Во педесеттите години од минатиот век за прв пат започна да се користи еднa методa, систем за процена на состојбата на новороденото веднаш по породувањето. Оваа процена, наречена Апгар скор, има за цел да ги утврди виталните параметри на бебето и да сигнализира доколку има потреба од медицинска интервенција за одржување на тие параметри.

Апгар скорот во употреба за првпат е воведен од Др. Вирџинија Апгар во 1952 година, а оттогаш па до денес се користи за неонатолошка процена на сите бебиња во првите моменти по породувањето.

Апгар скор евалуацијата се врши во првата и петтата минута по поордувањето. За процена на состојбата се користат следниве параметри: срцева фрекфенција, дишење, мускулен тонус, одговор на рефлексите и боја на кожата на бебето. За секој од овие параметри се дава оцена 0, 1 и 2. Збирот на поените од овие 5 параметри го дава Апгар скорот на бебето. Уреден Апгар скор е оној со резултат 7, 8, 9 или 10 во петтата минута. Доколку се добие скор помал од 7, се врши продолжено мерење на секои 5 минути до 20. минута.

Оцена од 4, 5 или 6 во петтата минута не мора да значи дека нешто не е во ред со бебето. Ваков скор може да се добие и како резултат на физиолошка незрелост на бебето или поради лековите кои и се даваат на мајката (анестезија). Доколку скорот е низок и нешто не е во ред, се преземаат итни интервенции за одржување на виталните параметри на бебето, се вршат и дополнителни дијагностички мерки и испитувања. Негата на бебето во овој случај може да продолжи во единицата за неонатална интензивна нега.