Дијабетот претставува болест во која организмот има проблем поврзан со создавањето и/или искористувањето на инсулинот. Инсулинот е хормон кој се создава во панкреасот и кој е одговорен за нормално искористување на шеќерот од крвта (глукоза) и негово трошење како извор на енергија во организмот.

Доколку постои дијабет, инсулинот недостига или потешко ја извршува својата улога во организмот. Како резултат на тоа, шеќерот во крвта останува неискористен, се задржува во крвта и при мерење дава повисоки вредности од нормалното. За разлика од класичниот Diabetes mellitus, кој може да настане во раната детска или адолесцентна возраст (Тип I) или кај возрасните индивидуи (Тип II), гестацискиот дијабет прв пат се јавува во бременоста и најчесто се губи по породувањето.

Инциденцата (зачестеноста) со која се јавува гестацискиот дијабет е 7% (во просек седум од испитуваните 100 жени имаат гестациски дијабет). Вообичаено настанува во текот на второто тромесечие од бременоста, а почесто се јавува кај оние жени кои имаат поголема телесна тежина, кои имаат историја на гестациски или тип II дијабет во семејството.

Мерење на шеќерот во текот на бременоста најчесто се врши во рамките на рутинските лабораториски анализи кои се вршат пред секој гинеколошки преглед. Доколку се забележи определено покачување, неопходно е редовно мерење на шеќерот во крвта, најчесто од четвртиот прст на дланката, со помош на дигитален глукометар. Важно е да се забележат вредностите кои сте ги добиле со датум и час на мерењето, врз основа на кои податоци, Вашиот доктор ќе Ви додели соодветна терапија. Истовремено, се следи и нивото на шеќер во урината. Доколку е покачен над определна вредност, шеќерот ја поминува бубрежната бариера и се јавува и во урината, каде нормално воопшто го нема. Често, како резултат на присутниот шеќер во урината, се развива инфекција со кандида проследена со чешање во срамниот предел на жената.

Во текот на бременоста дијабетот најчесто предизвикува големо бебе, со тежина над 4 kg. Оваа појава се нарекува макрозомија, а големото бебе може да предизвика проблеми во текот на породувањето. Овие бебиња може да имаат низок шеќер веднаш по раѓањето, можни се проблеми со дишењето итн. Доколку нивото на шеќерот во крвта се одржува во нормални граници, може да се спречат овие проблеми и жената да роди нормално здраво бебе. Доколку постои гестациски дијабет и бебето е поголемо од нормално, можно е предвремено предизвикување на породувањето (индукција) или породување со царски рез.

Високото ниво на шеќер во крвта мора да се третира, секогаш кога постои, а особено во текот на бременоста. Доколку докторот потврди дека имате гастациски дијабет, неопходно е веднаш да се преземат соодветни мерки. Во поголем број случаи, состојбата се контролира со диета и редовна физичка активност. Доколку е потребно, во телото се внесува инсулин преку поткожна инјекција (инсулински пенкала).

 


Доколку имате гестациски дијабет, најважно е да бидете активни и да ја контролирате исхраната. Прекумерната тежина во текот на бременоста ја влошува состојбата на трудниците кои имаат гестациски дијабет. Како физичка активност се препорачува пешачење или пливање. Овие активности не треба да бидат тешки, едноставно секој ден треба да имате определена физичка активност и да останете во форма. Диетата е важна компонента од третманот на гестацискиот дијабет. Треба да се контролира големината на порциите, да се внесуваат колку што е можно повеќе овошје, зеленчук и мешунки и да се намали внесот на масти преку исхраната. Тежината треба да се контролира и постепено да се зголемува до вообичаените 10 – 12 kg во текот на целата бременост.

Најчесто гастацискиот дијабет исчезнува по породувањето. Доколку нивото на шеќер во крвта се нормализира, нема потреба од редовно мерење на гликемијата. Сепак, утврдено е дека овие жени имаат склоност кон појава на Тип II дијабет во подоцнежните години од животот. Затоа се препорачува диета и одржување на нормална телесна тежина, редовна физичка активност и повремена контрола на крвната слика и шеќерот, со цел навремено откривање на дијабетот доколку се појави во текот на животот.


 

 

 Pregnatol DHA MKD Lulka no2

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama