Способноста за спонтано зачнување или концепција е различна кај различните индивидуи. На оваа способност влијаат повеќе фактори како што се возраста, претходна бременост (има/нема), времетраењето на неплодноста, интензитетот и тајмингот на сексуалните односи кај партнерите, високата или ниска телесна тежина, како и присутната патологија (болести и пореметувања).

Неплодноста претставува неуспех во зачнувањето (концепцијата) во тек на една година редовни незаштитени сексуални односи. Неплодноста може да биде примарна и секундарна. Примарна неплодност претставува неплодноста кај двојките кои претходно не успеале да зачнат. Секундарна неплодност е неплодноста кај двојките кои претходно успеале да зачнат, без оглед дали тоа резултирало со здраво родено бебе, спонтан абортус или ектопична бременост.

И успехот на спонтаната концепција (зачнување и забременување) кај различни индивидуи е различна. Земајќи ги во предвид сите фактори, релативно најголема веројатност да се постигне спонтана концепција има во текот на првиот месец по започнувањето на слободен незаштитен сексуален однос. Во првиот месец процентот на успех е 30% (ова значи дека кај 30 од 100 двојки ќе настане бременост уште во првиот месец). Веројатноста за забременување потоа постепено се намалува и опаѓа до 5% на крајот на првата година.

Поинаку пресметано, во првите 6 месеци забременуваат околу 75% од сите двојки, 90% успеваат да зачнат до крајот на првата година, а 95% до крајот на втората година.

Токму овие бројки им даваат одредена сигурност на партнерите во текот на првата година без стрес и оптоварување да водат љубов и да ја постигнат целта: концепција, бременост и здраво бебе.