Пандемијата со COVID-19 е раширена во сите држави низ целиот свет, а ние сме загрижени за најранливите групи на пациенти, затоа што би можеле да бидат изложени и на најголем ризик. Ви ги презентираме најзначајните информации за единицата за неонатална интензивна нега (NICU) во време на пандемија со КОВИД-19, во форма на најчесто поставувани прашања и одговори за влијанието на КОВИД-19 врз здравјето на мајките и бебињата.

 

1. Дали постои ризик од COVID-19 за предвреме родените бебиња?

Професорот Christoph Bührer, Медицински директор на одделот за неонатологија од болницата Charité Berlin зборува на оваа тема во рамки на интервјуто со Европската фондација за грижа за новородени (EFCNI).

„Бебињата, за разлика од возрасните, имаат многу помал ризик да бидат инфицирани со новиот корона вирус. Исто така, помала е веројатноста дека ќе развијат симптоми. Во Кина, само 9 бебиња на возраст под 1 година беа откриени до првата половина на февруари 2020 година, во периодот кога бројот на инфицирани веќе беше пораснат на над 50.000. Ниедно од бебињата со позитивен тест не беше сериозно болно, ниедно не беше примено на интензивна нега и лекување.

Во моментов нема достапни конкретни податоци за предвреме родените бебиња. Со оглед дека научни текстови за епидемиологијата на COVID-19 се објавуваат со голема брзина, постои причина да веруваме дека како терминските, така и предвреме родените бебиња не се примарна цел на вирусот. Доколку инфекцијата со COVID-19 се претвори во пневмонија, може да се очекува предвреме родените бебиња со бронхо-пулмонална дисплазија да развијат посериозни симптоми (како што се краток здив, забрзано дишење или намалена оксигенација) во споредба со бебињата со здрави бели дробови, па затоа тие може да бидат и почесто тестирани за COVID-19. Сепак, охрабрува фактот дека досега нема известувања за последици од COVID-19 кај предвреме родени бебиња.”

(Извор: EFCNI)

 

2. Може ли да го допрам и држам моето предвреме родено бебе ако имам COVID-19?

Да, може да го допрете и држите Вашето новороденче. Светската Здравствена Организација (СЗО) го поддржува блискиот контакт и раното поврзување, како и ексклузивно доење, бидејќи тоа обезбедува напредување на бебето. Би требало да добиете поддршка за да можете:

  • Бебедно да доите, со практикување на добра респираторна хигиена
  • Да носите маска
  • Да го држите бебето кожа-на-кожа, и
  • Да бидете во иста соба со Вашето бебе

Имајте на ум секогаш да ги миете рацете пред и по допирање на бебето, и одржувајте ги сите површини чисти.

(Извор: WHO)

 

3. Дали е препорачано да се користи маска во единицата за неонатална интензивна нега (NICU)?

Носењето на заштитна маска преку устата и носот ја намалува веројатноста инфицираните лица со COVID-19 да ја пренесат инфекцијата на другите. Па затоа, тоа е гест на грижа за здравјето на другите, пред се за здравјето на сестрите и докторите кои работат во NICU. Сепак, само носење на маска не е доволно, па потребно е темелно и редовно миење на рацете со сапун и вода. За повеќе информации обратете се на персоналот во единицата за неонатална интензивна нега.

(Извор: WHO)

 

4. Што можам да направам за да се поврзам со моето бебе, дури и ако сме разделени? 

Вашето бебе веќе го познава Вашиот глас и Вашиот мирис. Па дури и ако не можете да бидете за цело време со Вашето бебе, постојат начини како да му помогнете на Вашето бебе да Ве запознае и да му биде полесно.

Перцепција на гласот

Разговарајте со персоналот дали може да му зборувате на Вашето бебе преку телефон или видео-чет (со специјална камера во инкубаторот или сличен систем за пренос на слика и звук) или да им оставите уред со снимен глас. Може да раскажете што правите во моментот, да му читате или да му пеете приспивна песна на Вашето бебе. 

Имајте на ум дека, кога ќе бидете заедно со Вашето бебе, ќе може да правите многу други работи преку кои ќе се поврзете со Вашето бебе, како што е доењето, негата со контакт кожа-на-кожа, да си играте со Вашето бебе, да му читате, да му пеете или едноставно да му зборувате.

(Извор: raisingchildren)

 

Забелешка: Внимавајте на грижата за себе. Ова е многу стресен период за секој родител, па можно е да заборавите на сопственото здравје. Светската здравствена организација (СЗО) препорачува родителите кои ќе бидат разделени од своето бебе да имаат непречен пристап до обучени медицински или немедицински лица за грижа за менталното здравје и за психосоцијална поддршка.

(Извор: WHO)

 

Може да добиете поддршка и од националните родителски организации. Погледнете ја нашата листа на партнерски родителски организации.

 

5. Како ние како семејство да останеме поврзани со нашето бебе и со персоналот од единицата ако имаме ограничен пристап до единицата за неонатална интензивна нега (NICU)?

Разговарајте со  персоналот во NICU за опциите кои постојат. Можеби можат да обезбедат безбеден начин за употреба на уред со камера. Со помош на вакви дигитални уреди може да Ви обезбедат Вам и на Вашето семејство одредено време да го гледате бебето. Можеби ќе може да се снимате како му читате приказна на Вашето бебе или како му пеете приспивна песна, па Вашето бебе ќе може да го слуша Вашиот глас додека не сте со него. Се разбира, овие алтернативни решенија не можат да го заменат контактот кожа-на-кожа и директното зборување на мајката кон бебето. Но во овие критични моменти, овие предлози може да Ви помогнат да бидете поддршка за Вашето бебе и да Ви дадат можност како семејство да се поврзете со бебето.

(Извор: BAPM)

 

6. Чувствувам дека сум многу погоден/а од предвременото породување и од опасноста од COVID-19 за моето бебе. Што можам да направам?

Сосема е нормално да се чувствувате погодени и беспомошни, како за мајките, така и за татковците/партнерите кои ќе се најдат во ваква ситуација. Повеќето родители во ваква ситуација потребите на бебето ги ставаат пред своите потреби. Сепак, многу е важно да се грижите и за себе. Намалувањето на нивото на стрес кај родителите може да влијае позитивно и на бебето. Грижата за основните дневни потреби, како што се нормална исхрана и внес на течности, како и доволно спиење, може да Ви помогнат да си го организирате денот, што пак може да Ви делува смирувачки.    

Психолозите, социјалните работници или обучените здравствени работници може да Ви помогнат Вам и на другите членови од семејството да се справите со шокот и да научите како да се поврзете со бебето. Може да Ви помогне многу и разговорот со перосналот во единицата, со семејството и пријателите (по можност on-line) или со другите засегнати родители кои имаат бебе во единицата за неонатална интензивна нега. Може да се обратите и на родителските организации. Од нив може да добиете совет; може да ве ислушаат, а некои имаат и on-line групи за поддршка поради пандемијата со COVID-19.

Погледнете ја нашата листа на партнерски родителски организации.

Може да се најдат и добри совети на интернет за тоа како да се справите со ситуацијата, како овој инфографик или ова видео.

 

7. Што доколку некој од персоналот на единицата за неонатална интензивна нега (NICU) е позитивен на COVID-19?

Било која здравствен работник кој ќе биде позитивен на COVID-19 ќе биде испратен дома во период од 2 недели, како не би ја ширел инфекцијата. После овој период, тестовите може сеуште да откријат остатоци од вирусот, но тие не се веќе заразни. Сепак, бидејќи било кој здравствен работник може да биде позитивен на COVID-19 без да манифестира симптоми и без да биде тестиран, докторите и сестрите во единицата за неонатална интензивна нега носат маски, како не би дошло до ширење на вирусот и во вакво случај. Инкубаторите, покрај тоа што ги греат бебињата, ги заштитуваат и од малите капки во воздухот кои би можеле да го содржат вирусот, без разлика од каде овие капки потекнуваат.

 

8. Некои болници дозволуваат споделување на видеа и слики од единицата за неонатална интензивна нега (NICU). Дали употребата на мобилен телефон или таблет е во согласност со хигиенските стандарди и протоколи во NICU?

Поради моменталната состојба на изолација, мобилниот телефон/таблет во рацете на здравствените работници, претставува корисна алатка за да се одржи контакт со семејството на бебето. Ако мобилниот телефон/таблетот е соодветно дезинфициран и се практикува соодветна хигиена на рацете, употребата на мобилен телефон не би требало да не загрижува.

(Извор: Researchgate, NHS)

 

9. Моите деца дома сеуште немаа можност да го видат нивното ново братче/сестричка. Што можам да сторам за да не се чувствуваат изоставени?

Многу е корисно постарите деца да ги вклучите во новонастанатата ситуација што е можно повеќе. Објаснете му ја состојбата на вашето дете/деца колку што е можно појасно, со едноставни зборови. Поттикнете ги да се фотографираат или да нацртаат нешто што ќе му го покажат на бебето, а ако е можно истите закачете ги до инкубаторот. Родителите може да го фотографираат бебето и да го покажат на постарото дете/деца.

Во домот, може да испланирате како да поминете малку време сами со секое од постарите деца. Има голем број достапни албуми и сликовници за раѓањето и за предвременото породување, кои може да се користат за да се објасни состојбата на постарите дечиња. Понекогаш постарите дечиња може да бидат љубоморни или лути бидејќи новото бебе добива повеќе внимание во првите недели и месеци, а нивното секојдневие е многу сменето. Пожелно е да разговарате со детето, да го поттикнете да Ви каже како се чувствува, за неговите грижи, а родителите треба да реагираат смирено, конзистентно, со разбирање и симпатија кон детето. Може да добиете поддршка и од националните родителски организации. Погледнете ја нашата листа на партнерски родителски организации.

(Извор: EFCNI)

 

10. Моето бебе е тешко болно и ме информираа дека наскоро се очекува да почине. Дали ние како родители и семејство сепак ќе може да бидеме со нашето бебе во овие моменти?

Ве молиме разговарајте со тимот од единицата за неонатална интензивна нега, кои се опциите за поддршка на бебето во ваков тежок момент. За сега нема препораки за начинот на однесување во тек на палијативен третман во време на COVID-19. Ако Вашето бебе е во критична состојба, разговарајте со персоналот за обезбедување на заштитна опрема за Вас, како маска, ракавици итн. Исто така прашајте ги дали може да фотографирате или да снимите видео, да земете отпечатоци од рачињата и ноџињата. Ако е достапна, побарајте психолошка и духовна поддршка и разговарајте за начинот на нега на бебето во терминалниот период.

 

11. Со доаѓањето на есента и зимата, кој би бил најважниот совет за заштита на предвреме родените бебиња од (тешки) респираторни инфекции, како што се RSV, сезонски грип и КОВИД, во ова време на активна пандемија?

Бидејќи сите респираторни вирусни инфекции се пренесуваат преку мали капкички во воздухот, мерките за спречување на инфекција со КОВИД-19 се ефикасни и за сите други респираторни инфекции: Носење на маска преку носот и устата, миење на рацете, одржување на социјална дистанца. Избегнувајте масовни собири, вклучително и семејни настани со многу луѓе.

RSV вирусот вообичаено се јавува во периодот од ноември до март, и предизвикува појава на потешки симптоми кои бараат болничко лекување само кај малите бебиња. Постои пасивна вакцинација за предвремено родените бебиња кои имаат некаква форма на бронхо-пулмонална дисплазија, за бебињата на кои им претстои првата RSV сезона во нивниот живот. Сезонскиот грип пак, од друга страна, е поопасен за повозрасните, на кои им се препорачува да примаат активна имунизација, т.е. вакцина против сезонски грип. Повозрасните се исто така најранлива популација и во однос на инфекцијата со КОВИД-19, која пак е многу лесна кај децата, поради што е многу потенцирана потребата од вакцина.

(Извор: EFCNI во соработка со Professor Christoph Bührer, Медицински директор на Одделот за неонатологија во болницата Charité во Берлин)

Забелешка: Информациите последен пат се ажурирани на 24.09.2020 година.

 

Повеќе вакви прашања и одговори за здравјето на мајките и бебињата

Бременост во време на COVID-19

Породување во време на COVID-19

Доење и употреба на донирано мајчино млеко во време на COVID-19

Отпуштање од болница и следење на состојбата во време на COVID-19