Начинот на кој живееме, иако во најголем број случаи без да го почувствуваме тоа, се одразува на нашиот организам, на нашето здравје, па оттука и на здравјето на нашето потомство. Целокупното здравје на жената е важно за развојот на плодот и здравјето на бебето по породувањето. Да бидете здрави и во топ форма е значајно не само во секојдневниот живот, туку и за здравјето на вашето бебе кога ќе дојде време за тоа.

Редовните гинеколошки прегледи се значаен предуслов за здрав и квалитетен живот. Информираноста на жената во врска со планирањето на семејството, сексуално преносливите инфекции и ризикот од потешки заболувања, како ракот на грлото на матката, придонесе за значително намалување на органските пореметувања кои доведуваат до неплодност кај жената. Со редовна контрола кај гинеколог ќе бидете поздрави и поподготвени за моментот кога ќе решите да забремените и да имате деца.
Планирана бременост значи да забремените во оној момент кога ќе сакате, кога и вие и вашиот партнер ќе бидете физички и психички подготвени за големата одговорност која ја носи бременоста и новиот член во семејството. До моментот кога ќе забележи дека доцни или изостанува месечното крварење, жената е веќе две недели бремена. Можно е, без да знае дека е бремена, жената да го изложи ембрионот на штетното влијание на алкохолот и многуте лекови кои ги користиме секојдневно.
Пушењето штетно делува на плодот во текот на бременоста. Пушењето може да предизвика намален проток на крв во плацентата и пониска родилна тежина кај новороденото. Затоа Ви препорачуваме да ги намалите или откажете цигарите пред да дојде време кога ќе мора да го сторите тоа.
Здравата телесна тежина и здравата исхрана се особено важни за организмот на жената. Зголемената или намалената телесна тежина може да влијае врз успешноста на забременувањето кога ќе се решите на овој чекор.  Мерката на која треба да обрнете внимание е BMI (Body-mass index), чија вредност може лесно да се пресмета со нашиот BMI калкулатор. Вредност на BMI под 19 или над 25 бара насочување на вниманието кон нормализирање на телесната тежина. Доколку сакате да ослабете, сторете го тоа сега, на здрав начин, со контролирана диета и умерена физичка активност. Диетите се апсолутно непосакувани во тек на бременоста, па затоа најдобро е да се почне веднаш. Внимавајте, ригорозните диети и анорексијата може да доведат до хормонален дисбаланс, анемија и нерегуларност на менстуалниот циклус, а со тоа и до намалена плодност.
Доколку имате некое хронично заболување, како шеќерна болест, бубрежни заболувања, болести на крвта и крвните садови итн, неопходна е редовна посета на доктор и лекување. Тоа ќе овозможи полесна контрола на болеста и во текот на бременоста. Доколку имате некој проблем и барате информации, слободно обратете ни се.
Без разлика дали веќе планирате семејство или сеуште не сте размислувале за тоа, Ви препорачуваме активен живот, здрав начин на исхрана, помалку штетни навики и редовна посета на гинеколог. Тоа ќе ви овозможи полесно забременување, бременост без компликации и здраво бебе.


 

 

 Pregnatol DHA MKD Lulka no2

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama