По оплодувањето на јајце-клетката и нејзиното вгнездување во ѕидот на матката, започнува бременоста и развојот на плодот. Бременоста вообичаено трае 40 недели, или околу 9 календарски месеци. Во текот на овие девет месеци плодот целосно се оформува во организам кој е способен за живот во надворешната средина.
Во текот на првите 3 месеци од бременоста, во утробата на мајката од една единствена клетка наречена ЗИГОТ се создава новиот организам. Зиготот ги содржи карактеристиките на обата родители бидејќи настанува со спојување на јајце-клетката на мајката со сперматозоидот на таткото. По оплодувањето, кое најчестот се случува во јајцеводот, зиготот се дели и се претвора во повеќеклеточна формација наречена БЛАСТОЦИСТА. Бластоцистата патува кон матката и се вгнездува во ѕидот на матката шестиот ден по оплодувањето. По вгнездувањето бластоцистата се развива во ЕМБРИОН - зачеток на идниот човек. Истовремено, развојот води кон формирање на плацентата и обвивките кои го штитат плодот до крајот на бременоста. Ембрионот се развива во насока на диференцирање на клетките по функција и постепено оформување на групи клетки од кои ќе се развијат органите на идното новороденче.
Во текот на првото тромесечие се случува забрзан раст и развој на плодот. Особено значајно за мајката е да јаде нормално и да ги внесува сите хранливи материи, бидејќи слабата исхрана и потхранетоста може да му наштетат на плодот во овој период. Плодот е особено осетлив на штетното влијание на алкохолот, повеќето лекови, инфекциите како рубеола или цитомегаловирус, а може да му наштетат и рендгенските зраци.
Свесното и одговорно однесување на мајката пред да забремени и во текот на раната бременост на плодот ќе му овозможи правилен и непречен развој во овој значаен период. Се препорачуваат редовни прегледи кај гинеколог – акушер во текот на првото тромесечие и во текот на целата бременост.