Првата средба на родителите со нивното предвремено родено бебе секогаш претставува изненадување и е исполнета со силни помешани емоции. Бебешката кожа е тенка и проѕирна, а под неа може да се видат крвните садови. Бебето изгледа ситно и слабо, и поради тоа што сè уште е незрело, „прикачено” е на разни апарати кои му се неопходни за раст и развој.

Овие апарати му помагаат на бебето со тек на време да се прилагоди кон условите за живот во надворешната средина.

Инкубатор

Sliki net4Специјално „креветче” за предвремено роденото бебе во коешто температурата и влажноста на воздухот се соодветно контролирани, затоа што бебето не е доволно зрело самото да ја одржува својата телесната температура. Бидејќи во инкубаторот бебето е изолирано, тоа е заштитено и од можни инфекции.

Апарат за дишење

Респиратор, CPAP апарат - голем број предвремено родени бебиња имаат потешкотии со дишењето, па неопходни им се овие апарати без чијашто помош не би можеле да преживеат.

Шатор за кислород (hood)

Понекогаш на бебето не му е потребна машина за дишење, туку само дополнително количество кислород. Тогаш, бебето се поставува под овој шатор – проѕирна пластична кутија што се поставува над главата на бебето.

Монитор

Виталните функции на бебето како што се работата на срцето, дишењето и крвниот притисок се следат со помош на овој апарат. Овој апарат, со помош на жици и сензори поставени на бебешката кожа ги следи промените и работата на органите и им помага на докторите да ја контролираат здравствената состојба на бебето.

Интравенска линија

Секојдневно на бебето му е потребно определено количество енергетски и градбени материи, течности и лекови што се даваат преку вените. Со цел да не се боцка бебето повеќепати секој ден, во вената се поставува пластичен систем за инфузија. 

Сонда

Понекогаш бебето во почетокот не може да цица и да голта, па млекото што му е неопходно се внесува во желудникот со помош на тенка пластична цевка којашто се поставува низ устата или носот.