Во моментот кога фетусот почнува да чувствува, кога почнуваат да функционираат неговите сетилни органи, тие анатомски и физиолошки не се целосно развиени. Нивното созревање и правилно оформување е можно само преку примање на различни дразби од околината.
Едновремено, за секое од сетилата се развиваат соодветните центри во централниот нервен систем, во мозокот. Во почетокот ова се однесува само за дразбите кои пристигнуваат од околината, надвор од мајчиното тело. Токму овие надворешни дразби го стимулираат натамошното изградување на сетилните системи на бебето.
Фетусот прво успева да прима дразби, а потоа почнува и да реагира на нив. Кога ќе се роди, не бебето му треба одредено време да научи да реагира на надворешните дразби, но и на внатрешните информации кои ги добива при движењето на сопственото тело. Тесниот простор во утерусот не е планиран за движење, па и перцепцијата на сопствените движења е многу поизразена по породувањето.
Први сопствени искуства на фетусот
Помеѓу четвртиот и петтиот месец од преднаталниот период мајката ги забележува првите движења на фетусот. Секако, фетусот реагира и чувствува дразби уште претходно, пред мајката да го забележи тоа: во 5-тата недела фетусот веќе има сложени рефлексни активности, а во текот на 8-мата недела се јавуваат првите спонтани движења. Во овој ран период од бременоста фетусот лесно ги движи главата, нозете и трупот.
Појава на гестови и мимики
Фетусот го цица палецот од раката веќе во 9-тата недела, трепка на јака светлост, во 5-тиот месец на лицето има насмевка, го збрчкува челото и прави гримаси. Ако плодовата вода содржи горчливи материи, фетусот ја собира устата. Фетусот при допир на усните веќе го манифестира рефлексот на цицање, а ако проголта повеќе вода, може и да ика (и ова е еден од рефлексите). Кога мајката е уморна или изложена на стрес, плодот покажува зголемена активност, клоца или бутка во утробата на мајката.
Од обвивката на оплодената јајце-клетка преку бројни промени, на крајот се развива кожата. Таа го одвојува и заштитува телото од надворешните физчко-хемиски влијанија и овозможува регулација на количината на водата во организмот и регулација на температурата на телото. Фетусот го запознава светот најнапред благодарение на сетилата кои се сместени на кожата. Тој реагира на дразбите од надворешниот свет, што значи дека ги перципира. На притисок на стомакот на мајката, нараснатиот фетус веќе реагира со удари со ногата. Од третиот месец на бременоста фетусот веќе прави обиди да го избегне притисокот на кој е изложен. Преку реакциите, фетусот покажува дека тежнее да ги избегнува непријатните ситуации.
Топло-ладно
Температурата на фетусот е за 0,5 до 1,5 степени повисока од температурата на мајчиното тело. Затоа ако мајката има зголемена температура, фетусот има нешто повисока од нејзината и покажува знаци на вознемиреност. Фетусот исто така реагира и на студено.
Сетило за слух
Заблуда е дека во матката е тивко и мирно. Срцето на мајката чука, цревата и желудникот кркорат, плацентата бучи, се слуша гласот на мајката и другите звуци кои доаѓаат однадвор.
Дишењето и отчукувањето на срцето се првите ритмички доживувања. Веќе од шестиот месец, слушните дразби од надворешната средина влијаат врз отчукувањата на срцето на плодот. Кај седуммесечниот фетус веќе се создава и условен рефлекс со слушна дразба. Звукот и правилниот ритам на срцето на мајката за фетусот се знак дека се е во ред. Кога при напор срцето на мајката чука побрзо, фетусот се вознемирува.
Ритмична предоснова на говорот е ритмничното отчукување на срцето на мајката. Најблиските лица на бебето во секој говор и јазик се означени со двосложни зборови, бидејќи тие имаат ист ритмичен склоп со оваа звучна дразба.
Чувство за време – ритам на будна состојба и сон
Во последните три месеци од бременоста фетусот има циклуси на спиење и на будност, состојби кои најчесто се задржуваат низ целиот живот. Во едно испитување кое е спроведено, за време на бременоста бебињата на келнерките (кои доцна легнувале) и на оние кои работеле во пекарите (кои рано станувале) по породувањето го преземале и понатаму го задржале ритамот на спиење на нивните мајки.
Најдоцна во 5-от месец од бременоста фетусот почнува да реагира на музика. На неродените деца во утробата на мајката им се допаѓа музиката на Моцарт и Вивалди, што се оценува според правилните отчукувања на срцето на бебето и смирените движења.
Фетус-слатковкусец
Истражувањата покажуваат дека фетусот ја голта плодовата вода во поголема количина кога е во непријатна ситуација и така ја “засладува“. Фетусот ги разликува вкусовите на плодовата вода. Тој постојано ја голта и на тој начин се одржува релативно константната количина на плодова вода. Ако во неа се внесат горчливи материи, кога фетусот пие од неа ги собира усните и прави згрчено лице. Спротивно, ако се внесат слатки материи, тој пие повеќе од плодовата вода отколку во нормални услови.
Дали фетусот сонува?
Мерењата со ЕЕГ (електроенцефалограм) покажуваат постоење на РЕМ – фази во сонот на фетусите во текот на 7-от месец. Брзите движења на очите за време на сонувањето се најчести во преднаталниот период, по раѓањето тие се намалуваат, а најмалку ги има кај луѓето во постара возраст. Претпоставката е дека неможноста да се движи во тесната матка во последните три месеци од бременоста фетусот ја надокнадува со зголемена активност на мозокот. Затоа ова се нарекува активно спиење, еден вид на вежби за мозокот. Но останува отворено прашањето, дали во текот на активното спиење има содржини, и ако има какви се тие.
Анета Копачева - Дипломиран педагог