Законодавно-правната рамка која ги регулира правата на работникот за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство опфаќа повеќе закони како што се Законот за работните односи, како lex generalis, потоа Законот за здраственото осигурување, Законот за семејство и др.

Почеток и траење на отсуство од работа

Работничка за време на бременост, раѓање и родителство или пак работничка која посвојува дете има право на платено отсуство од работа во траење од девет месеца непрекинато, а доколку роди, односно посвоила, повеќе деца одеднаш (близнаци и повеќе) во траење од една година.  Работничка која посвојува дете има право на платено отсуство за времетраењето на периодот на адаптацијата на детето, согласно прописите за *семејството.

Работничката е должна да го започне отсуството од работа поради бременост, раѓање и родителство 28 дена пред раѓањето. Ова отсуство може да се започне и порано, и тоа најмногу 45 дена пред раѓањето, ако работничката таа потреба ја поткрепи со наод од надлежен здраствен орган. При тоа, доколку работничката се породи пред утврдениот рок, во тој случај отсуството за бременост и раѓање започнува да го користи од денот на раѓање на детето/децата и тоа девет, односно дванаесет месеци непрекинато. 

Работничката родилка или посвоител не е во обврска да го искористи отсуството од работа во целост, односно ако сака таа може да се врати на работа и пред истекот на отсуството. Но, ова може да го направи само откако ќе поминат 45 дена од денот на раѓањето на детето. Значи од 46тиот ден сметано од денот на раѓањето на детето, работничката може да го прекине родителското отсуство и да се врати на работа. Со цел да се даде можност ова право на родителско отсуство да се искористи во целост, а при тоа да се испочитува волјата на мајката која сака да се врати на работа и пред истекот на отсуството, законодавецот дал можност ова право на отсуство за родителство да го користи таткото или посвоителот на детето. 

Во ситуации кога поради здравствени причини детето е задржано за нега или лекување во здравствена установа, а во меѓувреме мајката или таткото се вратат на работа, отсуството поради раѓање и родителство се прекинува и родителите имаат право да го искористат неискористениот дел од отсуството.

Ако работничка роди мртво дете или ако детето умре пред истекот на отсуството поради бременост, раѓање и родителство, таа има право да го продолжи отсуството за време колку што според наодот на лекар е потребно да закрепне од раѓањето и од психичката состојба предизвикана со губењето на детето, а најмалку 45 дена. За ова време на работничката и припаѓаат сите права врз основа на отсуството за бременост, раѓање и родителство, влучувајќи го и право на надомест на плата според прописите за здравствена заштита. 

Надоместок на плата

Работникот кој користи отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство има право на надоместок на плата согласно законот или пак колективен договор.

При тоа, треба да се нагласи дека предвид Законот за здраственото осигурување правото на платено отсуство може да го остваруваат следниве категории на работници, односно осигуреници:

- работници кои се во работен однос кај правно лице, самовработено лице, установа, друго правно лице кое врши дејност на јавна служба, државен орган и орган на единиците на локална самоуправа и градот Скопје;

- македонски државјани вработени на територија на РМ кај странски и меѓународни органи, организации и установи, во лична служба или кај странски дипломатски и конзуларни преставништва или во лична служба на странци, доколку со меѓунроден договор поинаку не е определено; и

- самовработени лица.

Надоместокот на плата се пресметува врз основа на основица, која преставува просечен месечен износ на исплатена плата на која е платен придонес за задолжително здраствено осигурување во последните 12 месеци пред настанување на основот поради кој се стекнува правото на надоместок. Ако за работникот не може да се утврди основицата за надоместок според овој начин, тогаш основицата за надоместокот на плата ќе се утврди од плата што работникот ја остварил во деновите поминати на работа пред настанување на основот. За бремени жени, родилки, посвоители и родители кои се самовработени основица за пресметување на надоместок за плата претставува основицата на која е платен придонесот за задолжително здраствено осигурување.

Висината на надоместок на плата за време на отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство изнесува 100% од основицата на надоместокот на плата. При тоа од 2012 год. па натаму висината на надоместокот на плата не може да биде повисока од износот на четири просечни плати исплатени во РМ во претходната година. Надоместокот на плата се исплатува од средствата на Буџетот на РМ преку Фондот за здраствено осигурување од првиот ден на отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство.

За работничка која од 46тиот ден од раѓањето на детето се вратила на работа,  покрај правото на плата има право и на надомест на плата за отсуство поради бременост и родителство, во висина од 50% од утврдениот износ на надоместокот за отсуство.

За да може работникот кој што користи отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство да го остварува и правото на надоместок на плата, треба да бидат исполнети два услови: работникот да бил здраствено осигуран најмалку шест месеци непрекинато пред настапување на случајот, и придонесот за здраствено осигурување редовно да бил уплатуван или со задоцнување од најмногу 60 дена. Тоа значи дека ако работникот кој што користи отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство не ги исполнува горенаведените услови, тој нема право на надоместок на плата од средства на Буџетот на Република Македонија. Но, работникот може да го ужива правото на надоместок на плата ако неговиот работодавач доброволно се согласи да го исплаќа на работникот овој надоместок од средствата на работодавачот.

Враќање на работа по завршување на родителското отсуство

Со цел работодавачот навремено да биде известен за времето на започнување и завршување на родителското отсуство, работникот е должен ова да му го најави на работодавачот 30 дена однапред. На крајот на родителското отсуство работникот има право да се врати на истото работно место или, доколку тоа не е возможно, на соодветно работно место според условите од договорот за вработување. Работничката која го дои детето и по изминувањето на отсуството поради бременост, раѓање и родителство, а започнува да работи со полно работно време, има право на платена пауза во текот на работното време, во траење од еден и пол час дневно. Во ова време се засметува и дневната пауза. Правото на платена пауза во времетрање од еден и пол час го има работничката до наполнета една година возраст на детето.

 

*   За институтот „посвојување“ наскоро ќе биде објавен текст на веб страницата на Здружението ЛУЛКА. Ви благодариме за разбирањето. 

 

Адвокат м-р Ана Дангова Хуг од

Адвокатско друштво ИНТЕР ПАРТЕС Скопје