Кардиотокографијата се користи за регистрирање на четири параметри. Се испитуваат контракциите на матката и три мерки поврзани со работата на срцето на бебето: фреквенцијата, основната стапка и променливоста, т.е. забрзувањата и забавувањата на срцевата работа на фетусот.
Контракции на матката – се испитува времето помеѓу контракциите, кое се скратува со напредокот на породувањето. Се регистрира бројот на контракции во интервал од 10 до 30 минути. Нормално треба да има 5 или помалку контракции во тек на 10 минути.
Основна стапка на срцевата фрекфенција – се испитува срцевата акција на фетусот и забрзувањето и забавувањето на работата на срцето на бебето. Нормално, фрекфенцијата се движи помеѓу 110 и 160 удари во минута во текот на 10 минути. Ова е просечна основна стапка.
Варијабилност од основната стапка – оваа мерка може да ги регистрира забрзувања и забавувања од основната стапка. Забрзувањата се нормално присутни и бараат повремено следење на ЦТГ. Забавувањата се значително поретки, и може да се јават во различен однос со контракциите на матката. Раното забавување се јавува истовремено со контракцијата на матката и завршува со неа. Ова покажува зголемен притисок на главата на фетусот во тек на контракцијата. Променливото забавување е поизразено и не ги следи контракциите на матката, а може да сигнализира притисок на папочната врвка. Задоцнетото забавување трае уште долго по завршување на контракцијата и може да означува хипоксија поради пореметување на функцијата на плацентата и претставува загрижувачка состојба.
Нормални (референтни) вредности на ЦТГ испитувањето:
- Основна стапка 120 – 160 отчукувања во минута
- Умерена променливост
- Отсуство на доцни и променливи забавувања
- Раните забавувања и забрзувања може да се регистрираат или воопшто да не се присутни
Др. Оливера Арнаудова - Специјалист гинеколог-акушер