Текстот кој го објавуваме е дел од документот WBTi Assesment report за Република Македонија. За шестиот индикатор Поддршка на трудниците и мајките кои дојат, на локално ниво во заедницата, оцената која ја доби Македонија е 5. Овој индикатор се однесува на достапноста на сервис во локалната заедница за стручно советување на мајките, за исхрана на доенче и мало дете и достапноста на оваа поддршка за сите жени (во тек на бременоста и после породувањето).
Извор на информациите:
Оргиналниот извештај може да го погледнете на http://worldbreastfeedingtrends.org/ или на следниот линк: Macedonia Report card 2017 и Assessment report Macedonia. Повеќе информации за севкупниот процес на оценување прочитајте во нашиот претходен текст Проценка на состојбата со доењето во Македонија.
Заклучок за WBTi индикатор 6 - Поддршка на трудниците и мајките кои дојат, на локално ниво во заедницата
Република Македонија има добро развиена мрежа на јавни и приватни породилишта и одделенија за гинеколошка и акушерска нега. Скоро сите породувања се потпомогнати од медицински кадар во здравствените установи (гинеколози-акушери и акушерки) и достапен е транспорт за упатување до соодветна установа за акушерска нега во итни случаи. Според последниот извештај над 98% од жените се породиле во јавни и приватни болници со медицинска поддршка во тек на раѓањето, а едно од секои четири деца во Македонија се раѓа со царски рез.
Министерството за здравство е одговорно за подготвување и дистрибуирање на протоколи и упатства за правилна антенатална грижа, раѓање и постнатална нега базирана на докази, при што мајките треба да добијат добра здравствена нега и советување за доење. Породилиштата нудат бесплатни антенатални часови за бремени жени во последниот месец од бременоста, кои вклучуваат и информации за доењето, но стапката на посетеност не е на задоволително ниво. Нема достапни документирани податоци и извештаи за бројот на обезбедени вакви услуги.
Медицинскиот персонал во родилиштата е добро обучен за породување и советување за доењето, но промоцијата, поддршката и заштитата на доењето не се спроведува соодветно, поради големиот број на пациенти и недостатокот од кадар во јавните здравствени установи.
Истражувањето на УНИЦЕФ покажува дека само 21% од мајките започнале да дојат во првиот час по породувањето, а 64 % од нив во текот на првиот ден.
Ординации за следење на бременоста се достапни на ниво на примарна здравствена заштита во заедницата, и тие се бесплатни за сите осигурани жени. Тие се управувани од страна на гинеколог-акушер и меѓудругото, нудат здравствени услуги за бремени жени (советувањето е вклучено во основниот пакет на здравствени услуги).
Услугите за нега на локално ниво се обезбедени од страна на патронажни медицински сестри, и тие се исто така бесплатни. Тие обезбедуваат превентивни здравствени услуги за сите членови на семејството, вклучувајќи ги бремените жени, мајките и бебињата по раѓањето, при што обезбедуваат достапен, расположлив и еднаков третман за жените во заедницата. Националната превентивна програма за подобрување на здравјето на мајките и децата (објавена од Министерството за здравство) дава упатства за пренатални посети во домовите на сите бремени жени во локалната заедница како главна задача на патронажните сестри. За жал, покриеноста со вакви услуги е помала од 50% поради недостаток на комуникација помеѓу гинеколошките ординации и патронажните сестри.
Патронажните сестри се добро едуцирани за индивидуално советување за практики на раѓање и доење, па бремената жена може да ги добие сите информации кои ѝ се потребни за да се подготви за породувањето и периодот што и следи потоа. Бројот на патронажните сестри е нееднакво распределен низ целата земја, особено оставајќи ги руралните области недоволно покриени со овие услуги. За повеќето мајки, патронажните сестри се единствените здравствени работници кои имаат директен контакт со семејството во текот на првиот месец по породувањето, а нивната улога во заштита на доењето, поддршка и советување за доење е од критично значење во првите неколку недели по породувањето кога се воспоставува лактацијата. Некои семејства со мали деца живеат во оддалечени области, каде што е тешко да се обезбеди и добие здравствена услуга.
Третата алка во синџирот на здравствена заштита за мајки, доенчиња и мали деца во локалната заедница се превентивните служби во рамки на јавните здравствените установи - поликлиники и матичните лекари.
Улогата за поддршка на доењето често е оставена на овие здравствени работници, а нивната улога е да обезбедат стабилна и современа поддршка за мајките кои дојат, со цел обезбедување на ефикасно доење и одржување на доењето. Овие здравствени работници не се рамномерно распоредени низ државата, тие не се соодветно обучени и немаат искуство во обезбедување поддршка за доењето, па така и поддршката на мајките на локално ниво, за оптимално практикување на правилна исхрана на доенче и мало дете (IYCF) е несоодветна. Традиционално новороденото бебе се носи кај здравствен работник 40 дена по породувањето, па многу често патронажната сестра е првата здравствена институција со која жената е во контакт по отпуштањето од болница.
Некои невладини организации обезбедуваат едукативни часови за идните родители, давајќи им информации за бременоста , породувањето и доењето. НВО работат волонтерски и не се признаени и препознаени од страна на државата како официјални невладини организации кои работат на промоција, заштита и поддршка на доењето.
Комитетот за доење при Министерството за здравство работи на промоција, заштита и поддршка на доењето. Комитетот е одговорен за подготовка на флаери за доење, информирање на родителите за хранење на новороденчиња и деца, како и за прославување на Светската недела на доењето секоја година.
Недостатоци:
- Големиот број на пациенти и недостатокот на здравствен кадар во јавните здравствени установи ги компромитира сите услуги за советување и едукација на пациентите, вклучувајќи го и советувањето за доење и поддршката на доењето за повеќето жени, во тек на бременоста и по породувањето.
- Слабата професионална комуникација помеѓу клучните играчи за промоција и заштита на доењето, како и недостигот на функционална поврзаност помеѓу различните нивоа на здравствена заштита кои влијаат на здравјето на жените и доенчињата, се клучна пречка во обезбедувањето сеопфатна здравствена заштита, вклучувајќи го тука и советувањето на бремените жени и мајките кои дојат.
- Здравствените работници во здравствените домови и семејните лекари не се подеднакво распоредени на целата територија на државата, понекогаш се недоволно обучени и неискусни за да обезбедат правилна поддршка на доењето. Мајките кои дојат бараат вакви услуги тогаш кога ќе се појави проблем со доењето, и кога самодовербата им е многу намалена. Поддршката која е неопходна уште во првите денови е препуштена на семејството или на патронажната сестра.
- Невладините организации кои обезбедуваат едукативни часови за идните родители, давајќи им информации за бременоста , породувањето и доењето, работат волонтерски и не се признаени и препознаени од страна на државата како официјални невладини организации кои работат на промоција, заштита и поддршка на доењето.
- Во земјата не функционира ниту еден сертифициран консултант за доење кој работи во заедницата, како на пример IBCLC консултант за доење, кому мајките ќе може да му се обратат доколку им е потребна помош.
Препораки:
- Зајакнување на капацитетот на патронажниот сестрински систем со цел подобрување на квалитетот на нивната работа и нудење на соодветни информации за антенатална грижа, за доење и советување за правилна исхрана на бебињата, на сите мајки.
- Креирање упатства за доење за патронажни сестри (како, кога и што да се советуваат мајките), со цел доследно информирање на сите бремени жени и мајки врз основа на најновите научни сознанија поврзани со доењето.
- Креирање промотивни материјали за здравјето на бремените жени и мајките кои дојат.
- Градење на капацитетот на семејните (матични) лекари за обезбедување поддршка за мајките кои дојат, како продолжена услуга по отпуштањето од болница, и нивна обука за најновите достапни информации за доењето со цел обезбедување на оптимална грижа и насоки за мајките кои дојат.
- Препознавање во заедницата и поддршка на невладините организации кои работат како групи за поддршка на доењето на локално ниво и дефинирање на нивната улога во комуникациските стратегии за промоција на доењето во општеството. Интегрирање на овие групи како извори на информации за доењето на локално ниво.
Превод: Благица Ингилизовска (Преводот е изработен на волонтерска основа)
Уредување: Др Денис Ал Кхалили – Специјалист педијатар
___________________________________________________________________________
* Една од трите главни програмски насоки на Организацијата Лулка е промоција, заштита и поддршка на доењето. Лулка го промовира доењето во Македонија од 2011 година, преку едукација на трудници и доилки, соработка со WABA и одбележување на Светската недела на доењето секоја година.