Забременување

 

За бебињата и децата

Бременоста обично трае 40 гестациски седмици или 280 дена,сметајки од првиот ден на последната менструација. Околу 85% од породувањата се термински,односно  се случуваат помеѓу 38 и 40 гестациска недела. За предвремено породување  се смета секое породување што настанало пред 37 мата гестациска седмица  или тоа е пред навршени 259 дена од бременоста.

Секое пак, губење на плодот пред 22 рата гестациска седмица се смета за спонтан абортус. Неонатолозите прематуритетот го одредуваат според телесната тежина на новороденото или поточно телесна тежина  помала од 2500 гр. при раѓањето. Поради незрелоста на бебето, секое предвремено породување носи ризик по неговото здравје, во зависност од гестациската старост. 

Ризични групи на пациентки или ризик фактори кои може да предизвикаат предвремено породување се: еден или повеќе претходни абортуси (спонтани или намерни), претходно предвремено породување, паритет (над 4 породувања), малформации на матката, миоми, слабост на грлото на матката, претходни операции на матката, висок крвен притисок, дијабетес мелитус или други хронични и системски заболувања, после  третиран инфертилитет, мултифетална (близначка ) бременост, плацентна инсуфициенција, предвремено прскање на плодовите обвивки, возраст под 18 или над 34 години, пушење, консумирање на алкохол и дроги, уринарни или генитални инфекции, низок социјален статус, прекумерен стрес или семејно несогласување, траума и др. Или глобално земено, причините за предвремено породување кај 1/3 од пациентките  е поради предвремено прскање на  воденикот, кај 1/3 се мајчини или фетални компликации и кај 1/3 од пациентките причината е непозната. 

Затоа е многу важно пациентките да се информираат и советуваат, да се јават веднаш кај својот гинеколог при присуство на некои од следниве симптоми, кои може да укажат на почеток на предвремено породување, а тоа се: промени во вагиналниот секрет, печење или пецкање во пределот на интимната регија, знаци за уринарна ифекција, вагинално крварење, болки слични на менструалните или слаба болка во долниот дел на грбот, чувство на притисок во карлицата, покачена телесна температура, чести нагони за дефекација или дијареа и сомнеж за истекување на плодова вода. 

Бидејки предвременото породување е социјално-медицински проблем, многу се важни мерките на превенција. Според препораките на WAPM, секоја бремена жена, доколку е финансиски возможно, треба дополнително сама да врши мерење на рН средината во вагината, два пати неделно, со специјални стикови или ракавици со индикатор, кои се едноставни за употреба. Со ваквиот таканаречен self-care програм за бремени жени можна е значителна редукција  на стапката на прематурни  породувања, што е потврдено со повеќе студии и кампањи спроведени во Германија . 

Многу е важно и благовремено и точно поставување на дијагнозата за да се избегне непотребно лечење или  ако е потребно лечење, тоа да биде успешно. Најголемо значење во поставување на дијагноза за предвремено породување или  проценката дали  реално станува збор за заканувачко  предвремено породување има зачестеноста на маткините контракции, пратени со или без скратување и отварање  на грлото на матката и предвремено прскање на воденикот. Имено, општо е прифатен критериумот за присуство на болни, палпабилни  контракции барем четири во 20 минутен интервал. Прскањето на воденикот и прогресивното отварање на грлото на матката  е одлучувачко за прогресивниот карактер на предвремено породување. Секоја трудница со знаци за заканувачко предвремено породување или предвремено породување во тек, треба да биде упатена во болница. Целта на одложувањето на породувањето ако е возможно и ако нема контраиндикации, е антепартално администрирање на терапија за да се редуцира инциденцата и тежината на респираторнит дистрес синдром кај плодот. Меѓу најважните причини за зголемен морбидитет и морталитет кај предвремено родените деца освен респираторен дистрес синдром, се и интравентрикуларна хеморагија, некротизирачки ентероколитис и други компликации на респираторниот, дигестивниот, реналниот и нервниот систем. Колку порано е родено бебето, толку проблемите може да бидат посериозни.

Секоја година во светот предвремено се раѓаат 15 милиони бебиња, а од нив, за жал дури 1милион не преживуваат. Зачестеноста на предвремените породувања се движи од 5% во некои делови на западна Европа до 34 %во Индија. Се смета дека зачестеноста на предвремените породувања во индустриски развиените земји е од 6-8%, во земјите во развој од 8-12% , а во неразвиените земји од 10-15%. Според овие бројки може да заклучиме дека бројот на предвремено родените дечиња е голем, а во јавноста многу малку се знае за превенцијата, за проблемите и  ризиците во развојот на овие бебиња и тешкотиите низ кои поминуваат нивните родители.

Токму поради тоа  17-ти ноември  се одбележува како Светски ден на прематуритетот. Секаде во светот, па и во Македонија, постои платформа ПремНова за поддршка на родителите кои имаат предвреме родено бебе, која е формирана во рамки на здружението Лулка. Целта на платформата е обезбедување на подршка, информации и помош за родителите  на предвремено родените бебиња и деца. Во платформата се вклучуваат родители, здравствени работници, други организации и компании.

Д-р Вероника Кокоромановска - специјалист по гинекологија и акушерство