Од: Elizabeth Pantley. Како да му помогнете на вашето дете да го прифати второто бебе. Пред да пристигне новото бебе му кажавте на вашето дете дека ќе добие прекрасно мало братче со кое ќе може да си игра и ќе му биде многу забавно.
Потоа новото братче се роди и детето почна да си мисли: „Ова жгуљаво црвено бебе што ми го одзема цело време и внимание треба да е забавно?“ Еве неколку начини како да му помогнете на вашето дете во претопувањето од единец во постаро дете:
1. Научете го како да воспостави контакт
Вашата прва цел е да го заштитите бебето. Втората, да го научите постарото дете соодветно да воспостави контакт со бебето. Можете да го научите како да си игра со бебето исто како што го учите и се друго. Зборувајте му, покажете му, водете го и охрабрете го. Се додека не бидете сигурни дека сте ја постигнале втората цел, не оставајте ги децата заедно насамо. Ако видите дека построто има тенденција да стане малку грубо, земете го бебето и одвлечете му го вниманието на другото дете со песна, играчка, некоја активност или ужина. На овој начин го заштитувате бебето, а си помагате да избегнете ланец од константно „не“ кое може да го охрабри агресивното однесување.
2. Научете го на нежни допири
Научете го вашето дете како да го гали бебето по грпчето. Кажете му дека ваквиот допир го смирува бебето и пофалете го постарото дете за добро завршената работа. Ова го учи како да се однесува позитивно во физичкиот контакт со бебето. Детето ќе ве гледа вас како се однесувате кон бебето и ќе учи од вашето однесување, па затоа вие сте неговиот најважен учител.
Секогаш кога ќе забележите дека детето се однесува грубо кон бебето, реагирајте брзо. Може цврсто да кажете: „Нема удирање и точка.“ Ставете го детето на столче и кажете: „Може да станеш кога правилно ќе ги користиш рацете.“ Дозволете му да стане веднаш ако сака – сѐ додека е нежен со бебето. Ова не е казна, туку само му помага да научи дека грубото однесување не е дозволено.
Секогаш кога ќе го видите детето како нежно го допира бебето, позитивно искоментирајте. Направете „врева“ околу „постарото братче“. Прегрнете го и бакнете го и кажете му колку сте горди на него.
3. Не го окривувајте за сѐ бебето
Внимавајте да не кажувате работи како на пример: „Не може да одиме во парк зашто бебето спие;“ „Биди тивок, ќе го разбудш бебето;“ или „Откако ќе му ги сменам пелените на бебето, ќе ти помогнам.“ Тогаш, детето веднаш ќе ја префрли вината на вашето бебе! Наместо тоа, користете поинакви причини. „Зафатени ми се рацете сега;“ „Ќе одиме после ручек;“ „Ќе ти помогнам за три минути.“
4. Дајте му поддршка и дополнителна љубов
Признајте ги неискажаните чувтсва на вашето дете со тоа што ќе кажете на пример „Работите навистина се сменија со новото бебе. На сите ќе ни треба време да се навикнеме.“ Коментарите треба да ви бидат меки и општи. Не велете, „Ти изгледа воопшто не го сакаш новото бебе.“ Наместо тоа кажете, „Мора да ти е тешко што мама поминува толку многу време со бебето.“ Кога вашето дете знае дека ги разбирате неговите чувства, нема да има толку голема потреба да глуми за да ви го привлече вниманието.
Зачестете со покажување љубов кон вашето дете. Повеќе пати кажете му „Те сакам.“ Зголемете ја дневната доза на прегратки и милување и најдете време да му читате книга или да си поиграте со него. Повремената регресија и проблеми со однесувањето се нормални, а може да се олеснат со поголема доза на време и внимание.
5. Инволвирајте го вашето дете и направете сите да се чувствуваат посебно
Научете го детето како да биде од помош околу бебето или како да си игра со него. Дозволете му да ги отвори подароците за бебето и да го користи апаратот за да го слика бебето. Научете го како да му ги поткрене чорапчињата. Дозволете му да му стави пудра на бебето. Пофалете го и охрабрете го секогаш кога можете.
Избегнувајте да ги споредувате децата, дури и за теми наизглед невини како на приемр тежина при раѓање, кога секое од нив пролазило или проодело или кое имало повеќе коса – децата може да ги интерпретираат овие коментари како критики.
Најважно од сѐ, длабоко земете воздух и бидете смирени: Ова е период на адаптација за сите во семејството. Намалете ги активностите надвор, снижете ги стандардите за домаќинство и фокусирајте се на вашиот моментален приоритет – прилагодете се на новата големина на вашето семејство.