Покрај мерките за олеснување на болката во текот на бременоста, како што се масажата, воденото породување,  хипнозата, предпородилната едукација и вежби и друго, постојат и медицински мерки за спречување на болката, во форма на анестезија.

Анестезијата претставува процедура со која се намалува чувството за болка во телото. Во текот на породувањето најчесто се користат спиналната и епидуралната анестезија или аналгезија. Вториот термин е поточен бидејќи со овие процедури се спречува болката (аналгетско дејство).

Епидуралната аналгезија се аплицира пред да започне породувањето и врши аналгезија (намалување само на осетот за болка) во долниот дел од телото, регијата на перинеумот и нозете. Апликацијата на аналгезијата се врши во седечка положба при што пациентот е свиен кон напред. Со игла внимателно се влегува помеѓу слабинските прешлени и се вметнува катетер. Катетерот е тенко цевче низ кое постепено во текот на процедурата се додава анестетик и се одржува нивото на аналгезија. Кај епидуралниот блок анестетикот врши анестезирање (блокирање) на нервите по нивниот излез од рбетниот мозок. Спиналната анестезија се аплицира некаде на средината на процесот на породување, кога жената е отворена 5-6 cm. Кај спиналната анестезија не се поставува катетер и нема додавање на анестетик во текот на процедурата.

Епидуралната аналгезија е релативно безбеден начин за намалување на болката во текот на породувањето. Овој тип на аналгезија понекогаш се поврзува со подолго породување, повеќе интервенции во текот на породувањето  и повисока цена на целата процедура. Утврдено е дека голем број жени повеќе се плашат од боцкањето при епидурална анестезија, отколку од самото породување и болката која го придружува породувањето. Мора да се нагласи дека анестетикот преку крвта на мајката и плацентата преминува во организмот на бебето, но не се докажани значајни последици кај бебето по породувањето, односно нема поголемо влијание на крајната оцена на општата кондиција на новороденото (Апгар скор).

Во текот на породувањето менаџментот на болката се врши од страна на анестезиолог, кој се грижи за степенот на болка која ја чувствува родилката, додава помалку или повеќе од анестетикот и ги контролира виталните параметри на родилката (дишење, работа на срце, крвен притисок и сл.)