И оваа година Лулка го одбележа 17-ти Ноември – Светскиот ден на предвременото породување.

Годинава Светскиот ден на предвременото породување се одбележува под слоганот „Да соработуваме: Партнерство со семејствата при грижата за малите и болни новороденчиња.“ Истиот ден, во 12:00 часот, на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство беше одржана прес-конференција по повод Светскиот ден на предвременото породување. Беа истакнати мерките за подобрување на третманот на предвремено родените бебиња и резултатите кои се постигнати досега на Клиниката.

На оваа прес-конференција директорката Јовановска и претседателот на граѓанската невладина организација „Лулка“ Денис Ал Кхалили потпишаа Меморандум за соработка, по што се планира обезбедување на едукација и поддршка на младите луѓе кои планираат бременост, на трудниците и на родителите кои имаат предвреме родено бебе, во текот на третманот на новороденчињата и по излегувањето од болница. Соработката е со цел да се насочиме кон превенција, со едукација на трудниците и на младите пред забременување.

 

Untitled

 

„Лулка“ заедно со персоналот на клиниката ќе работи на подобрување на комуникацијата меѓу родителите и персоналот, подобрување на негата и поддршката, едукација за доењето, подобрување на комуникацијата со семејствата кои имаат предвреме родено бебе или кои, за жал, го загубиле бебето. Семејствата кои имаат терминско или предвреме родено бебе, целата своја надеж и желба за новиот живот на своето бебе ја насочуваат кон оваа Клиника, а она што најмалку можеме да направиме е да бидеме отворени, да им дадеме поддршка и совет, и заедно да соработуваме, да бидеме партнери во грижата за нашите трудници, мајки и новороденчиња.

2018 11 13 WPD image macedonian social media EFCNIНа секои 10 новородени, 1 се раѓа предвреме. Насекаде во светот. Предвременото породување е главна причина за смрт на новороденчињата. Најчести причини за предвремено породување се инфекциите кај мајките за време на бременоста, аномалии на матката, ин витро оплодувањата со повеќе плодови, нередовно контролирана бременост. Докторите апелираат трудниците да не пијат алкохол, да не пушат, да имаат богата исхрана, да одат редовно на контрола, да се контролираат секусално преносливите болести, да се третираат навремено вагиналните и уринарни инфекции, да се слушаат советите од матичниот гинеколог, да се користат суплементи во бременоста.

Кон одбележувањето на овој ден се приклучи и Театарот за деца и младинци - Скопје. Во чест на предвреме родените деца театарот донирашe карти за претставата „Тоби“ на која дојдоа 50 предвремено родени деца со своите родители. Беше прекрасен настан разубавен од насмеаните лица на малите херои со големи срца и нивните храбри родители!