Текот на породувањето зависи од соодветната подготовка за породување. Родилката треба да ја знае својата состојба, да има информации за самото породување, да биде во добра здравствена состојба и физички подготвена, што се постигнува со редовно вежбање прилагодено за бремени жени, како и да биде психички подготвена за породувањето. Родилката треба да го познава гинекологот кој ќе ја породува, а и тој неа преку редовните контроли за време на бременоста.

Ќе наведеме неколку попознати методи за полесно породување. Основно е родилката да е запознаена со текот на породувањето. Стравот и напнатоста на мускулите треба да се отстранат. Затоа бремените жени пред породувањето вежбаат како да ги олабават мускулите и како да дишат за да овозможат природен тек на породувањето. Родилката треба да умее да ги поддржува напорите на својот организам и оние на плодот. Освен што мајката активно учествува во породувањето, и таткото може да се обучи како да и помогне на партнерката при породувањето.

Просторот за породување во породилиштата се оплеменува со пријатна атмосфера, која наликува на семејната атмосфера во домот. Пожелно е да се пушти и тивка музика – онаа која Ви е омилена, баш како дома. Светлото треба да биде пригушено. Новороденчето се става на градите на мајката, а папочната врвка се сече и се подврзува откако ќе престане да пулсира. Тоа е знак дека новореденчето само дише. Бебето се остава самото да се исправи, не се истегнува насилно како при поранешните породувања. Потоа се измива со млака стерилна вода. Тоа му е првото бањање. Се е тивко и спокојно. Во последните години во развиените земји постои тенденција породувањето да се одвива дома. Домот се подготвува заедно со домашните за свечениот момент на раќањето, а обучената екипа со сите помагала доаѓа во домот.

Понекогаш породувањето може да се одвива во седечка положба, на породилен стол, со што се олеснува и се забрзува процесот на породување. На некои места се практикува породување во базен со млака вода.

Предностите од подготовката за породување, поддржувањето на природниот породилен процес и избегнувањето на насилствата му даваат подобар старт за развој на детето, ја зајакнуваат врската мајка-дете-татко, ги стимулира родителите да обрнат внимание и да го негуваат личното и семејното здравје.

Анета Копачева
Дипломиран педагог

 

 


 

 

 Pregnatol DHA MKD Lulka no2

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama