Да се биде мајка е неповторливо искуство и досега веројатно и сами се уверивте во тоа. Но, понекогаш и тие – најсовршените, можат да потклекнат пред предизвикот на мајчинството и да направат по некоја грешка. Еве некои од најчестите грешки.

 Намерата не ни е да ви „солиме“ памет со овој текст, туку само да ви укажеме на сè она што можете да го смените во своето секојдневие и на тој начин, и себеси и на другите да им олесните.

Грешка 1: ВЕРУВАТЕ ВО СÈ ШТО ВИ СЕ КАЖУВА

Штом бебето дојде дома, на новопечените родителите веднаш започнуваат сите да им „солат“ памет. Совети се делат на секоја страна, честопати се контрадикторни, а вие како сунѓер ги впивате и не знаете кому да му верувате. Докторот ви вели да го доите бебето кога тоа ќе побара, патронажната сестра ве уверува дека треба да се држите до одредена саатница, а вашата мајка топло ви советува дека бебето треба да го научите на ред уште од најмали нозе. Вашата пријателка ве советува да му дадете на бебето цуцла, додека друга пак, ви тврди дека е подобро да си го цица палчето и сл. И, наместо да станете побогати од туѓото искуство, вие ќе излудите и ќе почнете да мислите како сè правите погрешно.

Што да правите: Пуштете ја „прoмајата“ низ уши, заблагодарете се на советите, а потоа управувајте се според сопствениот инстинкт, и според советите на еден педијатар во кој имате доверба. И запомнете: сè додека бебето убаво јаде, спие, напредува во тежина и делува весело, во ништо не сте погрешиле.

 

Грешка 2: МИСЛИТЕ ДЕКА ДРУГИТЕ ПРЕТЕРУВААТ

„Верувај ми драга, не стигам ни во тоалет да одам!“, изјава што сте ја слушнале од пријателката  која неодамна станала мајка. Тогаш сигурно си помисливте: „Ma, претерува! Па, не родила чудовиште, туку бебе!“. Meѓутоа, кога и сами ќе станете мајка, ќе сфатите дека ја зборувала вистината, но нејзините зборови се однесуваат на првите шест недели од раѓањето на бебето.

Што да правите: Вистина е дека постојано ќе бидете зафатени околу бебето, но тоа не значи дека нема да имате воопшто слободно време. Добрата организација е клуч на секоја работа, па и на оваа.

Грешка 3: ЗАБОРАВАТЕ НА СВОИТЕ ПОТРЕБИ

Првите неколку недели, секоја мајка „рoбува“ на потребите на своето дете, но тоа не значи дека потполно треба да заборави на сопствените потреби. Има периоди во денот кога бебето добро ќе се нацица, па ќе отспие по 2-3 часа. Тогаш и вие можете да се опуштите, да дремнете, да ја повикате пријателката и да си муабетите, да минете половина час во тоалет. Не мора да седите покрај креветчето додека спие бебето, плашејќи се дека секој момент ќе се разбуди (ако тоа се случи, секако ќе го чуете неговото плачење).

Што да правите: Секој ден крадете по малку време и посветете си го себеси, подобро ќе се чувствувате.

Грешка 4: СÈ ГЛЕДАТЕ НЕГАТИВНО

Мошне е нормално да стравувате за здравјето и безбедноста на вашето најмило, но тоа не значи дека треба да трчате на доктор секогаш кога бебето ќе кивне или кога ќе му се вжари газето, ниту пак да паничите ако вртејќи го главчето, се удри во креветчето. Повеќето млади мајки живеат во постојан страв дека на бебето нешто страшно ќе му се случи, дека ќе се угуши, дека ќе добие запаление на белите дробови и сл.

Што да правите: Набљудувајте, наслушнувајте, надгледувајте, но не паничете! Бебињата се многу посилни и поотпорни отколку што изгледаат.

 

Грешка 5: НЕ СПИЕТЕ ДОВОЛНО

Сите по ред ви советуваат, времето додека спие бебето да го искористите за одмор. Меѓутоа, вие чувствувате вина дека не сте ги измиле садовите, тоалетот е во хаос, бодињата на бебето не се испеглани итн.

Што да правите: Домашните обврски нема да ви избегаат! Замолете некого од домашните да ги изврши наместо вас. Имајќи предвид сè што минавте низ бременоста, пораѓањето и потоа, имате полно право на тоа.

 

Грешка 6: ГО СПОРЕДУВАТЕ СВОЕТО БЕБЕ СО ДРУГИТЕ БЕБИЊА

Целосно е погрешно мислењето дека со вашето бебе нешто не е во ред, затоа што ни во шестиот месец не почнале да му никнуваат запчиња, додека бебето на вашата пријателка го „добило“ првото запче на четири месеца. Ако ви каже некој дека неговото дете веќе стои, а има само осум месеци, не обрнувајте внимание на тоа  – и вашето дете ќе застане на нозе, тогаш кога ќе биде подготвено за тој чекор.

Што да правите: Во текот на првата година, бебињата се развиваат со различно темпо. Но, до вториот роденден, помеѓу нив нема да има многу разлики. Затоа, уживајте во своето бебе и не се оптоварувајте со други бебиња.

Грешка 7: СЕ ОДНЕСУВАТЕ ПРЕМНОГУ ЗАШТИТНИЧКИ

Познато е дека мајките во сè гледаат опасност, па дури и таму каде што ја нема. Нормално е дека ќе преземете сè, за да го заштитите детето од тоа што може да му наштети, но, притоа не треба да се однесувате како „мајка - манијак“. Не мора постојано да ја провривате цуцлата и шишенцето на бебето. Доволно е само неколку пати на ден да ги ставите (измиете) под млаз врела вода. Не треба да употребувате средства за дезинфекција, за чистење и одржување на куќата стерилна, бидејќи е докажано дека бебињата кои растат во таква средина почесто заболуваат од алергии и астма, во однос на бебињата кои растат во нормално чиста средина. 

Што да правите: Aко досега не сте чуле за мудроста „сè што е претерано, не е добро“, крајно време е да ја усвоите и да ја применувате во секојдневниот живот.

 

Грешкa 8: САКАТЕ СЕКОМУ ДА МУ УГОДИТЕ

Без оглед на тоа дали имате самостојно домаќинство или живеете во заедница со родителите на сопругот, имате потреба да се докажете на сите животни полиња: сопруга, мајка, домаќинка, снаа и сл. Сакате да ги држите сите конци во свои раце и да бидете еднакво добри во сите наведени улоги. Но, набргу ќе сфатите дека тоа е невозможно, па почнувате себеси да си префрлувате дека сте неспособни и неспретни, и како сите ваши пријателки многу подобро се снаоѓаат од вас.

Што да правите: Не поставувајте си невозможни цели! За почеток, доволно е да водите сметка за потребите на бебето и за своите потреби, сè останато е неважно.Можеби звучи себично, но е вистинито. Што побргу тоа го сфатите, подобро ќе биде за вас!

 

Грешка 9: ЗАБОРАВАТЕ ДЕКА ВРЕМЕТО БРЗО МИНУВА

Иако, на големиот број новопечени мајки им се чини дека првите неколку месеци од раѓањето на бебето не правеле ништо друго освен што доеле, лошо спиеле и биле константно уморни, тој период од животот на бебињата (и сопствениот)  е премногу важен и вреден за помнење. За жал, заради многубројните обврски и силната грижа за бебето, најголемиот број родители забораваат со зборови и слика да го овековечат овој период.

Што да правите: Водете белешки за сè што се случува, а ако имате техничка можност, снимајте го бебето со камера или сликајте го со фотоапарат секоја недела. Еден ден, кога детето ќе порасне, ќе бидете мошне горди на своето дело.

 

A. Бајазет

 

 

 

 


PreMama Duo 250x250

 


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 logo konceptmama

 newsletter banner subscribe