Мултифетална (повеќеплодна) бременост настанува кога ќе дојде до оплодување на една или повеке јајце клетки и кога во матката истовремено се развиваат два или повеке плода. Околу 96 % од сите мултифетални бремености се близначки(двојки). Од нив 1/3 се еднојајчани, а 2/3 се двојајчани.

Фактори кои имаат влијание  на настанување на мултифетална бременост се:

- наследен фактор-ако во семејството  има  близначки бремености

- претходна мултифетална (близначка) бременост

- возраст на жената-кај повозрасни  е поголема можноста за мултифетална бременост одошто кај помлади(можноста да имате близнаци на 37 год.возраст е 4 пати поголема отколку на 18 год. возраст)

- раса-статистички, најголем процент на близначки бремености има во Нигерија (49 % двојајчани и 5% еднојајчани близнаци), а најмал процент во Јапонија (1,3 % двојајчани и 3% еднојајчани близнаци)

- третман на  неплодност со медикаменти или медицински потпомогнато оплодување

Еднојајчани близнаци
Еднојајчани (монозиготни) близнаци настануваат со оплодување на една јајце клетка со еден сперматозоид, кои во тек на првите 2-14 дена од оплодувањето се делат на два ембриона. Двата ембриона најчесто имаат една, заедничка постелка и  две амнионски шуплини, многу поретко може да имаат две постелки и две амнионски шуплини, или една постелка и една амнионска шуплина.

Еднојајчаните близнаци имаат иста генетска структура (но имаат различен отисок на прст), секогаш се  од ист пол, имаат идентични физички карактеристики - иста боја на коса,очи (“клонови“ еден на друг).

Двојајчани близнаци
 
Двојајчани (дизиготни,фратернални) близнаци настануваат со оплодување на две јајце клетки со два сперматозоида, од кои настануваат два ембриона. Оплодувањето настанува скоро исклучиво од истиот полов однос и во истиот циклус. Јајце клетките може да се од еден или двата јајника. Двојајчаните близнаци  имаат две постелки и две амнионски шуплини.

Двојајчаните близнаци може да се од ист или различен пол,не личат многу, односно личат како брат или сестра,имаат различна генетска структура.

Кога станува збор за тројки или четворки, треба да се истакне дека  плодовите може да потекнуваат од една јајце клетка, но многу почеста е можноста да настанат од две или повеќе ооцити (јајце клетки). Во вакви случаи,постои можност да настанат комбинации  и на монозиготни и на дизиготни (двојајчани) близнаци. Близнаците од машки пол во просек се потешки од женските близнаци, исто така двојајчаните близнаци имаат поголема тежина од еднојајчаните близнаци. Тежината на близнаците во просек е помала за 600-700 грама во однос на единечен плод од иста гестациска недела.

Дијагноза и тек на бременоста

Дијагноза се поставува врз основа на анамнеза, клинички и гинеколошки преглед, а единствен најсигурен начин да се утврди  близначка (мултифетална) бременост, е ултразвучниот  преглед. Многу е важно уште во првите месеци од гестацијата, да се утврди  колку ембриони има и дали се еднојајчани или двојајчани (монозиготни или дизиготни), како би можеле навреме да ги предвидиме можните компликации.

И покрај тоа што не се смета за патолошка бременост, во строга смисла на зборот, сепак мултифеталните бремености може да се бремености со многубројни можни компликации. Сите тегоби што се поврзани воопшто со бременостите, кај ваквите бремености од самиот почеток може да се поизразени,поради поголемото оптеретување на организмот на трудницата. Трудниците може да чувствуваат притисок во малата карлица, чести гадења, повраќања (токсикози), болки и отоци во нозете, отежнато дишење. Скоро кај сите трудници се јавува одреден степен на анемија, а кај 40 % од овие труднице  се јавува покачен крвен притисок (прееклампсија ). Предвремено породување и развојни проблеми на едниот или двата фетуси, се чести кај овие бремености. Поради тоа кај овие трудници се прават почести пренатални контроли, треба да имаат посебен режим на исхрана и повеќе одмор.

Должината на траење на овие бремености  пропорционално се смалува со бројот на плодови. Близначките бремености обично траат три недели помалку од обична бременост. Во денешно време, со воведување на стриктен надзор и соодветен третман на трудниците со мултифетална бременост, значајно е намален процентот на предвремени породувања.

Породувањето може да биде спонтано (вагинално) или со царски рез, во зависност од здравствената состојба на мајката, тежината и поставеноста на плодовите и нивната здравствена кондиција.

СУПЕРФЕКУНДАЦИЈА - оплодување на две или повеќе јајце клетки во тек на една или повеќе овулации, во тек на два или повеќе коитуса.

СУПЕРФЕТАЦИЈА - оплодување на две или повеќе јајце клетки во тек на повеќе овулации во еден или повеќе менструални циклуси.

Кај човекот до сега овие појави не се докажани.

 

Др. Вероника Кокоромановска - Специјалист по гинекологија и акушерство


 

 

 Pregnatol DHA MKD Lulka no2

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama