Пандемијата со COVID-19 е раширена во сите држави низ целиот свет, а ние сме загрижени за најранливите групи на пациенти, затоа што би можеле да бидат изложени и на најголем ризик. Ви ги презентираме најзначајните информации за исписот од болница и понатамошното следење на растот и развојот на бебето во време на пандемија со КОВИД-19, во форма на најчесто поставувани прашања и одговори за влијанието на КОВИД-19 врз здравјето на мајките и бебињата.

 

 

1. Како да се подготвам за отпуштање на моето предвреме родено бебе од болница во време на COVID-19? Дали има некои особености на кои треба да се мисли?

Многу е важно да разговарате со тимот од единицата за неонатална интензивна нега однапред за сите чекори кои се планираат и да се погрижите да бидете подготвени за важниот момент кога ќе се сретнете со Вашето бебе. Секако, болницата ќе има некои административни критериуми и информации кои ќе Ви ги пренесе пред да Ве испуштат од болница. Треба да го испланирате патувањето од болница до дома и што Ви е потребно (на пример транспортер за во кола). 

Ако Вашето бебе си оди дома, тоа може да има потреба од некои специјални мерки, како на пример кислород, посебни суплементи или специјална формула, посебни лекови, опрема и слично.

Бидете сигурни дека сите овие работи Ви се подготвени дома пред да тргнете во болница за да си го земете Вашето бебе. Може да си обезбедите и услуга од посебна служба, која ќе Ви обезбеди помош, советување или опрема која ќе Ви притреба во првите денови по доаѓањето со бебето дома.

Обезбедете си телефонски број за итни случаи и за прашања во врска со Вашето предвреме родено бебе, како и контакти и локации за контролни прегледи, терапии или за медицински прегледи и совети.

 

2. Дали јас и моето семејство треба да носиме маски кога излегуваме надвор со бебето или кога некој член од семејството ќе не посети дома?

Треба да носите маска кога одите надвор со Вашето бебе. Исто така, важно е да носат маска и членовите од семејството или пријателите кои доаѓаат на посета, а не живеат во Вашиот дом. Важно е да ги следите националните правила за одржување на социјална дистанца и за посета во болниците. Генерално, се препорачува да не примате многу гости и посетители после доаѓање од болница дома со Вашето предвреме родено бебе, како би ги избегнале потенцијалните инфекции, како сезонски грип или RSV (респираторен синцицијален вирус).

(Извор: Babycenter, Healthline)

 

Тука Ви презентираме повеќе информации за препораките од Светската здравствена организација за тоа како точно и прецизно се става маската:

  • Пред да ја ставите маската, дезинфицирајте ги рацете со алкохолен раствор или измијте ги со сапун и вода
  • Покријте ги носот и устата со маска и проверете да има сигурен контакт помеѓу Вашето лице и маската
  • Избегнувајте да ја допирате маската со раце додека ја носите; ако ја допрете, дезинфицирајте ги рацете со алкохолен раствор или измијте ги со сапун и вода
  • Заменете ја маската со нова кога ќе се наводени од дишењето и не употребувајте два пати маска која е наменета за една употреба
  • За да ја отстраните маската: извадете ја од задната страна (не го допирајте предниот дел дел од маската); веднаш фрлете ја искористената маска во карпа за отпадоци со капак; веднаш дезинфицирајте ги рацете со алкохолен раствор или измијте ги со сапун и вода

(Извор: WHO)

 

3. Дали моето предвреме родено бебе по доаѓањето дома треба да носи маска?

Не се препорачува бебињата и малите деца до 2 години да носат маска, бидејќи не можат сами да ја отстранат маската. Разговарајте со Вашиот педијатар за потребата од некои посебни мерки за заштита на Вашето бебе од COVID-19.

(Извор: ACOG, CDC)

 

4. Моето бебе/дете има симптоми на COVID-19 или на друга болест, дали е безбедно да го носиме во ургентна амбуланта за итни случаи?

Ако Вашето дете има симптоми на COVID-19 или на некоја друга болест, пожелно е прво да се јавите во службата за итни случаи и да побарате совет. Карактеристични симптоми може да бидат покачена темпратура или забрзано дишење. Здравствената служба ќе Ви ги објасни следните чекори и како да се однесувате во дадената ситуација. Обидете се да останете смирени.

Повеќето деца со COVID-19 имаат лесни симптоми, а повеќето респираторни инфекции кај децата се предизвикани од други вируси (како на пример ендемичните корона вируси, кои се и во нормални услови одговорни за повеќето настинки).

(Извор: UNICEF)

 

5. По породувањето закажав неколку контролни прегледи? Дали овие прегледи треба да се реализираат според закажаното или треба да ги откажам?

Се препорачува да не се откажуваат прегледите, бидејќи некои процедури, како што е вакцинацијата или прегледите за следење на состојбата по породувањето се многу важни. Со соодветни мерки за заштита акушерките, медицинските сестри и докторите може да обезбедат поддршка за Вас и Вашето бебе. Не заборавајте да разговарате со Вашиот доктор и да побарате совет и од него. Ако го напуштате домот за да одите на преглед, замолете некој од семејството да Ве однесе, за да го избегнете јавниот превоз.

(Извор: BAPM)

 

6. Каков тип на прегледи за следење на развојот треба да направиме? Што да правам доколку истите се откажани поради состојбата со COVID-19? Дали постои ризик за моето бебе доколку овие прегледи се одложени на подолго време?

Во некои држави се препорачува, доколку е возможно, да се вршат прегледи за следење преку телефон или преку интернет комуникација, како алтернатива за прегледите со физичко присуство. Одлуката е на самиот здравствен професионалец, да одлучи дали закажаниот преглед ќе се реализира преку интернет или постојат други можности. Важно е да се почитуваат сите хигиенски заштитни мерки, доколку прегледите и третманот се реализираат со физичко присуство. Ако не Ве советуваат поинаку, би требало редовно да ги реализирате сите прегледи за следење на развојот на Вашето бебе/дете.     

Ако Вашиот преглед е откажан, побарајте нов термин. Ако тоа не е можно, обидете се да закажете преглед на друго место, во друга здравствена установа. Прегледите за следење на развојот се многу важни за здравјето и правилниот раст и развој на Вашето дете.

(Извор: BAPM)

 

7. Дали моето предвреме родено бебе треба да ги прими сите вакцини по испис од болница?

Навремените прегледи и вакцините се клучни за заштита на здравјето на Вашето дете. Затоа, многу е важно Вашето предвреме родено бебе да ги примите сите препорачани вакцини. Разговарајте со докторот кој е одговорен за вакцинација на бебињата. Многу медицински професионалци нудат дигитална комуникација и совети за родителите, за решавање на голем број проблеми и грижи кои ги имаат родителите.

Во некои земји докторот доаѓа на посета во домот и спроведува вакцинација на бебињата.  Ако ова не е можно, повеќето ординации ги одвојуваат болните од здравите бебиња за да може да се реализираат прегледи во чиста и дезинфицирана средина.

Забелешка: За некои многу прематурни бебиња, кај кои вакцинацијата треба да се спроведе пред достигнување на терминот за раѓање (пред да се достигне корегирана возраст нула), може да биде потребна хоспитализација на бебето во неонатолошко одделение, поради ризик од апнеа и брадикардија (ненадејно намалување на пулсот и кослородната сатурација) во првите 36 часа по примената вакцина.

(Извор: Babycenter)

 

8. На моето предвреме родено бебе му е потребна физикална терапија после исписот од болница. Дали оваа интервенција е неопходна или може да ја одложиме на подолг период и да започнеме подоцна со физикалната терапија?

Не е препорачливо да се одложува ваквата терапија и поддршка бидејќи е многу важна за развојот на бебето. Разговарајте со Вашиот матичен доктор и со физиотерапевтот за моменталната состојба и кои алтернативни решенија се достапни. Вашиот физиотерапевт може и преку интернет комуникација да Ви покаже некои вежби кои треба да ги правите со Вашето бебе или да Ви ги објасни вежбите преку телефон.

 

9. На моето предвреме родено бебе му е потребна физикална терапија после исписот од болница, но не можам да најдам физиотерапевт кој ќе работи со бебето во време на пандемија со COVID-19. Што да правам? 

Најпрво разговарајте и побарајте совет од докторот кој е одговорен за Вашето бебе, на пример матичниот педијатар. Понатаму, може да разговарате со институциите одговорни за јавното здравје или со институцијата/компанијата која е одговорна за здравствено осигурување во вашиот град, регион или држава, или да се обратите на родителската организација во Вашата држава/регион.

 

10. Моето бебе се испишува од болница со потреба од кислород. Како да се организира целата работа ако компанијата која доставува кислород има проблеми да испорача услуга? Дали е безбедно да одиме во медицинската ургентна служба ако нешто му се случи на бебето?

Домашната доставата, од храна до технички производи се чини дека функционира доста добро во време на кризата со COVID-19, па нема причина да се грижите и за доставата на кислород до Вашиот дом. Ако сте загрижени за навременото обезбедување на кислород, разговарајте со медицинскиот тим за нивниот план за реакција во итни случаи, пред да ја напуштите болницата со Вашето бебе. Ако се случи да се намали количината на кислород во боцата која ја имате дома или имате проблем со боцата и вентилите, а компанијата за медицинска опрема и гасови не е достапна, веднаш јавете се на итната служба во болницата и следете ги нивните инструкции каде и како да пристапите до здравствена услуга.

 

11. Дали сеуште треба да бидам загрижен/а за респираторниот синцицијален вирус (RSV) и за сезонскиот грип?

Треба да знаете дека ова се две многу сериозни инфекции. Обете се шират на истиот начин како и COVID-19. Инфицираната личност кашла и кива, исфрлајќи во воздухот ситни капки кои го содржат вирусот. Може да се разболеш ако дојдеш во контакт со овие капки, или ако допреш површина на која го има вирусот, а потоа со рацете ги допираш носот, устата или очите. Прашајте го Вашиот педијатар за мерките за превенција, за можностите за имунизација или вакцинација на бебето и на другите членови од семејството. Дополнително на ова, и мерките кои се преземаат за спречување на ширењето на вирусот SARS-CoV-2 (предизвикувачот на COVID-19) се многу ефикасни во спречување на ширењето и на другите респираторни вируси. По воведувањето на рестриктивните мерки поради COVID-19, и сезоната на RSV заврши порано од вообичаено.

(Извор: Web MD)

 

12. Моето бебе имаше Прематурна Ретинопатија (ROP) и има потреба од редовни контроли. Дали овие прегледи се неопходни во актуелнава ситуација и дали постои ризик да се заразиме со COVID-19?

Европската фондација за грижа за новородени (EFCNI) спроведе интервју со Професорот Andreas Stahl, Директор и Раководител на Офталмолошкиот оддел  на универзититската болница  Greifswald во Германија, за важните препораки во врска со прематурната ретинопатија (ROP) во време на COVID-19.

“Контролните прегледи се неопходни за да се обезбеди долгорочна стабилност на окото кое има ризик за ROP. Препорачуваме да продолжат амбулантските прегледи за следење на состојбата по испис од болница, дури и ако тоа може да биде тешко во одредени ситуации. За жал, ризикот од ретинопатија која може да предизвика слепило кај детето не престанува со исписот од болница, туку и понатаму претставува опасност за нарушување на видот кај овие бебиња. Растојанието меѓу прегледите и закажувањето треба да биде во согласност со актуелните протоколи за скрининг – дури и за оние прегледи кои се реализираат после испис од болница”.

(Извор: EFCNI)

 

13. Се чувствувам осамена седејќи дома цело време и ми недостига поддршката и размената на искуства со другите родители. Што може да на правам?

Нормално е да се чувствувате осамени и да Ви недостигаат разговорите со пријателите или другите родители. Може да стапите во контакт со родителските групи и организации. Тие може да Ве поврзат со други родители кои се наоѓаат во иста ситуација како Вас, или да Ви понудат онлајн чет-групи или класични средби за меѓусебна поддршка - какви што имаше пред COVID-19 – само во дигитална верзија. Некои родителски организации нудат вебинари и организираат онлајн дружење. Преку видео-чет и преку пораки може да комуницирате со други родители и да разменувате искуства. Може и да стапите во контакт со родителите кои сте ги запознале кога сте биле во болница и во единицата за неонатална интензивна нега.

Забелешка: Исто така можеби Ви е потребен психолог, социјален работник или оспособен здравствен работник кој може да Ви помогне. Вашето ментално здравје е многу важно.

 

14. Како да се справиме со гордите баби и дедовци и други роднини кои ќе сакаат да го видат бебето, а треба да се почитува забраната за гости?

Доктор Dietmar Schlembach, Раководител на клиниката за акушерство, Vivantes Clinics во Berlin-Neukoelln во Германија го одговори ова прашање во интервјуто кое го спроведе Европската фондација за грижа за новородени (EFCNI):

“Ве молам, прифатете го овој факт и објаснете им го тоа на Вашето семејство - особено на родителите. Постарите луѓе имаат зголемен ризик за развивање на тешка болест и зголемен ризик од смрт поради инфекцијата. Кога би станал дедо, и јас би сакал да го видам моето внуче, но уште повеќе сакам да го видам внучето кога ќе биде потпораснато и ќе може да ме препознае. Од друга страна, би му посакал на бебето да ги запознае своите баба и дедо кога ќе биде поголемко, а не само да му раскажуваат дека неговите баба и дедо починале поради тоа што посетиле или биле посетени од некои потенцијално заразени роднини. Ве молам, денес постојат навистина многу можности да се запознаете преку социјалните медиуми, и јас Ве молам да ги користите овие можности. Дали ќе го сторите тоа, може да биде сериозно прашање на живот и смрт.”

(Извор: EFCNI)

 

15. Дали ризикот од инфекција со COVID-19 е повисок за предвреме родените деца/тинејџери/возрасни индивидуи?

Професорот Christoph Bührer, Медицински директор на одделението за неонатологија во болницата Charité Berlin во Германија, даде одговор на ова прашање во интервјуто кое го спроведе Европската фондација за грижа за новородени (EFCNI):

“Ако инфекцијата со COVID-19 премине во пневмонија, било кој човек со хронична белодробна болест (како што е астма, цистична фиброза или бронхопулмонална дисплазија кај поранешни предвреме родени бебиња) потешко ќе се справи со болеста. На овие лица може да им треба повеќе медицинска нега од некој друг кој е целосно здрав. Бидејќи COVID-19 и грип (особено H1N1) имаат слична инциденца и целен орган, возрасните индивидуи и адолесцентите кои се родени многу порано пред термин, се советуваат да примат вакцина за сезонски грип”

(Извор: EFCNI)

 

16. Со доаѓањето на есента и зимата, кој би бил најважниот совет за заштита на децата, тинејџерите и возрасните кои се предвреме родени, од (тешките) респираторни инфекции, како што се RSV, сезонски грип и КОВИД, во ова време на активна пандемија?

Бидејќи сите респираторни вирусни инфекции се пренесуваат преку мали капкички во воздухот, мерките за спречување на инфекција со КОВИД-19 се ефикасни и за сите други респираторни инфекции: Носење на маска преку носот и устата, миење на рацете, одржување на социјална дистанца. Избегнувајте масовни собири, вклучително и семејни настани со многу луѓе.

RSV вирусот вообичаено се јавува во периодот од ноември до март, и предизвикува појава на потешки симптоми кои бараат болничко лекување само кај малите бебиња. Постои пасивна вакцинација за предвремено родените бебиња кои имаат некаква форма на бронхо-пулмонална дисплазија, за бебињата на кои им претстои првата RSV сезона во нивниот живот. Сезонскиот грип пак, од друга страна, е поопасен за повозрасните, на кои им се препорачува да примаат активна имунизација, т.е. вакцина против сезонски грип. Повозрасните се исто така најранлива популација и во однос на инфекцијата со КОВИД-19, која пак е многу лесна кај децата, поради што е многу потенцирана потребата од вакцина.

(Извор: EFCNI во соработка со Professor Christoph Bührer, Медицински директор на Одделот за неонатологија во болницата Charité во Берлин)

 

Забелешка: Информациите последен пат се ажурирани на 24.09.2020 година.

 

 

Повеќе вакви прашања и одговори за здравјето на мајките и бебињата

Бременост во време на COVID-19

Породување во време на COVID-19

Доење и употреба на донирано мајчино млеко во време на COVID-19

Неонаталната интензивна нега (NICU) во време на COVID-19