Породувањето вообичаено е придружено со болка. Перцепцијата на болката е различна кај секоја мајка која го поминала ова искуство. Некои жени раскажуваат со воодушевување за моментот на породувањето и кај нив болката оставила само мал или никаков впечаток. Други реферираат силна болка во исти или различни стадиуми од породувањето.

Постојат значајни разлики помеѓу различните типови на болка, кои разлики допринесуваат оваа болка полесно да се поднесе. Утврдено е дека на тоа како ќе се доживее породувањето многу влијаат и предрасудите (пренесување на искуствата од мајка, сестра, пријателка), стравот и степенот на вознемиреност кај мајката, како и културните и општествени сфаќања во врска со бременоста и породувањето. На прифаќањето на болката делува и карактерот на жената, нејзината самоувереност, информираноста во врска со породувањето, амбиентот и условите во просторијата каде се врши породувањето, како и интеракцијата со персоналот во текот на породувањето. Значително олеснување може да биде и поддршката од партнерот или некој друг близок во родилната сала.

Сепак, мора да се каже дека природното вагинално породување повеќе или помалку е придружено со болни сензации, предизвикани од стегањето на матката и од ширењето на цервикалниот канал. При крајот на втората фаза од породувањето кога дилатацијата на грлото на матката е веќе при крај (9-10 cm), плодот веќе поминува низ вагиналниот канал. Главчето на бебето додека поминува низ вагиналниот канал, врши притисок врз специфичен сплет на ганглии (нервен сплет) кои понатаму предизвикуваат појава на напони (контракции на матката) и активирање на мускулите на стомакот. Оваа спрега со контракциите предизвикува избуткување на бебето преку вагината и излез на бебето од карлицата во надворешниот свет.

Денес постојат повеќе методи за спречување или намалување на болката во текот на породувањето. Од медицинските методи најважно е да се споменат епидуралниот блок и спиналната анестезија, а од немедицинските воденото породување, хипнозата, масажата, психолошката подготовка и едукацијата, како и присуството на близок член од семејството (таткото на бебето, мајката или сестрата на родилката итн).