Пандемијата со COVID-19 е раширена во сите држави низ целиот свет, а ние сме загрижени за најранливите групи на пациенти, затоа што би можеле да бидат изложени и на најголем ризик. Ви ги презентираме најзначајните информации за доењето и употребата на донирано мајчино млеко во време на пандемија со КОВИД-19, во форма на најчесто поставувани прашања и одговори за влијанието на КОВИД-19 врз здравјето на мајките и бебињата.

 

1. Дали жените со COVID-19 може да дојат?

Светската Здравствена Организација (СЗО) препорачува жените со КОВИД-19 може да дојат ако тоа го сакаат, бидејќи доењето е многу важно за здравјето на бебето. Доењето штити од респираторни и гастро-интестинални болести, ја спречува неухранетоста и ја намалува смртноста. Ова се мерките на претпазливост кои треба да ги преземете:

  • Практикувајте респираторна хигиена за време на хранењето, носете маска доколку имате
  • Мијте ги рацете пред и по допирање на бебето
  • Редовно чистете ги и дезинфицирајте ги површините кои можеби сте ги допреле

(Извор: WHO, SFC)

 

2. Што доколку јас имам COVID-19 и не се чувствувам способна директно да го дојам моето бебе? Што може да сторам во ваква ситуација?

Според Светската здравствена организација (СЗО) жените кои не се чувствуваат добро и не можат да го дојат своето бебе поради COVID-19 или други компликации, треба да имаат поддршка за безбедно да обезбедуваат млеко за нивното бебе на, за нив, возможен, достапен и прифатлив начин. Ова може да се направи со:

  • Измолзување на млеко
  • Релактација
  • Донирано мајчино млеко 

Важно е да знаете дека донираното мајчино млеко вообичаено е резервирано за предвреме родени бебиња кои се во болница или во некои случаи за бебиња кои имаат потешка болест на системот за варење. Затоа, ако Вашето бебе не спаѓа во овие категории, во тој случај адаптираното млеко е најдобриот избор, сметајќи дека ваквата сосојба сепак ќе трае само неколку дена.

(Извор: Larsson Rosenquist Foundation)

 

3. Јас сум одвоена од моето бебе поради пандемијата со COVID-19. Сепак, јас сеуште сакам да му обезбедам мајчино млеко на моето бебе. Што можам да направам?

Постои опција да користите пумпа за измолзување. Прашајте ја акушерката или консултантот за доење да Ви помогне, може да Ви обезбедат информација како да набавите сет за измолзување, како да го користите и како да го одржувате чист (и тука подолу може да најдете информација за тоа како да ја чистите и дезинфицирате Вашата пумпа за измолзување). Редовно прашувајте ги здравствените работници, за тоа дали се отворила можност директно да го доите вашето бебе. Јадете соодветно и пијте доволно течности, за да ја помогнете продукцијата на мајчино млеко.

 

4. Мојата сопруга оди на одделот да го дои нашето бебе – на кој начин може да и помогнам?

Научете повеќе за доењето, за да знаете со какви предизвици може да соочи Вашата сопруга (на пример воспалени и разрането брадавки или побавно ослободување на млекото) и охрабрете ја кога ќе има потреба за тоа. КОнтактирајте ја акуперката или медицинската сестра и побарајте поддршка за доењето, може да добиете многу корисни совети. Разговарајте за тоа како обајцата се чувствувате и внимателно слушајте го другиот додека зборува. Погрижете се Вашата сопруга да јаде и пие доволно и редовно. Ве молиме да се погрижите и за останатите обврски во домот, за да може Вашата сопруга да се одмара. Внимавајте и на Вашето и на менталното здравје на Вашата сопруга. Се справувате со многу предизвици во овој период, па воопшто не е срамота да побарате помош доколку Ви е потребно.

(Извор: NCT)

 

5. Како да го чистам мојот сет за измолзување?

Особено е важно како ќе го чистите сетот за измолзување после секоја употреба. Следете ги овие чекотри, според препораката на Larsson Rosenquist Foundation:

  • Измијте ги рацете со топла вода и сапун или дезинфицирајте ги со алкохолен раствор за раце пред да започнете со измолзување и пред да манипулирате со деловите од сетот за измолзување.
  • Погрижете се сетот за измолзување да биде колку што е можно почист; Измијте го сетот со вода и сапун/средство за миење после секое користење, па исплакнете го со чиста вода, потоа оставете го да се исуши на воздух, понастрана од другите садови и на место каде што другите членови од семејството нема да може да ги пипаат деловите од сетот.
  • Чистете го сетот барем еднаш дневно во микробранова печка со пареа, со вриење во сад на шпорет или во машина за садови (Sani-cycle тип на миење).
  • Внимавајте да не кашлате или кивате на сетот за измолзување или на шишињата и чашките за собирање и чување на млекото; Ова е особено важно бидејќи COVID-19 се шири преку кашлање, кивање и дишење.
  • Чистете ја и пумпата за измолзување однадвор пред да ја користите; Без разлика дали сте дома или во единицата за неонатална интензивна нега (NICU), користете антимикробни марамчиња за бришење на пумпата секогаш кога ќе ја користите.

(Извор: Larsson Rosenquist Foundation)

 

6. Сакам да донирам мајчино млеко. Дали ова е сеуште можно?

Ако има банка за мајчино млеко во Вашата болница или во државата, и таа обезбедува мајчино млеко во тек на актуелната пандемија на COVID-19, тогаш веројатно донирањето е значајно и многу потребно. Разговарајте на оваа тема со Вашата акушерка или советник за доење. Дополнително, може да разговарате со банката за мајчино млеко или со соодветната асоцијација на банки за мајчино млеко за да дознаете повеќе за следните чекори кои треба да ги преземете.

Забелешка: Во многу региони во светот има организации за доење или донирање на мајчино млеко, кои соработуваат со банките и може да Ви обезбедат соодветни информации за правилата за донирање на мајчино млеко, како на пример European Milk Bank Association или Human Milk Banking Association of North America.

 

7. Јас немам доволно млеко за моето бебе. Докторите препорачуваат донирано мајчино млеко за моето предвреме родено бебе. Дали донираното мајчино млеко е безбедно и во вакви услови или подобро е да изберам адаптирана млечна формула?

Донираното мајчино млеко сеуште е безбедна опција и најдобра алтернатива на доењето. Банките за мајчино млеко темелно ги испитуваат донорите и го пастеризираат донираното мајчино млеко. Ако во Вашата земја нема банка за мајчино млеко, адаптираната млечна формула доаѓа како трета опција, после доењето и давањето на донирано мајчино млеко од банка за мајчино млеко. Доколку е возможно, адаптираното млеко за бебето треба да го подготвува здрава возрасна индивидуа. Обидете се да го ограничите бројот на луѓе кои го хранат бебето, за да се намали можноста за пренесување на инфекција. Ако Вие, вашиот партнер или некој кој вообичаено се грижи за бебето се разболе, на новиот негувател објаснете му убаво како се подготвува млечната формула. Упатствата за тоа како се прави формулата треба обавезно да вклучуваат миење на рацете, користење на маска и упатство како да се чистат површините, опремата и садовите за чување.

(Извор: SFC)

 

8. Не можам да дојам, а и нема достапно донирано мајчино млеко, па затоа моето бебе прима адаптирана млечна формула. Не сум во можност да ја обезбедам препорачаната формула за моето бебе. Што да правам?

Формулата која има ознака „пре“ одговара за Вашето бебе, таа е најслична со мајчиното млеко и од шеќери содржи само лактоза. Многу е веројатно дека ваква формула може да најдете во поголемите маркети и аптеки. Обратете се кај Вашиот доктор за понатамошни информации и совети.

 

 

Забелешка: Информациите последен пат се ажурирани на 24.09.2020 година.

 

Повеќе вакви прашања и одговори за здравјето на мајките и бебињата

Бременост во време на COVID-19

Породување во време на COVID-19

Неонаталната интензивна нега (NICU) во време на COVID-19

Отпуштање од болница и следење на состојбата во време на COVID-19