Законот за работните односи предвидува посебна заштита на бремените жени, доилки, мајки и родители. Паралелно со тоа, кандидатките за вработување и работничките уживаат посебни права токму поради нивната состојба и својство како бремени жени, мајки и родители.
Наспроти нивaните права, законодавецот предвидел обврски за работодавецот кон оваа група на работнички при објавувањето на слободни работни места, засновањето и реализирањето на работниот однос.
Бремена жена и мајка - кандидатка за вработување
Работодавачот смее да бара од кандидатката за вработување, која е бремена жена или мајка да приложи само докази со кои се потврдува дека таа ги исполнува бараните услови за вршењето на работа на соодветното работно мести. При склучување на договорот за вработување, работодавачот нема право да бара од кандидатката за вработување податоци за семејниот, брачниот статус и планирање на семејството. Исто така, без разлика на видот на работното место за кој се заснова работниот однос, работодавачот не смее да побара од кандидатката да достави докази и исправи коишто не се во непосредна врска со работниот однос, како на пример тест за бременост или потврда за таков тест.
При склучувањето на договорот за вработување, работодавачот е должен да им укаже на бремените жени и мајки за природата на работата, видот на задачи што ќе ги извршуваат и средината во која ќе се обавува работата. Бремени работнички, работнички кои неодамна се породиле или дојат мораат да бидат информирани од работодавачот за опасностите кои произлегуваат од онаа работа која носи значителен ризик по здравјето на мајката и детето, а таквите ризици се предвидени согласно прописите од областа на безбедност и здравје при работа.
Обезбедување на безбедни услови за работа
Законот за работните односи и Законот за безбедност и здравје при работа се основните закони со кои се утврдуваат обврските на работодавачот во однос на обезбедувањето на безбедни услови за работа за бремените жени, за работничка која неодамна родила или дои, но и за идните бремени работнички. Обезбедувањето на безбедни услови за работа од работодавците е дел од посебната заштита која ја уживаат работниците поради бременост и родителство.
За време на бременост и уште една година по породувањето, работничката не смее да врши работи, ако тие со зголемена опасност влијаат на нејзиното здравје или здравјето на детето. Овие работи, ги пропишува Министерот за труд и социјална политика, во согласност со Министерот за здравство.
Така, предвид „Правилникот за минималните барања за безбедност и здравје при работа на бремени работнички, работнички кои неодамна се породиле или дојат“ бремени работнички не смеат да бидат изложени на штетни фактори/агенси, и тоа на: хипербарична атмосфера (комори под притисок и подводно нуркање), токсоплазма, рубеола вирус (освен доколку е докажано дека бремените работнички се заштитени на соодветен начин преку комплетна имунизација), олово и соединенија на олово, доколку тие можат да бидат апсорбирани во човечкиот организам и хемиски супстанци обележени со фразите на ризик R61 (заради тоа што можат да предизвикуваат оштетување на неродените деца) и R63 (постои можен ризик за оштетување на неродените деца).
Согласно истиот Правилник работничките што дојат не смеат да бидат изложени на олово и соединенија на олово, доколку тие можат да бидат апсорбирани во човечкиот организам и на хемиски супстанци облежени со фразaта на ризик R64 (кои можат да предизвикаат оштетување на доенчињата).
Исто така забрането е бремени работнички и работнички што дојат да извршуваат подземни рударски работи, да работат ноќе или прекувремено.
По добивање на известување дека некоја работничка е бремена, во текот на различните фази на бременоста, работодавачот е во обврска да воведе повеќекратно оценување на ризиците кои можат да влијаат на бремената жена, нејзиното неродено или новородено дете. Дополнително оценување на ризикот се применува и при промена на условите за работа, опремата или машините.
Доколку при проценката на ризик се утврди дека постои ризик за здравјето и безбедноста на бремените работнички работодавачот не смее да дозволи овие работнички да бидат изложени на долунаведените фактори/агенси:
1. Физички штетни фактори
- Нагли движења и неповолна положба на телото при работа
- Патување и изложеност на општи вибрации со ниски фреквенции
- Вибрации кои се пренесуваат директно на абдоменот
- Бучава
- Неповолни микроклиматски услови – високи и ниски температури
- Јонизирачко зрачење
- Нејонизирачко зрачење со можни ефекти врз плодот
2. Биолошки агенси класифицирани во категориите 2, 3 и 4 од Директивата 90/679/EEЗ, доколку е познато дека таквите агенси или терапевтските мерки кои се применуваат во случај на заболувања предизвикани со тие агенси, го загрозуваат здравјето на бремената жена и на плодот и тоа:
а) Вируси, вклучувајќи херпес вируси: цитомегаловирус, херпес симплекс и варичела зостер вирус; Б-19 паравирус; вирус на рубеола ХИВ-1 и ХИВ-2 вирус; вирус на вакцинија и на големи сипаници и др.
б) Бактерии, како Treponema pallidum; Mycobacterium tuberculosis; Salmonella typhi; Plasmodium spp. и др.
3. Хемиски агенси
- Хемиските супстанци означени со фразите на ризик: R40 (ограничени податоци за канцерогени ефекти), R45 (може да предизвикаат канцер), R46 (може да предизвикаат наследни генетски оштетувања), R47 (може да предизвикаат вродени аномалии), R48 (може да предизвикаат оштетување на здравјето при продолжена експозиција), R49 (може да предизвикаат канцер при инхалација)
- Полициклични ароматични јагленоводороди присутни во јагленовите саѓи, катранот, смолата
- Жива и соединенија на жива
- Јаглероден моноксид и др.
4. Процеси на производство
- Производство на аурамин
- Изложеност на прашина, пареи и аеросоли кои се создаваат при печење и електро-рафинирање на бакарно-никелни соединенија
- Силнокиселински процеси при производството на изопропил алкохол
Бремените работнички, исто така не смеат да работат под услови на силен стрес и психички напор што може да биде штетно за плодот, тешка физичка работа и ракување со товар потежок од 5 кг.
Ако се откријат опасности од ризикот, врз основа на стручна процена на соодветниот лекар за здравствената состојба и во зависност од природата, интензитетот и времетраењето на ризикот, работодавачот треба да воведе мерки за подобрување на здравјето и безбедноста при работа на бремената работничка, работничка која неодамна родила или дои. Работодавачот исто така е во обврска да превземе мерки за отстранување или намалување на опасноста на ризикот од неповратни ефекти, предизвикување рак, наследни генетски оштетувања, предизвикување штети на нероденото дете и на исхраната на детето.
Доколку се утврди постоење на ризици кој не можат да се елиминираат на друг начин, работодавачот е должен да изврши промена на условите за работа или работните часови, или да понуди соодветна алтернативна работа. Доколку и тоа не е можно потребно е бремената работничката да биде изземена од нормалниот тек на работа за времето кое е неопходно да се заштити нејзиното здравје здравјето на нејзиното дете. При тоа работодавачот е должен на работничката да и обезбеди вршење на друга соодветна работа и плата, како да ја вршела својата работа.
Од друга страна, ако при оценката на ризикот не е откриен ризик, тогаш работодавачот е во обврска да настапи превентивно преку информирање на сите вработени за потенцијалните ризици. Исто така, работодавачот треба да објасни што ќе се направи за да се осигури дека новите бремени работнички нема да бидат изложени на ризици кои можат да предизвикаат оштетување на нивното здравје и безбедност.
Ако работодавачот не ги почитува горенаведените обврски за обезбедување на услови за безбедност на животот и здравјето на бремените работнички, работнички кои неодамна се породиле или дојат, и здравјето на плодот или доенчето, тој сторува прекршок за што се изрекува соодветна прекршочна санкција.
Забрана на вршење работа подолго од полното работно време
Согласно важечките норми полно работно време изнесува 40 часа неделно и, по правило, работната недела трае 5 работни дена. Сепак, со закон, односно со колективен договор може да се одреди дека полно работно време трае помалку од 40 часа, при што работникот треба да работи најмалку 36 часа неделно. Законодавецот посебно ги заштитил работниците за чии работни места постојат поголеми опасности од повреди или здраствени оштетување, и предвидел дека за нив полно работно време може да трае помалку од 36 часа.
Во овие временски параметри за полно работно време, забрането е работодавачот да наложи работа подолго од полното работно време на работникот жена, поради заштита на бременоста, раѓање и родителството. Оваа забрана се однесува и на мајка со дете до три години старост и самохран родител со дете до шест години старост. Но, во овие последни два случаи ако работникот даде писмена изјава дека доброволно се согласува со прекувремена работа, тогаш работодавачот може да наложи работникот да работи подолго од полно работно време.
Годишен и платен одмор
Соглансо Законот за работните односи, работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена, а со колективен договор или договор за вработување годишниот одмор може да се продолжи до 26 работни дена. Работник кој негува и чува дете со телесен или душевен недостаток има право на уште три работни дена годишен одмор. Ако годишниот одмор не се искористи во тековната календарска година заради породилен одмор или одмор за нега и чување на дете, тогаш работникот има право да го искористи неискористениот годишен одмор до 30 јуни идната календарска година.
Покрај годишен одмор, работникот има право на платен одмор во времетраење од најмногу седум дена заради склучување на брак, а ваков одмор може да користи и таткото при раѓање на дете.
Работа во странство на бремена жена, мајка и родител
Во зависност од видот на работата, договорот за вработување може да предвиди можност работодавачот да го испрати работникот на работа во странство. Времетраењето на работата во странство ќе се пресеметува врз основа на референтен период од една година од денот на испраќањето. Но бремена жена, родител кој се грижи за дете кое не наполнило седум години или родител кој се грижи за дете кое не наполнило петнаесет години, ако живее сам со детето и се грижи за неговото воспитување и заштита, може да го одбие испраќањето на работа во странство.
Адвокат м-р Ана Дангова Хуг од
Адвокатско друштво ИНТЕР ПАРТЕС Скопје