Сонот е "Кралски пат кон несвесното" е добро позната Фројдова дефиниција, додека пак Јунговата  е уште по описна и интригантна и звучи вака:„Секој сон е стомна полна со водата на животот. Секоја ноќ ни се нуди по една голтка од таа вода; разбирањето на соништата нè полни со нов живот. Се чувствуваме дека сме во допир со длабочините на сопствената психа, со суштината на сопствениот живот. Во тие мигови секој се чувствува жив.“

Соништата од секогаш биле интересна тема за човекот а уште поинтересни се специфичностите кои се јавуваат при бременоста кај жената како една посебна состојба.

Соновите за време на бременоста се природен пат кој и асистира на жената низ процесот на трансформација и премин на улога од жена во мајка. Нема дискусија на прашањето дали се тие важни и за нивната улога, бидејќи одговорот е јасен.Очигледен е ефектот и промените кои настануваат кај бремената жена уште од самото започнување на бременоста и не само физичките, туку и паралелно менувањето на нејзиниот севкупен ментален конструкт. "Менталната бременост" е исто така подеднакво значајна како и физичката бременост со сите промени во неа, и претставува една мајчинска подготовка во која се развива слика во нејзината свест и потсвест за сеуште нероденото дете. 

Соновите се најважниот дел кој овозможува интеграција на новата состојба, и овозможуваат да се создаде место во умот за очекуваното новородено, од што може и да се објасни зашто понекогаш соновите може да бидат чудни и бизарни дури и вознемирувачки и да се јавуваат многу почесто од пред настанување на бременоста, дури и можеби секоја вечер, а тоа прави многу трудници да бидат загрижени. Напливот на хормоните, лутата храна и доцната вечера, падот на нивото на шеќер и зголемениот број на саати минати и потребни за спиење кај бремената жена го менуваат квалитетот и квантитетот на сонот.

Aпсолутно нема потреба од загриженост. Сето ова е нормална појава која си има своја значајна функција, тоа е еден начин да мајката ја следи генезата на своето неродено дете. Сонот несомнено и докажано има растеретувачка улога како и можност со него да се завршат некои недовршени работи од реалното секојдневие и да се добие порака од своето несвесно. Порака од себе за себе. Честотата и вивидноста, односно живоста на соништата не треба да бидат грижа и чудење кај трудницата и да предизвикува анксиозност, страв и мисли дека постои некаква патологија.

Соновите имаат тенденција да се менуваат низ трисеместрите на бременоста низ еден познат и предвиден терк кој го рефлектира прогресот на бременоста систематично. Во првото тримесечие многу чести се соновите поврзани со вода и пливање, паралелно на создавањето на плодовата вода во утерусот, како на пример риби во вода кои го симболизираат фетусот. Исто така, заедничка тема е и фертилноста изразена во симболи на градина, цвеќиња, овошни плодови и неретко сонување на згради на кои им се зголемува комплексноста низ развојот на бременоста. Неретко, соништата во првиот триместар се и со сексуална конотација. 

Во второто тримесечие чести се сонови со разни животинчиња и започнуваат соништа на своето дете, но со нечовечки, изместен изглед и со одредени малформации. Многу често се сонува породувањето на своето дете, но тоа е со возрасен човечки лик, наместо со бебешки лик. Со зголемувањето на анксиозноста, со доаѓањето на третиот триместар може да дојдат и уште повознемирувачки соништа. Тие најчесто се однесуваат на самиот чин на породувањето и приближувањето на терминот за породување, на полот на детето и загриженоста за неговото здравје, или пак недоумиците за неговото име.

Доколку имате потреба од  совет и разговор, доколку анксиозноста е преплавувачка и не можете да го намалите и контролирате стравот, сакате да ја дознаете пораката од вашите соништа или пак едноставно имате нејаснотии и потреба да споделите за состојбата и процесите низ кои минувате, не се спречувајте себеси, обратете се и побарајте ја потребната психолошка поддршка и стручна помош.

Ивана Хаџиванова - Психолог


 

 

 Pregnatol DHA MKD Lulka no2

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama