Нормалната бременост трае приближно 37 до 42 недели. Кога бебето се раѓа пред 37-мата недела од бременоста, се смета за предвреме родено. Во светот, едно на секои десет новородени бебиња се раѓа предвреме. На почетокот, доењето може да биде голем предизвик за мајките на предвремено родените бебиња, но постојат многу начини за бебето да се храни со мајчино млеко.

Целта при хранењето на предвреме роденото бебе е да се постигне оптимален раст како кај фетусот во мајчината утроба на истата возраст. За да се постигне ова, експертите препорачуваат започнување со исхрана колку што е можно побрзо по раѓањето. Сепак, нема да биде секогаш возможно да се воспостави целосна исхрана веднаш по раѓањето. Во овие случаи, парентерална исхрана (преку инфузија) или ентерална исхрана (со назогастрична сонда) може да биде неопходна.

Sliki net3

Во повеќето случаи , предвреме родените бебиња не се способни да цицаат веднаш по раѓањето. Измолзувањето (рачно или со пумпа) најчесто е најдоброто решение додека не стане возможно самото доење. Честото и редовно измолзување, брзо по породувањето, помага при зголемување на количеството на млеко. Мајчиното млеко е најдобрата храна за предвреме родените бебиња и мајчиното млеко треба да се даде колку што е можно поскоро по раѓањето. Тоа содржи бројни состојки од кои новороденчињата имаат многу корист. Доењето го поттикнува имунитетот, растот и развојот, и е најдобриот избор како за терминските, така и за предвремено родените бебиња.

Исхраната со мајчино млеко резултира со намален ризик за појава на некротизирачки ентероколитис (NEC) – акутна воспалителна болест на цревниот систем која е најчесто пореметување на системот за варење кај новородените. Мајчиното млеко добро се поднесува и е лесно сварливо за предвреме родените бебиња, па резултира со побрзо покачување на телесната тежина. Колострумот е првата течност која ја лачат дојките на мајката. Колострумот е богат со важни имунолошки елементи и компоненти кои го помагаат развојот. Важно за доењето е да се практикува контакт кожа на кожа колку што е можно порано. Контактот кожа со кожа, исто така познато и како Kangaroo care (или кенгурирање), им дава на мајката и бебето чувство на емоционална блискост. Исто така, контактот кожа со кожа ги стабилизира и работата на срцето, нивото на кислород во крвта и брзината на дишење кај предвреме роденото бебе. 

Кога мајките кои имаат предвреме родено бебе не можат да обезбедат доволно млеко за своето бебе, може да се обратат за совет и поддршка кај акушерка, педијатриска сестра, кај педијатар или кај специјалист за доење. Има повеќе можности за мајката да ја зголеми количината на млеко, на пр. редовно измолзување (најмалку 6-8 пати на ден) со користење на пумпа која е погодна за мајката, или практикување масажа на дојките и рачно измолзување. Дури и ако измолзената количина мајчино млеко ви изгледа малку, запомнете дека секоја капка млеко е многу важна за вашето бебе.

Мајчиното млеко од мајката која е породена предвреме може да се замени и со донирано мајчино млеко од банка за мајчино млеко, со следење на одредени безбедносни стандарди, или пак може да се даде специјална формула за предвреме родени бебиња. Персоналот во болниците кој се грижи за бебето, заедно со родителите, треба да одлучи за начинот како најдобро да се храни бебето според неговите индивидуални потреби.