Пандемијата со COVID-19 е раширена во сите држави низ целиот свет, а ние сме загрижени за најранливите групи на пациенти, затоа што би можеле да бидат изложени и на најголем ризик. Ви ги презентираме најзначајните информации за бременоста во време на пандемија со КОВИД-19, во форма на најчесто поставувани прашања и одговори за влијанието на КОВИД-19 врз здравјето на мајките и бебињата.
1. Дали трудниците имаат зголемен ризик да заболат од COVID-19?
Една понова студија од Шведска покажува дека бремените жени и оние кои неодамна се породиле, а имаат COVID-19, имаат зголемен ризик за влошување на состојбата и потреба од интензивно лекување. Трудниците може да бидат потешко погодени од респираторните инфекции бидејќи нивното тело и имунолошкиот систем се менуваат во текот на бременоста. Бремените жени и оние кои неодамна се породиле треба уште повеќе да внимаваат да не се разболат од COVID-19, особено оние кои имаат и дополнителни ризик фактори, како што се зголемена телесна тежина или дебелина, покачен крвен притисок или гестациски дијабет (дијабет во бременоста). Трудниците треба веднаш да го информираат својот доктор за можните симптоми (како покачена температура, кашлица или отежнато дишење).
(Извор: AOGS)
Collin, J., Byström, E., Carnahan, A., Ahrne, M., Public Health Agency of Sweden's Brief Report: Pregnant and postpartum women with severe acute respiratory syndrome coronavirus 2 infection in intensive care in Sweden. Acta Obstet Gynecol Scand. 2020; 99: 819– 822. https://doi.org/10.1111/aogs.13901
2. Јас сум бремена. Како можам да се заштитам од COVID-19?
Треба да ги преземете сите заштитни мерки за превенција од COVID-19, како и сите други луѓе. Ве молиме придржувајте се до овие упатства:
- Често дезинфицирајте ги рацете со средство на база на алкохол или мијте ги со сапун и вода.
- Одржувајте дистанца од другите луѓе и избегнувајте места каде има повеќе гужва
- Не ги допирајте очите, носот и устата
- Практикувајте респираторна хигиена: покријте ги устата и носот со превиткан лакт или со марамче кога кашлате или кивате, а потоа веднаш фрлете го марамчето во корпа за отпадоци
Дополнително, и овие мерки може да Ви бидат од корист:
- Избегнувајте контакт со било кој што има симптоми на болест предизвикана од коронавирус (COVID-19)
- Избегнувајте јавен превоз доколку е возможно
- Ако е можно, работете од дома
- Избегнувајте поголеми и помали собири на јавни места, особено ако се во затворени или заградени простори
- Избегнувајте собири со пријателите и семејството
- Комуницирајте со Вашата акушерка, со гинекологот и за другите услуги кои Ви требаат преку телефон, со пораки или преку интернет.
- Чистете ги и често дезинфицирајте ги површините кои ги допирате во домот
- Проверувајте се повремено за знаци и симптоми во прилог на COVID-19 и навремено побарајте помош од Вашиот матичен доктор
Внимавајте, во некои држави маските се носат во рамки на локалните обичаи или во согласност со упатствата од државните власти во контекст на COVID-19. Ве молиме бидете во тек и со националните препораки за носење маска, како да ги вадите и фрлате маските и бидете информирани за хигиената на рацете по вадење на маската. Медицинските маски треба да бидат резервирани за здравствените работници и за лицата со симптоми, особено ако постои недостиг од медицински маски во државата.
(Извор: WHO)
3. Дали трудниците треба да се тестираат за COVID-19?
Ве молиме, имајте в предвид дека протоколите за тестирање и критериумите може да варираат од држава до држава.
Светската здравствена организација (СЗО) препорачува трудниците со симптоми на COVID-19 да имаат приоритет за тестирање, бидејќи може и трудниците да имаат потреба од специјална нега, доколку добијат позитивен тест за COVID-19.
Исто така, се препорачува тестирање и на трудниците кои во последните 14 дена патувале во земја во која има висока бројка на заболени од COVID-19 или имале близок контакт со лице со потврден наод за COVID-19.
(Извор: The Lancet)
4. Каква нега треба да се понуди во текот на бременоста и породувањето?
Светската здравствена организација (СЗО) изјавува дека сите бремени жени имаат право на високо квалитетна здравствена нега пред, во текот на породувањето и во после-породилниот период. Ова се однесува и на трудниците кои се суспектни или со потврдена инфекција со COVID-19. Според СЗО безбедното и позитивно породилно искуство вклучува:
- Да бидете третирани достоинствено и со почит
- Да имате придружник во текот на породувањето кој вие ќе го изберете
- Да има јасна комуникација од страна на персоналот во родилиштето
- Да се користат соодветни стратегии за намалување на болката
- Да биде овозможена мобилност на родилката и позиција на раѓање по избор
Ако се работи за суспектен или потврден случај на COVID-19, здравствените професионалци треба да ги преземат сите мерки за намалување на ризикот од инфекција за себе и за другите, вклучувајќи хигиена на рацете и употреба на соодветна заштитна облека како ракавици, одело и медицински маски.
(Извор: WHO)
5. Каква дополнителна нега треба да биде достапна во тек на пандемијата со COVID-19?
Светската здравствена организација (СЗО) препорачува трудниците со сомнителна, веројатна или потврдена инфекција со COVID-19, вклучително и жените кои треба да престојуваат во изолација, да имаат пристап до стручна, достоинствена, пренатална, акушерска и неонатална нега насочена кон трудницата, вклучително и поддршка насочена кон менталната и психосоцијалната состојба на жената, истовремено подготвени да реагираат во случај на матернални или неонатални компликации.
Исто така, СЗО предлага сите трудници со COVID-19 да ги добијат потребните информации и совети како безбедно да го хранат своето бебе и како да спроведуваат мерки за контрола и превенција на болеста, за да се избегне понатамошно ширење на COVID-19.
(Извор: WHO)
6. Јас сум бремена. Што да правам ако развијам симптоми како кашлица, покачена температура или отежнато дишење?
Ако развиете симптоми како кашлица, покачена температура или имате отежнато дишење, не чекајте и веднаш побарајте помош од доктор. Јавете се на телефон пред да одите во здравствената установа и следете ги нивните упатства.
(Извор: WHO)
7. Што да правам ако ми се влоши состојбата или ако сум загрижена за моето бебе во тек на самоизолацијата?
Без одложување контактирајте ја Вашата акушерка/мед.сестра/доктор ако сте загрижени за Вашето или за здравјето на Вашето неродено бебе. Вашиот доктор ќе Ви даде понатамошни насоки и ќе Ви каже дали треба да одите во болница.
Ако треба да одите во родилиште или во болница, препорачано е да одите со сопствен превоз или да повикате брза помош – болнички транспорт. Кога ќе стигнете во болницата, пред да влезете, информирајте го персоналот од родилиштето за Вашата состојба.
(Извор: RCOG)
8. Дали трудниците/породените мајки треба и понатаму да одат на пренаталните и антенаталните прегледи?
Да, пренаталните и антенаталните прегледи треба да се сфатат сериозно. Светската здравствена организација (СЗО) препорачува бремените жени и оние кои неодамна се породиле – вклучително и оние со COVID-19 – да ги вршат редовно сите прегледи.
Во следниот период може да има некои промени во распоредот на препорачаните стандардни антенатални прегледи, бидејќи здравствените професионалци ќе се обидат да го намалат директниот контакт со пациентите кога не постои некаква итност, со цел да се намали ширењето на COVID-19. Па така, можно е во некои случаи трудниците/идните мајки да комуницираа со својот доктор преку телефон или видео-разговор. Може да има и други модификации, во зависност од состојбата на трудниците/идните мајки и дали се работи за бременост со понизок или повисок ризик.
И откако ќе се роди бебето, важно е да продолжи професионалната поддршка и упатства, вклучително и спроведување на редовната имунизација. Новите мајки треба да се договорат со својот матичен лекар за тоа како најбезбедно да се реализираат овие прегледи и посети.
(Извор: UNICEF)
9. Дали јас и моето бебе треба да се вакцинираме според вообичаениот календар за имунизација (на пр. за пертусис ДиТеПер и за сезонски грип)?
Да, треба. Важно е и Вие и Вашето бебе да се вакцинирате редовно. Овие вакцини Ве штитат од некои тешки болести. Ве молиме да стапите во контакт со Вашиот доктор и информирајте се што треба да направите за да ги добиете сите потребни вакцини навреме. Ако не може да закажете, направете си потсетник и повторно обидете се после одреден период.
(Извор: UNICEF)
10. Сакам да одам на антенатален преглед кај мојот доктор (редовен преглед во тек на бременоста). Кои мерки треба да ги преземам за да се заштитам?
Ве молиме, пред да одите на преглед, јавете се кај Вашиот доктор и следете ги неговите упатства. Обидете се да го избегнете јавниот превоз (автобус, такси) доколку тоа е можно. Кога сте во јавност, покријте ги носот и устата со шал, марама, како би ги заштитиле другите луѓе. Не користете маски кои се наменети за здравствени работници. Важно е да ги знаете и да ги следите упатствата во врска со COVID-19 во Вашата држава. Ако Ви е потребна помош и поддршка, обратете се кај Вашиот доктор или на родителските групи и организации. Следете ги и препораките од Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ за тоа како да се заштитите од COVID-19. Нивните препораки може да ги прочитате тука и тука.
11. Дали COVID-19 може да предизвика предвремено породување?
Се чини дека кај трудниците со COVID-19 има зголемен ризик за медицински индицирано предвремено породување и породување со царски рез. Во моментов не е целосно јасно дали COVID-19 го предизвикал предвременото породување или имало препорака за породување со цел да се подобри состојбата на мајката и да се овозможи нејзино полесно опоравување. Повеќето студии не покажуваат зголемен ризик за сериозно заболување кај жените и бебињата, но една неодамнешна студија од Шведска покажува дека жените кои неодамна се породиле имаат зголемен ризик за влошување на состојбата со потреба од интензивно лекување (видете го прашањето погоре).
Извори: (The Lancet; BMJ)
- Khalil, A. et al. (2020). SARS-CoV-2 infection in pregnancy: a systematic review and meta-analysis of clinical features and pregnancy outcomes. EClinicalMedicine, 100446. https://doi.org/10.1016/j.eclinm.2020.100446
- Magee, L. A., Khalil, A., & von Dadelszen, P. (2020). Covid-19: UK Obstetric Surveillance System (UKOSS) study in context. bmj, 370. https://doi.org/10.1136/bmj.m2915
12. Дали COVID-19 може да се пренесе од жената на нејзиното неродено бебе во текот на бременоста?
Неодамнешните истражувања покажуваат дека COVID-19 може да биде пренесен од мајката на нејзиното неродено бебе. Тоа се случува кај мал број трудници кои се болни од коронавирус во третиот триместар. Сепак, досега не се пријавени некои позначајни последици за новородените бебиња. Потребни се понатамошни истражувања за да се утврди дали е можен пренос на вирусот во рана фаза од бременоста и потенцијалниот ризик за бебето во ваков случај.
После породувањето, новороденото е осетливо на пренесување на вирусот од директен контакт лице-в-лице и има неколку случаи во кои бебето е позитивно на вирусот кусо по раѓањето.
(Извор: AJOG)
Kotlyar, A. et al. (2020). Vertical Transmission of COVID-19: A Systematic Review and Meta-analysis. American journal of obstetrics and gynecology. https://doi.org/10.1016/j.ajog.2020.07.049
13. Ако бремената жена е позитивна на COVID-19 и има симптоми, како што се покачена температура, кашлање и отежнато дишење, дали нејзината состојба може да влијае на бебето во утробата?
Досега нема докази за интраутерина инфекција на бебето со COVID-19 (инфекција на бебето додека е во матката), па директен ефект на вирусот врз бебето е малку веројатно да се очекува.Досега нема докази за интраутерина инфекција на бебето со COVID-19 (инфекција на бебето додека е во матката), па директен ефект на вирусот врз бебето е малку веројатно да се очекува.
Последиците од инфекција со SARS-CoV-2 (вирусот кој предизвикува COVID-19) во бременоста не се јасни; сепак, не смее да се исклучи можноста да се јават некакви последици врз плодот, што најмногу би зависело од тежината на болеста кај мајката и евентуалната потреба од предвремено породување. Во рана бременост, доколку состојбата на мајката е многу тешка и нема друг начин да се помогне, може да биде предложен и прекин на бременоста.
Последната достапна студија која испитува 55 трудници со Covid-19 ги презентира следните резултати за исходите / компликациите во бременоста: предвремено породување 43%, интраутерин застој во растот 9%, спонтан абортус / мртвородено 2%, смрт на бебето во првите 28 дена по раѓањето (неонатална смрт) 2%. Имајте во предвид дека бројот на учеснички во студијата е премногу мал за да може да се донесе краен заклучок, за тоа дали овие компликации се предизвикани од вирусот или од други причини.
(Извори: The Lancet_1, The Lancet_2, AJOG)
14. Ако жената е бремена и е COVID-19 позитивна, дали инфекцијата може да предизвика вродени дефекти кај бебето?
Додека бебето е сеуште во матката, постелката (плацента) го штити од болести. Постелката е многу интересен орган кој дозволува антителата да преминуваат од крвта на мајката во бебето, истовремено, во најголем број случаи го заштитува бебето од пренесување на болестите кои може да ги има мајката.
Во моментов нема соопштен случај за интраутерина инфекција на бебето додека е во стомакот на мајката, па затоа директно влијание на инфекцијата врз плодот е малку веројатно. Ова се однесува и за вродените дефекти или малформации кај бебето.
Интраутериното пренесување на вирусите од мајката на бебето е поверојатно да се случи кон крајот на бременоста. Во рана бременост постелката е покрута и има подобра заштитна улога против вирусите.
Досега, повеќето од пријавените COVID-19 случаи се во доцна бременост и не се забележува пренесување на вирусот. Тоа наведува дека е малку веројатно пренесувањето на вирусот да се случи во рана бременост, кога најчесто би можел да предизвика вродени дефекти.
Но, бидејќи бројот на пријавени слуачи на инфекција во бременоста е многу мал (и досега нема информации за инфекција во рана бременост), краен заклучок сеуште не може да се донесе.
(Извор: EFCNI во соработка со Dr Dietmar Schlembach)
Забелешка: Информациите последен пат се ажурирани на 24.09.2020 година.
Повеќе вакви прашања и одговори за здравјето на мајките и бебињата
Породување во време на COVID-19
Доење и употреба на донирано мајчино млеко во време на COVID-19
Неонаталната интензивна нега (NICU) во време на COVID-19
Отпуштање од болница и следење на состојбата во време на COVID-19