Како што наближуваше денот на моето породување така ми се зголемуваше желбата тоа да биде едно убаво искуство, полно со емоции и љубов, настан на кој ќе се сеќавам како на нешто најубаво.

Кон крајот на бременоста постојано барав начин како да го зголемам моето знаење и самата на себе да си помогнам за тоа да биде не само спонтано, туку и природно породување. Многу поважно ми беше како јас ќе го разберам тој процес, отколку каде и кој доктор ќе биде на моето породување. 

Верувањата дека породувањето е болно и трауматично едноставно не резонираа со мене. Зошто? Чувствував дека женското тело е дизајнирано за ова и самото знае како да се породи. Јас требаше само да најдам како ова да го потпомогнам.

Така, силно верувајќи дека може да се направи нешто за тоа да биде едно феноменално искуство тргнав да барам одговори за тоа што се случува со нашето тело кога се породуваме, кои медицински интервенции се прават во болница и кои се „процедурите“ кои се прават со бебчето кога ќе се роди. Сето ова беше со цел да го одберам најдоброто за нас.

Барав постручна литература, контактирав со разни групи и организации кои работат во ова поле (особено со Лулка) и постојано барав одговори од докторите со кои се среќавав на контролите. Не се задоволував со кратки и паушални одговори, бев упорна во тоа да дознаам како да го „помогнам“ моето породување. Се активирав во разни групи кои негуваат холистички пристап кон породувањето, разговарав со една од нашите дули, разговарав со жени кои сведочат за убави породилни искуства... 

 

Породувањето...

Како доаѓаше денот, силно верував во две работи: верував во себе и во мојата моќ да си овозможам природно и помалку болно породување и верував дека кога и да се случи моето породување персоналот кој треба да е на смена тогаш, точно оние кои треба да се таму, ќе бидат! Најповеќе од сѐ - силно верував дека СЀ ќе биде баш како што треба. 

Така и беше. Кога во 06 ч. наутро се појавив во болница, прв пат во животот ги видов докторот и акушерката. Ме прегледаа, поразговаравме околу тоа како ќе тече овој настан и по кратка подготовка отидовме во породилна сала. 

Породувањето беше сосема природно, одбив епидурална анестезија и вештачки окситоцин. Ги почувстував сите природни контракции и како тие помагаат бебето да дојде на овој свет. Се течеше сосема природно и со помош на докторот и акушерката успеав до самиот крај сите фази на породувањето да ги доживеам свесно и во целост какви што навистина се.

Латентната фаза и пред активното породување ги поминав дома. Во болница стигнав кога контракциите беа на 3-4 минути. Крајната фаза на дилатацијата и фазата на раѓање ја поминав во родилната сала, следејќи ги знаците на телото. Овде имаше и периоди кога ми беше дозволено да станам од столот за раѓање за да направиме прогрес со помош на гравитацијата. Во крајната фаза кога бебето се спушта и се раѓа со помош на вербална мотивација од акушерката и докторот, инструкции за дишење и туркање од страна на персоналот, бебето се роди сосема природно и спокојно. Моментот кога прв пат го видов – не се заборава!

 

Slika Poroduvanje iskustva

 

Веднаш по раѓањето ми го дадоа на стомак и така останавме скоро 2 часа. Гушкање, контакт со очињата, смирено дишење, едноставно - вљубување. Во меѓувреме причекавме да дојде контракција со која ќе се породи плацентата, без брзање. Со тоа се заврши раѓањето и откако се средија низа формалности, јас и моето бебе бевме оставени заедно и во мир да се запознаеме надвор од утробата.

 

Дали болеше?

Ако поверувате дека таа болка е сосема различна од секоја друга болка и дека е сосема поднослива, веднаш ќе Ви биде помалку болно. Најважно е трудницата да знае дека болката не е константна, не боли цело време. Има период на контракција и период на одмор. Нашето тело феноменално го прави тоа. Контракциите од почеток до сам крај се како бранови кои доаѓаат и си одат. Значи тоа што го викаат болка е нешто што трае 30-40-60 секунди и поминува како ништо да не било. И пауза. На таа пауза, телото се одмара. Паузите се подолги од контракциите. Време за дишење, голтка вода, насмевки, мотивација. Пак контракција. Пак пауза. Така до самиот крај. 

Кога веќе заврши отварањето и следуваше раѓањето, мислев дека од сега натака ќе биде поболно и почесто ќе имам контракции. Не беше така, се продолжи со истиот ритам. Контракција-пауза. На самиот крај, (ако ви е прв пат како што мене ми беше) докторот и акушерката ќе ви помогнат со инструкција како да бутнете. Слушнете ги, верувајте им и едноставно направете го тоа. Знаете да го направите тоа, треба само да бидете убедени дека можете (како што можете да извршите и други физиолошки потреби).

Контракцијата (болката) постои само како потврда дека породувањето напредува и ако таа појава ја асоцирате со дишење и ја прифатите како потсетување да внесете кислород, наместо да речете дека боли, ќе биде подобро, полесно и побрзо.

 

Како заклучок...

Каков избор и да направите за начинот на Вашето породување, сигурно длабоко во себе знаете дека тоа е најдоброто за Вас.Пристапете му на породувањето како на еден многу убав настан кој Ве очекува. Како на роденден. Затоа што тоа и е. Денот кога се раѓа Вашето бебе и се раѓате Вие како мајка. Радувајте се што сте благословена на овој свет да донесете нов живот. Радувајте се што на Вашето бебенце ќе му подарите едно убаво патување од матката кон надворешниот свет. Ментално креирајте средина во која се породувате каква што посакувате и поверувајте дека така и ќе биде. Верувајте дека на денот кога ќе отидете во болница, коцките ќе се наместат точно така како што е најдобро за Вас и Вашето бебенце. Кога и да Ви надојдат мисли на сомнеж, фокусирајте се на дишењето и на сегашниот прекрасен момент, Вие ќе бидете мајка.

Само еднаш имаме шанса за прво породување, дадете се од себе тоа да биде настан за паметење!

 


Анонимен текст од мајка која ги посети работилниците на Лулка пред породувањето, а своето позитивно искуство од породувањето го преточи во прекрасен текст за нашата веб-страна, за да го прочитаат што повеќе трудници кои допрва треба да се породат. Среќни сме што бевме барем мал дел од нејзиното прекрасно породилно искуство.