во однос на доењето ?

Од сопругот, многу чаши вода, сокови и удобна фотеља, а од мајка ми и свекрва ми помошта и советите беа непроценливи. Инаку секогаш доев во седечка положба  за да можам да останам будна за време на целиот процес, посебно навечер.

Дали доите/доевте во јавност?

Со Маркијан често патувававме на разно разни испитувања и прегледи и секако го доев и во јавност.  Во Скопје најчесто, кога излегував, се шетавме во Рамстор и долу во кола, во гаражата не ретко го доев. Тогаш никаде немаше соба за мајка и бебе. Близнаците ги доев во домот или кај најблиските и пријателите. Во јавност не доев, бидејќи луѓето ме препознаваат секогаш и јас не се чувствував пријатно. И ден денес недостасуваат соби за доење низ Скопје и низ Македонија.

Што мислите, кога е идеално време да се престане со доењето?

Не постои идеално време. Се е многу релативно. Зависи од многу фактори. Но сметам дека барем до една година треба да се дои детето, освен кога станува збор за близнаци. Кога доите две деца и едно не е исто. Најголем проблем е што во вашите гради нема доволно млеко за две деца (тоа претпоставувам не е искуство кај сите), но е најчесто.

Каков совет би им дале на идните мајки кои допрва треба да се породат и да дојат?

Породете се природно ако имате услови, и не се плашете од породувањето – најприродното чудо на светот! Никогаш не се колебајте дали да доите или не. Дојте го вашето дете, чувството е прекрасно!

А, каков совет би им дале на идните мајки кои чекаат близнаци?

Не сте свесни колку сте благословени. Спремете се за добар менаџмент и бидете спремни за многу станувања и легнувања. Се е по 2 пати, нели?! Многу е важно да ги заспивате и храните близнаците во исто време. Вашата смиреност и контрола над новата состојба во домот ќе биде спокој, ред и мир во нивниот живот.

 

 

ЛОГО