Пандемијата со COVID-19 е раширена во сите држави низ целиот свет, а ние сме загрижени за најранливите групи на пациенти, затоа што би можеле да бидат изложени и на најголем ризик. Ви ги презентираме најзначајните информации за породувањето во време на пандемија со КОВИД-19, во форма на најчесто поставувани прашања и одговори за влијанието на КОВИД-19 врз здравјето на мајките и бебињата.

 

1. Поради кризата со COVID-19, дали е подобро ако породувањето се изврши дома?

Најбезбедното место за да се породите сеуште е болницата, центар за породување во рамки на болница или акредитирано родилиште, според American College of Obstetricians and Gynaecologists (ACOG). Сепак, важно е да се избегнат сите ризици по здравјето на мајката и бебето, особено додека постои висок ризик да се добие COVID-19. Секоја жена има право да одбере каде ќе се породи. Затоа, најважно е да разговарате со Вашата акушерка/медицинска сестра или гинеколог во врска со Вашите планови за породувањето и за евентуалните грижи кои ги имате. Тие се запознаени со Вашата состојба и може да Ви дадат важни насоки и совети.

(Source: ACOG)

 

2. Дали трудниците кои се суспектни или со докажан COVID-19 треба да се породат со царски рез?

Светската Здравствена Организација (СЗО) советува царскиот рез да се врши само доколку има медицинска оправданост за тоа. Начинот на породување треба да биде индивидуална одлука која се заснова на желбата на жената и во соодветство со акушерските индикации.

(Извор: WHO)

 

3. Дали е можно да му пренесам COVID-19 на моето бебе во текот на породувањето?

Нови откритија покажуваат дека како вагиналното, така и породувањето со царски рез носат низок ризик за пренос на SARS-Cov-2 (вирусот кој предизвикува COVID-19) од мајката на бебето. По породувањето, новороденото е осетливо на пренесување на вирусот од друго лице. Доењето е безбедно за мајките кои се позитивни на COVID-19 и е поддржано со упатствата на СЗО. Се препорачуваат мерките за заштита од вирусот, како што се носење маска и миење на рацете.   

Ивори: WHO; BJOG; ANZJOG

  • World Health Organization. (2020). Clinical management of severe acute respiratory infection (SARI) when COVID-19 disease is suspected: interim guidance, 13 March 2020(No. WHO/2019-nCoV/clinical/2020.4). World Health Organization.
  • Ferrazzi, E. et al. (2020). Vaginal delivery in SARS‐CoV‐2‐infected pregnant women in Northern Italy: a retrospective analysis.BJOG: An International Journal of Obstetrics & Gynaecology. https://doi.org/10.1111/1471-0528.16278
  • Lowe, B., & Bopp, B. (2020). COVID‐19 vaginal delivery–a case report.Australian and New Zealand Journal of Obstetrics and Gynaecology. https://doi.org/10.1111/ajo.13173

 

4. Ако жена позитивна на COVID-19 се пораѓа предвремено, дали може да има одложено клемување на папочната врвка?

Според Светската Здравствена Организација (СЗО), има многу мала веројатност одложеното клемување на папченикот да го зголеми ризикот за пренесување на вирусот од мајката на фетусот, дури и доколку мајката е заболена.

После породувањето, мајката која има активна болест со COVID-19 може да го пренесе вирусот на нејзиното новороденче преку близок контакт. Од досегашните сознанија, крвта од папочната врвка не содржи COVID-19, дури и доколку мајката е болна во моментот на породување, па затоа одложеното клемување би требало да е изводливо.

Организацијата American College of Obstetricians and Gynaecologists (ACOG) ги дава следните препораки:

Одложеното клемување на папченикот е сеуште безбедно доколку за персоналот е достапна соодветна лична заштитна опрема. Иако некои експерти се изјаснуваат против одложено клемување на папченикот, доказите се базираат на лично мислење. Моменталните препораки засновани на докази за одложено клемување на папченикот треба и понатаму да се следат, се додека не се појават нови сознанија кои би довеле до промена на практиките.

(Извори: The Lancet, ACOG)  

 

5. Во текот на породувањето – ако еден од родителите е инфициран со COVID-19, какви заштитни мерки треба да се преземат за целото семејство?

Важно е да се знае дека правилата може да се разликуваат од една до друга држава, па дури и од една до друга болници. Идните родители треба да разговараат со медицинскиот тим и да прашаат како да се однесуваат во текот и по породувањето, и да донесат заедничка одлука.  

Важно е да имате во предвид дека главна цел на медицинскиот тим е соодветно да се заштити себе си и другите пациенти, со што ќе се избегне ширењето на вирусот и ќе се намали ризикот за инфекција.

Еве кои мерки треба да се преземат:

  • Ако бремената жена која раѓа е инфицирана, нејзиниот придружник може да ја придружува во родилната сала, заштитувајќи се себе си од инфекција со носење на соодветна заштитна маска и облека
  • Ако само придружникот е инфициран, тој/таа нема да смее да присуствува на породувањето (едноставно за да се намали ризикот од пренесување на инфекцијата); Иако ова може да изгледа тешко прифатливо, оваа мерка е важна за да се заштитат сите луѓе инволвирани во процесот на раѓање.
  • Ако двајцата родители се инфицирани, повеќето болници во светот сепак би се обиделе да го намалат ризикот од ширење на болеста и не би дозволиле позитивниот придружник да присуствува на раѓањето.

Земете во предвид дека овие мерки се преземаат за заштита на пациентите, на медицинскиот тим, како и за заштита на идната мајка, бебето и семејството.

После испис од болница, треба стриктно да се придржувате до препораките за одржување на хигиена препорачани од СЗО и УНИЦЕФ, и да се избегнува близок контакт со членови од семејството (се додека заболената личност може да го шири вирусот по капков пат или преку близок контакт). 

Се чини невозможно родителите да не дојдат во близок контакт со нивното новородено бебе. Во најголем број од случаите може да не биде оправдана препораката бебето да престојува во засебна просторија за да се намали ризикот од пренесување на инфекција на бебето. Освен ако еден член од семејството е потешко болен (во кој случај секако заболениот би бил префрлен во болница). Ако мајката или партнерот се позитивни на COVID-19, тогаш таа/тој треба да го ограничат контактот со бебето колку што е можно повеќе и да практикуваат строги хигиенски мерки.

Во некои држави се спроведува патронажна посета во домот од страна на акушерка или друг медицински професионалец, па во тој случај Ве молиме информирајте го за Вашиот статус и разговарајте за начинот како ќе ја реализираат таа и следните посети.

(Извор: ACOG)

 

Забелешка: Информациите последен пат се ажурирани на 24.09.2020 година.

 

Повеќе вакви прашања и одговори за здравјето на мајките и бебињата

Бременост во време на COVID-19

Доење и употреба на донирано мајчино млеко во време на COVID-19

Неонаталната интензивна нега (NICU) во време на COVID-19

Отпуштање од болница и следење на состојбата во време на COVID-19