Текстот кој го објавуваме е дел од документот WBTi Assesment report за Република Македонија. За седмиот индикатор Поддршка преку информирање, оцената која ја доби Македонија е 6,5. Овој индикатор се однесува на националната стратегија за информирање, едукација и комуникација, со цел подобрување на исхраната на доенче и мало дете имплементирана на локално ниво.
Извор на информациите:
Оргиналниот извештај може да го погледнете на http://worldbreastfeedingtrends.org/ или на следниот линк: Macedonia Report card 2017 и Assessment report Macedonia. Повеќе информации за севкупниот процес на оценување прочитајте во нашиот претходен текст Проценка на состојбата со доењето во Македонија.
Заклучок за WBTi индикатор 7 - Поддршка преку информирање
Главната активност за промоција на доењето во земјата е прославувањето на Светската недела на доењето (World Breastfeeding Week) која трае од 1-7 август. Националниот комитет за промоција, поддршка и заштита на доењето одржа посебен состанок еден месец пред започнување на Светската недела на доењето и направи Акционен план за активностите кои ќе се одржат во текот и по завршувањето на Светската недела. Некои од активностите се повторуваат секоја година и се дел од годишната Програма за здравствена заштита на мајки и деца, како што се:
- Подготовка на информативна брошура и постери, кои преку здравствените установи се дистрибуираат во текот на Светската недела (родилишта, здравствени домови и преку патронажните сестри за време на нивните теренски активности во заедницата). Брошурата содржи корисни информации за придобивките од доењето, штетните ефекти од вештачката исхрана, најчести знаци за успешно доење, најчести проблеми при започнување на доењето и како да се надминат истите.
- Обука на здравствените работници кои се вклучени во советувањето за доење (патронажните сестри, акушерките, неонатолозите, докторите од превентивните служби) – секоја година различен профил на професионалци учествуваат на овие обуки.
- Прес-конференција за медиумите организирана од страна на Министерството за здравство, на која група на експерти, членови на Комитетот, ја објавуваат Светската недела на доењето и даваат краток преглед на ситуацијата со доењето во Македонија. Новинари од различни медиуми понатаму ги пренесуваат главните пораки од прес-конференцијата на јавноста, преку неколку национални и локални медиуми.
Во 2016 година, беа организирани некои дополнителни активности:
- Панел дискусија – Националниот комитет за доење и Министерството за здравство, покрај гореспоменатите активности, организираа и панел дискусија во Министерството за здравство, каде беа поканети сите клучни заинтересирани страни од различни сектори и од граѓанскиот сектор, да дискутираат за предизвиците поврзани со доењето и каков може да биде нивниот придонес за надминување на истите.
- Претседателот на Комитетот имаше интервју за неделниот весник Република и учествуваше на телевизиска емисија во живо на националната телевизија „ТВ24 Вести“.
- Некои невладини организации кои се занимаваат со промоција на доењето (како невладината организација Лулка, Матрона) развиваат различни информациски и комуникациски стратегии кои ги опфаќаат мајките кои дојат на ниво на заедницата (креираат промотивни материјали, спроведуваат работилници за доење и подигнување на свеста на компаниите за политики прилагодени кон мајките кои дојат).
- Информациите за доењето се пренесуваат преку социјалните мрежи (Facebook), a некои приватни болници и поликлиники нудат едукативни работилници за бремени жени и родители.
Компаниите од индустријата за бебешка храна се апсолутно отсутни од активностите кои се во организација на Министерството за здравство/Националниот Комитет за доење и од оние кои ги организираат невладините организации.
Недостатоци:
- Недоволна соработка помеѓу владиниот и невладиниот сектор.
- Недоволна вклученост на другите сектори кои не припаѓаат на здравството и недостиг од активности на локално ниво/во заедницата.
- Недоволна распределба на јавните средства за активности за информирање, едукација и комуникација (IEC activities) на национално, регионално и локално ниво.
Препораки:
- Поголема соработка помеѓу владиниот и невладиниот сектор, и помеѓу различните сектори (пристап на вклучување на целото општество и целата администрација – Whole of society and whole of government approach)
- Развој на ефективни интерперсонални стратегии преку директен контакт со мајките, со вршење на домашни посети, групно советување насочено кон решавање на проблемите и вклучување на иновативни модели на комуникациски стратегии, како на пример театар, и стратегии оритентирани кон активизам.
- Промоцијата на доењето треба да биде континуирана, преку целата година, а не да биде концентрирана само за време на Светската недела на доењето.
- Соодветна распределба на јавниот буџет за активностите за информирање, едукација и комуникација (IEC activities) со фокус на доењето и на проблемите со правилната исхрана на доенчињата.
Превод: Александра Сарџоска (Преводот е изработен на волонтерска основа)
Уредување: Др Денис Ал Кхалили – Специјалист педијатар
___________________________________________________________________________
* Една од трите главни програмски насоки на Организацијата Лулка е промоција, заштита и поддршка на доењето. Лулка го промовира доењето во Македонија од 2011 година, преку едукација на трудници и доилки, соработка со WABA и одбележување на Светската недела на доењето секоја година.