„Многу ми е мило што организацијата Лулка го поттикнува доењето, а со тоа и мајчинството! Јас сум мајка за прв пат на едно палаво дете кое се вика Огнен. Тој пред една недела наполни една година и сѐ уште го дојам.“

67504214 10214487531364016 3695458026904354816 n2Во текот на одбележувањето на Светската недела на доењето 2019, тимот на организацијата Лулка доби едно писмо со лично искуство на мајка која го доела своето бебе, и која има желба тоа искуство да го пренесе на идните мајки, за да го почувствуваат и тие она што таа го почувствувала со доењето.

„Пред да останам бремена слушав многу околу бременоста, породувањето, доењето и одгледувањето на децата. Голем број од жените во моето опкружување раскажуваа страшни приказни, но јас за среќа немав лошо искуство.

Кога дознав дека сум бремена продолжив нормално да функционирам, не променив ништо, не јадев за двајца, не спиев подолго, пешачев многу, работев до крај на деветиот месец, многу ми помогна и моето куче за кое се грижев 24 часа. Породувањето беше по природен пат, не беше страшно како што ми раскажуваа... Нешто малку поболно од менструлни болки, а потоа олеснување и нема болка. Не бев свесна што треба да правам кога сестрата го донесе Огнен, не проверив дали имам млеко, не знаев како изгледа процесот на доење, но знаев дека морам да пробам.

Не цели 20 минути се трудевме взаемно... и да, почна да цица, но сѐ уште немав млеко. Кога влегоа сестрите за да објаснат како треба да се дои бебето, ме прашаа кое дете ми е по ред, јас кажав прво. Се зачудија, но ме охрабрија да продолжам со упорноста и дека ќе надојде млекото. Така и беше. Вториот ден од породувањето веќе имав млеко, Огнен не беше гладен.

Прв пат почувствував болка пред да наполни осум месеци, кога му изникна првиот заб и ме гризна, но и тоа помина. Многу ми помогнаа советите од патронажната сестра и од мојата мајка. Измолзувајте сѐ додека се бањате, масирајте сѐ, бидете упорни, можеби ќе ви сѐ чини вечност кога ќе го доите бебето, ќе чувствувата топлина, ќе бидете жедни, ќе ве боли грбот... Но, вашето бебе ќе ви биде благодарно! Доењето е половина здравје и за бебето и за мајката.

Со почит,

Соња Мегленова Најдовска ...“