Состојбата во која се наоѓаат бебињата кои се предвремено родени е специфична и тие бараат високософистициран третман и нега во единицата за неонатална интензивна нега. Но што е со родителите, како се чувствуваат тие и како треба да се однесуваат.

Еве неколку совети за родителите:

  • Драги родители, концентрирајте се на сегашниот момент и обидете се слушајќи ги советите од докторот, да го сочувате вашето физичко и психичко здравје за да можете колку што е возможно, со своето присуство и смиреност да му помогнете на вашето бебе.
  • Секогаш имајте предвид дека вашето бебе е во раце на специјалисти кои долго се школувале за да бидат способни да му помогнат на вашето бебе, дека имаат знаење, искуство и посветеност коишто сега се најпотребни. Од секунда во секунда, од ден на ден, тие внимателно ги следат и најмалите промени на состојбата на вашето бебе и соодветно одговараат на нив. Колку и да изгледа состојбата лошо, мора да знаете дека сега не постои подобро место на коешто може да биде вашето бебе.
  • Sliki net5На братчето или сестричката на предвреме роденото бебе им е, исто така, многу тешко да ја прифатат новонастанатата ситуација. Затоа е корисно да ги вклучите и нив, колку што тоа го дозволуваат условите, во случувањата коишто се одвиваат околу нив. Ако е можно, таткото нека ги донесе да си го видат братчето или сестричето во болница, предложете да му нацртаат на своето мало братче или сестриче цртеж за инкубаторот или за креветчето. Така ќе се чувствуваат помалку отфрлени и несигурни, а вашите семејни врски ќе се зацврстат.
  • Иако храбри и јаки, татковците не може постојано да бидат камени столбови кои трпат сè. И тие се многу емотивно погодени, многу изморени и загубени. Нивната улога е значајна уште од првите денови. Современите методи за нега на предвремено родените бебиња предвидуваат и вклучување на татковците, и таа шанса треба да се искористи максимално, затоа што е непроценливо важна за зајакнување на семејните врски и за воспоставување контакт помеѓу новороденчето и неговиот татко.
  • Во првите денови или недели најверојатно нема да можете да го доите своето бебе, затоа што ќе мора да се храни со помош на сонда. Меѓутоа, бебето со тек на време ќе биде позрело, поголемо и посилно, па ќе биде способно да цица. Многу е важно да ја сочувате и развиете лактацијата колку што е можно повеќе.
  • Додека се храни на сонда, вашето бебе може го добива вашето млеко и на тој начин најдобрата можна и најлесно сварлива храна. Тоа е и одлична заштита од инфекции на коишто овие бебиња се подложни. Медицинските лица во вашата болница ќе направат сè што можат за да ви помогнат да ја постигнете и да ја одржите лактацијата, а кога бебето доволно ќе зајакне и да научите да го доите. Сите предвремено родени деца мора внимателно и редовно да бидат следени за, ако е потребно, да се обезбеди неопходна терапија и да се стимулира нивниот развој. 
  • Поголемиот број предвремено родени деца се развиваат нормално и во првите години целосно ги достигнуваат своите календарски врсници. Меѓутоа, предвремено родените деца имаат поголем ризик за голем број развојни потешкотии и различни здравствени компликации од коишто некои се веднаш воочливи, а некои се манифестираат во подоцнежните фази од развојот на детето.

 

Овие и други совети, препораки и искуства од други родители ќе најдете во брошурата која ја создаде организацијата Лулка, наречена „Кога штркот ќе подрани“. Кликнете за бесплатно да ја симнете брошурата.

Разговарајте со другите родители кои имале слично искуство, побарајте совет и споделете го вашето искуство преку нашата родителска Facebook група Organizacija na majki na predvremeno rodeni deca

Поставете прашање до стручниот тим на Лулка, бидете во тек со најновите информации, настани и активности на Лулка преку ПремНова - Платформа за поддршка на предвремено родените бебиња и нивните семејства.