Ин витро фертилизација (IVF) или вештачко оплодување е процес на спојување на јајцеклетката и сперматозоидот во лабораториски услови. Ин витро значи ‘во стакло, во епрувета, во определени услови’, спротивно од ин виво што значи ‘во живо’.

Процесот на IVF се состои од неколку фази. Најпрво со хормонални лекови се стимулира растење на повеќе фоликули во јајниците на жената. Потоа, со ултразвук и тенка игла се врши боцкање на фоликулите и извлекување на јајце-клетките од нив. Овие јајце-клетки се чуваат во посебни услови и медиуми кои им обезбедуваат опстанок надвор од телото на жената. Потоа се издвојуваат машките полови клетки и со микроскопска техника се внесува по еден сперматозоид во секоја јајце-клетка. Откако оплодените јајце-клетки ќе го започнат својот развој во лабораториски услови, некои од нив се вбризгуваат во матката, каде се очекува да се вгнездат и да настане бременост.

Процесот на IVF е многу значајна помош за партнерите кои подолго време не успеваат да зачнат бебе.