Љубица Спасова – Мајка од Штип која ги доела своите две деца. И денес, кога се обидува да се присети на тој бебешки период и на раното детство на своите деца, прва слика која и се јавува е детето на нејзините гради, топлината создадена меѓу двајцата, неговото блажено лиценце додека цица...

 

Sliki Ljubica 1

 

Дали вашето искуство со доењето е позитивно? Што за Вас претставува доењето?

Моето искуство со доењето е исклучително позитивно. Не можам да наведам ниту еден негативен аспект на овој чин на длабоко физичко и емотивно поврзување помеѓу мајката и нејзиното дете.

Кажете ни нешто повеќе за вашата бременост и породување? 

Бременоста и породувањето, генерално, протекоа нормално, без особени компликации. Во текот на бременоста и со двете деца се чувствував извонредно, пресреќна дека ќе бидам  мајка. Породувањето, особено со моето прво дете, не се одвиваше како според книга. Детето се роди подоцна од очекуваното, не му се излегуваше од мешето на мама (хахаха), но сепак, на крајот, кога се роди, останаа само спомените на слатко-тегобните моменти.

Дали знаевте нешто за доењето пред да се породите? Дали добивте информации за доењето во текот на бременоста?

Од моментот кога дознав дека сум бремена, постојано се информирав за пренаталниот развој на плодот, но и за постнаталниот развој на бебето и значењето на доењето за тој развој. Информациите ги добивав од интернет страниците кои ги обработуваат овие теми, но и од службата за грижа за мајки и доенчиња во јавната здравствена установа од мојата општина.

 

download

 

Дали имавте проблеми на почетокот на доењето и ако имавте, како ги надминавте?

По раѓањето на моето прво дете се јавија извесни тешкотии во доењето во смисол на појава на маститис и болки на брадавиците, но сепак, за кратко време овие проблеми беа надминати со помош од матичниот лекар и поддршката од мојот сопруг.

Дали добивте поддршка за воспоставување на доењето и лактацијата во болница?

Во болницата, по раѓањето на моите деца, ми беше објаснет начинот на доење од страна на тамошните сестри, ми беа дадени и брошури со илустрации за тоа како правилно се дои.

Дали патронажна сестра Ви даде поддршка за доењето дома и колку Ви значеше таа поддршка?

По заминувањето од болница, за кратко време дома дојдоа патронажни сестри кои, меѓу другото, не само што беа заинтересирани за тоа дали бебето цица, туку бараа и да видат како дојам, со понатамошни инструкции за тоа што е добро, а што треба да се корегира.

 

Sliki Ljubica 2

 

Според Вас, колку е значајно мајката да добие соодветна едукација за доењето навреме, уште пред породувањето?

Според мене, скоро да не постои родилка која не може да дои. За да опстои чинот на доење подолго, многу е важно таа да се информира пред породувањето за значењето на доењето за неа и за новороденчето во смисол на поттикнување на психофизичкиот развој на детето, нивното емоционално поврзување и обостраната физичка и психичка релаксација (растеретување) за време на самиот чин.

Што беше пресудно за да продолжите да го доите Вашето бебе?

Уште пред да се родат моите две деца, цврсто бев решена дека ќе ги дојам подолго време и дека знаците за прекин на доењето ќе се појават сами. Така и се случи. Моето прво дете го доев 18 месеци. Со второто дете доењето траеше пократко поради мои здравствени проблеми.

Дали добивте поддршка од вашето семејство во однос на доењето?

Поддршката од мојот сопруг и најблиските членови од моето семејство за да ги дојам моите деца ми значеше многу, но мислам дека најважна беше мојата цврста решеност доењето да потрае.

 

816d6594 009d 421c b9de 3b76185140d5

 

 

Дали доите/доевте во јавност?

Се случувало да дојам во јавност, но покриена со некое парче облека или марама. Лично, го поддржувам доењето во јавност, во каква и да е форма.

Што мислите, кога е идеално време да се престане со доењето?

Не постои идеално време за престанок на доењето. Добро е да трае подолго, најкратко една година од раѓањето на детето. Како што кажав претходно, можеби ќе се појават одредени знаци дека доењето треба да престане, на пример, детето помалку ќе бара или мајката ќе одлучи дека е доволно...

Каков совет би им дале на идните мајки кои допрва треба да се породат и да дојат?

Мојот совет до идните мајки е да ги дојат своите деца подолго време, да ги издржат почетните тешкотии при доењето кои можеби ќе се појават, зашто не постои поголема физичка и афективна поврзаност помеѓу мајката и детето од онаа која ја дава чинот на доење. Придобивките од доењето на секоја современа сегашна и идна мајка ѝ се познати. Затоа нека бидат упорни. И денес, кога се обидувам да се присетам на тој бебешки период и раното детство на моите деца, прва слика која ми се јавува е главата на моето дете на моите гради, топлината создадена меѓу нас, неговото блажено лиценце додека цица...

 

 

ЛОГО