Најдобро е тестот за бременост да го направите околу 14 дена по овулацијата.
Вгнездувањето на оплодената јајце-клетка во ѕидот на матката се случува 6 – 12 дена по овулацијата. Позитивен тест за бременост се добива три до четири дена по вгнездувањето, кога нивото на hCG во крвта и урината достигнува поголема концентрација.

Доколку го направите тестот многу рано, може да добиете лажно негативен резултат. Ова се случува ако се тестирате во периодот по оплодувањето на јајцеклетката, а пред таа да се вгнезди. Затоа, доколку е негативен, тестот треба да се повтори по неколку дена.
Овие информации се однесуваат на тестовите за бременост за широка употреба, кои го регистрираат присуството на хормонот hCG во урината. Постојат и други посовремени лабораториски методи за докажување на бременоста, кои се поосетливи и порано ја докажуваат бременоста.