Во рамките на програмата „Растеме заедно“, организацијата Лулка организира и спроведува вежби за трудници. Здравјето на нашите деца за секој од нас е бесценето. Секој од нас сака да живее во здраво семејство и да има здраво потомство.
Секоја бремена жена мора да биде свесна и да знае многу за состојбата во која се наоѓа. Грижата за сопственото здравје и за здравјето на сопственото дете треба да започне уште рано во текот на бременоста.
Бидете дел од нашиот Курс за психофизичка подготовка за породување со вежби за трудници, дозволете ни да Ви помогнеме да го дочекате вашето бебе подготвени, смирени, сталожени и сигурни во себе. Курсот е наменет за трудници со наполнета 28 гестациска недела.
Вежбите за зацврстување на абдоминалните мускули како и вежбите за дишење ќе ве припремат свесно и спремно да се соочите со чинот на породувањето. Кожа на кожа контакт со бебето ќе ги ослободи механизмите за продукција на млеко, положбите за доење и практичните совети ќе ви го олеснат доењето. Практичните вежби со вас и вашите партнери ќе ве ослободи од стравот при нега и капење на вашето новородено. Во текот на осум часа по 90 минути, надминете го стравот, нејаснотиите и неизвесноста и подготвени чекајте ги првите контракции и средбата со вашето најмило.
Пријавете се на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Ве очекуваме!
Што е психофизичката подготовка за породување?
Програма од специјално програмирани и дозирани физички вежби за полесна и поздрава бременост. Програмата опфаќа вежби за зголемување на физичката кондиција на трудниците и за постигнување на поголема еластичност на зглобовите. Преку вежбите се постигнува зајакнување на карличната мускулатура на трудницата, што резултира со полесна контрола на текот на породувањето и полесно породување. Со вежбите трудницата постигнува кондиција, сигурност и самоувереност која ја зголемува веројатноста за лесно породување и раѓање на здраво бебе.
Со приближувањето кон терминот за породување, секоја трудница постепено се запознава со начинот на однесување во текот на породувањето, се работат вежби за релаксација, се усвојуваат техниките на дишење и се врши запознавање со техниката на масажа од страна на партнерот во текот на породувањето. Овие активности опфаќаат и симулација на породувањето како најреално претставување на вистинскиот чин на породувањето.
Програмата во континуитет содржи едукативни активности и психолошка поддршка на бремените жени, преку отворена комуникација во интимна атмосфера во која доаѓаат до израз личните карактеристики на секоја трудница. Нашите професионалци ќе Ви ги доближат темите поврзани со бременоста и начините на породување, доење и нега на бебето, соочувањето со обврските на родителството и дефинирање на Вашата нова улога во семејството.
Што кажуваат оние кои го посетиле курсот?
- Ми помогна да го надминам стравот од породување. Особено ми се допадна што се обрнува внимание на негата на новороденчето.
- Сметам дека секоја тема е опфатена и се споделуваат корисни информации.
- Прекрасно организирано, се обрнува внимание на секоја тема, не припрема за нова фази во животот.
- Најмногу ми помогнаа разговорите, советите од педијатарот и акушерката. Фино беше споделувањето на искуства меѓу трудниците.
- Името на курсот е доста соодветно на она што јас го добив од присуствувањето. Навистина беше психофизичка подготовка, ми се разјаснија многу дилеми и добив одговор на многу прашања.
- Одлична замисла, препорачувам секоја трудница да го посети.
- Интеракцијата на часовите, отвореноста и подготвеноста на стручните лица најмногу ми помогна во однос на курсот. Ми се допаднаа деталите за породувањето, дишење, негата и развојот на бебето.
- Курсот мене ми беше од голема помош, посебно последните часови и работата со педијатарот, одговорите на прашањата кои претходно ме оптеретуваа и запознавањето и припремата за сите состојби кои може да не сретнат ми беа од голема помош.
- Доста корисни информации со пракса, многу прашања разјаснети и сега се чувствувам посамоуверена за периодот што ми следи.
- Сметам дека најмногу ми помогнаа часовите по доење, нега и бањање на бебето.
Сведоштво на една мајка за искуството со вежбите на Лулка:
Софиа Насевска - мајка на малиот Вања