По претходниот текст во кој нашата корисничка Соња го опишува своето искуство со доењето, сега ни пишува за своите искуства и доењето една година подоцна, во време на пандемијата со Ковид-19 (COVID-19 - SARS COV-2).

 *     *     *

Добар ден! Повторно Ви пишувам за да го споделам искуството од уште една година доење. Огнен наполни две години, но овој роденден и овие неколку месеци беа поинакви. Сево ова го пишувам, бидејќи овој вирус не освести (барем поголемиот дел од нас), станавме погрижливи и сметам дека добивме поинакви перцепции за животот.

 

Продолженото доење и коментарите...

Да, Огнен има две години и се' уште го дојам. Иако немаме физички контакти со нашите роднини и пријатели, сепак добивам негативни коментари од типот „Толкаво магаре, уште цица...“, „Ќе го жениме, а тој цица“, „Градите сигурно ти се до стомакот...“, „Што има здраво во тоа млеко, намерно го приврзуваш за тебе" и ред други недолични коментари.

Сакам на сите мајки да и им кажам, Вашето тело е само Ваше, Вашата одлука е само Ваша (се разбира, ако не наштетува). Нека не Ве допираат зборовите од луѓето кои исто така грешат. Безгрешни луѓе не постојат! Јас ја уживам придобивката која ми е дадена, сум можела да се откажам, но не сум го сакала тоа. Доењето физички и психички делува позитивно кај Огнен, но и кај мене. Секоја мајка знае што е најдобро за своето дете и секоја мајка ја поддржувам во нејзините одлуки. Јас сум на Ваша страна, секогаш!

 

SonjaMa

 

Време на пандемија и време за зближување...

Во време кога сме отуѓени, во време кога децата не смеат да се дружат, во време кога стресот е голем, сметам дека треба да сме посветени на своите деца максимално. Децата сакаат љубов, а времево застана и е идеално за целосна посветеност на нашите деца (сега нема изговори). Ние возрасните можеме да се справиме со сѐ, но во нивните глави сѐ е поразлично. Чувајте се и правете го она што е најдобро за вас и Вашето дете, бидејќи времето брзо поминува. Децата растат, а ние старееме. Нема назад, кога ќе се свртиме, тие веќе оформиле свои семејства. Да, тогаш ќе сакаме да бидеме со нив и да бидеме родители, бидејќи времето кога сме требале да им се посветиме, поминало. Да уживаме сега со нив, за подоцна да можат (и да знаат) и тие вистински да се посветат на своите семејства.

Имајте почит едни кон други, помогнете си, не се осудувајте меѓусебно и живејте ги Вашите животи. Научете ги децата на вредности, научете ги децата кога ќе пораснат да го ценат својот сопатник и да се грижат за своите деца. Живејте со полно срце, Ви посакувам се најдобро!

 

Имав потреба да Ви пишам повторно, можеби некому ќе му помогне...

Соња Мегленова Најдовска