Не постои правило за бројот на ехо прегледи во текот на бременоста. Постојат неколку прегледи кои се прават рутински со определена цел, а доколку има потреба се закажуваат и дополнителни ултразвучни скенови.
Првиот ултразвучен преглед вообичаено се закажува во 7. недела и на овој преглед се потврдува бременоста. Исто така се исклучува постоење на mola hydatidosa (промени на постелката кои се видливи ври ехо прегледите), како и развој на бременост надвор од матката (ектопична бременост). На овој преглед се регистрираат пулсациите на срцето на плодот и се мери должината на плодот (CRL мерка) за одредување на терминот за породување.
Вториот скен се закажува за 12. гестациска недела, како прв скрининг преглед во бременоста за Down – ов синдром. На овој преглед се мери нухалната транслуценца (NT), што претставува еден специфичен кожен набор на вратот на бебето, се визуелизира и носната коска на бебето и др. Доколку постои сомневање за Down –ов синдром или некое друго хромозомско пореметување може да се предложи испитување на плодовата вода (амниоцентеза). Вториот скрининг преглед се закажува од 18. до 22. недела од бременоста, и овој преглед претежно служи за откривање на вродени малформации. Сега плодот е веќе доволно развиен и може да се испита феталната анатомија, се врши преглед на плодот по органи и органски системи. Во овој период се одредува локализацијата на плаценатата, а може веќе со сигурност да се потврди и близначката бременост доколку ја има.
На подолната слика е прикажано мерење на NT и присуството на назалната коска, значајни маркери за откривање на вродените малформации кај плодот.
Доколку е се во ред следниот ултразвучен преглед се врши во 32. гестациска недела. Овој скен дава податоци за растот на бебето, неговата големина и тежина и уште еднаш се потврдува локализацијата на плацентата. Во овој период се испитува евентуалното заостанување во растот на плодот, во кој случај се вршат дополнителни ултразвучни и доплер испитувања.
Голема благодарност за позајмените ултразвучни слики на Др. Оливера Арнаудова (ПЗУ Деметра Медикал - Скопје)