Институтот „посвојување“ е нормиран во Законот за семејство и доуреден со правилници донесени од Министерството за труд и социјална политика. Законот за семејство не содржи дефиниција на овој институт.
Но, од самиот дух на законот и консензусот што постои во правната доктрина се смета дека посвојувањето е вид на социјална заштита на деца без родители и без родителска грижа, независно од причините поради кои децата останале без родители и родителска грижа, на пример нивните родителите починале, се непознати, исчезнати или едноставно не ги извршуваат своите родителски права и должности.
Покрај тоа што со посвојувањето се постигнува општествена заштита на децата, со овој институт истовремено се дава можност на посвоителите да се остварат како родители на посвоеното дете, без разлика дали тие самите имаат или не биолошки деца.
Постојат два вида на посвојување и тоа потполно и непотполно посвојување.
Со потполното посвојување се создаваат односи какви што настануваат со раѓање. Меѓу посвоителот и неговото семејство и посвоеникот и неговото потомство се создаваат права и должности кои постојат меѓу крвни роднини, а престануваат заемните права и должности меѓу посвоеното дете и неговото поранешно семејство. Ако посвоителот е брачен другар на еден од родителите на посвоеникот, посвојувањето не влијае врз односите меѓу посвоеникот и тој родител, како и спрема неговите роднини. При ова посвојување наследните права на посвоеникот и неговото потомство спрема посвоителот и неговото семејство и на посвоителот и неговото семејство спрема посвоеното дете и неговото потомство се изедначени со наследните права меѓу крвните роднини.
Од друга страна, при непотполно посвојување се создаваат односи што постојат меѓу родители и деца. Наследните права меѓу посвоителот и посвоеникот и неговото потомство се заемни, при што наследните права на посвоеникот спрема посвоителот може да се ограничат или сосема да се исклучат ако во моментот на посвојувањето посвоителот има свои родени деца. Ако како посвоители се јавуваат брачни другари, наследните права на посвоеникот може различно да се определат спрема секој од нив. Доколку наследните права на посвоеникот биле ограничени или исклучени, посвоителот не може да го наследи посвоеникот и неговото потомство по закон.
Каков однос ќе се создаде со посвојувањето зависи од волјата на посвоителот, на родителите на детето кое се посвојува, односно на неговиот старател и на самото дете ако е постаро од 12 години.
Услови за посвојување
Само малолетно лице може да биде посвоено и тоа по навршување на шест недели старост на детето па до наполнување на 18 години. Од оваа горна старосна граница постои исклучок кога детето го посвојува сродник кој не живее во Република Македонија и кој не е во сродство со посвоеникот во права линија, ниту брат или сестра. Во овој случај детето мора да биде посвоено до наполнување на 12 години.
Посвојувањето може да се заснова само ако е во согласност со „најдобриот интерес на малолетникот“. „Најдобриот интерес на малолетникот“ е правен стандард кој што се цени одделно во секој посебен случај на посвојување, но општо целтта на овој стандард е да овозможи на посвоеникот да биде згрижен во дом во кој ќе му биде дадена родителска љубов и грижа и обезбедени услови за негов правилен развој и воспитување. Исто така со него се оневозможува да се злоупотреби посвојувањето на штета на посвеникот, на пример за да се добие бесплатна работна сила, злоупотреби правото на детски додаток и сл.
Посвоеникот не може да биде посвоен од повеќе лица, освен кога како посвоители се јавуваат брачните другари. По правило, посвоител може да биде само државјанин на Република Македонија. По исклучок, ако детето не може да биде посвоено на територијата на Република Македонија како посвоител може да се јави и лице кое е странски државјанин. Во овој случај треба да се обезбедат докази дека детето ќе ужива еднакви или подобри услови за животот и развој во споредба со домашните прописи и услови за живот.
Во однос на карактеристиките што треба да ги имаат посвоителите, законот предвидува дека посвоител може да биде лице кое е деловно способно и има лични својства за успешно вршење на родителските права. Посвоител не може да биде лице постаро од 45 години и при тоа треба да биде најмалку 18 години постаро од посвоеникот. По исклучок, посвоител може да биде лице кое е постаро од 45 години, но старосната граница меѓу посвоителот и посвоеникот не смее да биде поголема од 45 години. Овие горни старосни граници не се применуваат во ситуација кога детето го посвојува брачниот другар на родителот на детето, или пак кога се посвојува брат или сестра на детето кое е веќе посвоено.
Покрај наведенатите старосни граници за и помеѓу посвоителот и посвоеникот, законот негативно определува кои лица не се подобни да бидат посвоители:
а) на кое му е одземено или ограничено родителското право, како и лице на кое му е изречена казна за сторено кривично дело со ефективна казна затвор во траење од над шест месеца;
б) на кое му е ограничена или одземена деловната способност;
в) за кое постои основано сомневање дека положбата на посвоител ќе ја употреби на штета на посвоеникот;
г) кое е душевно болно или лице со пречки во интелектуалниот развој, како и лице кое боледува од болест што може да го доведе во опасност здравјето и животот на посвоеникот;
д) чија физичка попречност е од таков степен што може оправдано да се сомнева во можноста да се грижи за детето;
ѓ) зависник од дрога или други психотропни супстанции или алкохол;
е) кое има тешко хронично заболување или е болно од неизлечива заразна болест и
ж) ако мислењето на стручниот тим на центарот за социјална работа е негативно во однос на можноста тие лица да бидат родители.
Согласност за посвојување
Постојат два вида на посвојување во зависност од тоа дали за биолошките родителите на детето идните посвоителите се познати или не. Во случајот кога родителот на детето што се посвојува не го определува посвоителот на детето станува збор за таканаречено “инкогнито посвојување“. Во тој случај родителите, односно родителот кој сам го врши родителското право, дава(ат) согласност пред центарот за социјална работа (Центарот) детето да може да биде посвоено и без да го определат посвоителот. Согласноста се дава во форма на писмена изјава, што своерачно ја пишува и потпишува родителот, а заверува овластен преставник на Центарот. Во овој случај родителите, однодно родителот не треба да учествува(ат) понатаму во постапката за посвојување, подолу објасната.
Во случај кога посвоителите се познати покрај нивната волја за посвојување, потребна е согласност за посвојување на обата родители на посвоеникот, односно на неговиот старател, како и на посвоеникот ако е постар од 12 години. Ако родителот е малолетен, покрај неговата согласност се зема и согласност на законскиот застапник.
Но, постојат ситуации каде што не е потребна согласност за посвојување на биолошкиот родител на посвоеникот и тоа за: родител на кој му е одземена деловната способност, му е одземено вршењето на родителското право или пак за родител за кого не му се знае престојувалиштето повеќе од една година; или родител на дете сместено во институција или друго семејство, кој не пројавил интерес за детето повеќе од шест месеца од рокот во кој бил должен да го земе детето. Не е потребна согласност ниту од посвоеникот кој до посвојувањето живеел во семејството на посвоителот пред наполнувањето на 12 годишна возраст; или пак лицето кое мајката го посочила како родител на детето, родено вонбрачно, кој во рок од три месеци по раѓањето на детето не покренал постапка за признавање на тоа дете или за утврдување на татковство во однос на тоа дете.
Согласноста за посвојување на родителите не е неотповиклива, односно истата може да се повлече се до моментот на донесување на решение за сместување на детето во семејството на посвоителите, заради спроведување на постапката за посвојување.
Засновање на посвојувањето
Посвојувањето се засновува пред Комисија за засновање на посвојување при Министерството за социјална политика (Комисија), која во својот состав мора да има: правник, педагог, психолог и социјален работник. Лицето кое сака да посвои поднесува барање до Комисијата, со документи определени со Правилникот за водење на евиденција на посвоените лица и за определување на документи за посвојувањето. Ако предметот на подносителите е комплетен, во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето Комисијата го доставува предметот до Центарот, надлежен според местото на живеење на подносителите на барањето. Ако досието на подносителите не е комплетен, Комисијата носи решение со кое ќе го одбие барањето.
Центарот врши процена за подобноста на посвоителите и за мотивите на посвојувањето преку континуирано следење на потенцијалните посвоители во период од четири месеци, но не повеќе од една година и врз основа на наодот и мислење на стручниот тим изготвува предлог до Комисијата за упис во Регистарот на можни посвоители. Кога како подносител на барањето се јавува брачен другар на родителот на детето, периодот на континуирано следење е два месеца.
Комисијата во рок од 30 дена, но не повеќе од 60 дена, од денот на приемот на предлогот на Центарот, донесува решение и врши упис во Регистарот на можни посвоители доколку се исполнети законските услови или го враќа предметот на доработка до Центарот поради недостатоци. Исто така, освен што се води Регистар за можни посвоители, се води и Регистар за можни посвоеници, за чиј упис одлука донесува Комисијата на предлог на Центарот. Но, пред Комисјата да ја донесе таа одлука треба да прибави наод и мислење за здраствена состојба на детето од Комисјта за оцена на здраствена состојба на децата без родители и без родителска грижа.
Откако Комисијата носи одлука за упис во Регистарот на можни посвоители, односно Регистар на можни посвоеници, целокупната документација ја доставува до надлежниот Центар за натамошно постапување. Центарот врши архивирање на податоците за посвоителите и посвоениците во Програмата за избор на најсоодветен посвоител по електронски пат (Програма). По внесување на податоците за можниот посвоеник, Комисијата на првата наредна седница врши избор на најосодветен посвоител по електронски пат од првите три можни посвоители од листата на Програмата.
Во законот експлицитно се предвидени критериуми од кои ќе зависи изборот на посвоители и тоа: здраствена состојба, психосоцијален статус, материјални услови, станбени услови, време на чекање, степен на образование, брачен статус и државјанство. Со Правилникот за поблиските критериуми и начинот на избор на посвоител по електронски пат се пропишани поблиски критериуми за избор на посвоител како и начинот на избор по електронски пат.
По исклучок, кога како посвоител се јавува брачен другар на родителот на детето што се посвојува, кога се посвојува брат или сестра на детето што се посвојува или пак кога детето го посвојува сродник кој не живее во Република Македонија, тогаш Центарот е во обврска до Комисијата да достави предлог за сместување на детето во семејството на можниот посвоител, со образложение за утврдени причини и оправданоста за ваквото посвојување.
Прилагодување на посвоителот и посвоеникот
Откако е извршен избор на можен посвоител, постапката за посвојување продолжува во насока на прилагодување на посвоителот и посвоеникот преку сместување на детето во семејсвото на посвоителите, за што Комисијата носи решение. Сместувањето на детето во семејството на посвоителите може да трае од два до три месеца, односно од еден до два месеца доколку како посвоител се јавува брачен другар на детето. Во ситуација кога детето е постаро од три години законодавецот предвидил сместувањето да може да трае и до шест месеци. При тоа, посвоителот има право на породилно отсуство на товар на Фондот за здраствено осигурување на Македонија, ако детето е на возраст до седум месеца, а ако е постаро посвоителот има право на платено отсуство на товар на работодавачот за времетраењето на сместувањето.
Центарот по истекот на периодот на сместување, изготвува извештај за сместувањето и дава мислење детето да се посвои од конкретни посвоители и истиот го доставува до Комисијата заради засновање на посвојување.
Комисијата во рок од 30 дена од денот на приемот на работите може да донесе три вида на одлуки: а) решение за засновање на посвојување; б) решение со кое се одбива предлогот на Центарот бидејќи од увид во списите на предметот цени дека предлогот не е во интерес на детето; и в) одлука со која предметот се враќа за дополнување на постапката со цел Центарот да направи нов избор на посвоители.
При засновање на посвојувањето пред Комисијата потребно е присуство на посвоителот, неговиот брачен другар, родителите, односно старателот на посвоеникот, како и на посвоеникот ако е постар од 12 години, освен на посвоеникот кој до посвојувањето живеел во семејството на посвоителот пред наполнување на 12 годишна возраст.
Во оправдани случаи не е потребно присуство на брачниот другар на посвоителот, кој не се јавува како посвоител, ако својата согласност за посвојување ја дал пред Центарот на записник во кој мора да бидат точно означени посвоителот и посвоеникот. Засновувањето на посвојувањето се врши без присуство на јавноста, што подразбира и тоа дека сите податоци од чинот на посвојувањето преставуваат службена тајна.
Службеното лице на Комисијата е должно да ги запознае присутните лица на чинот на посвојувањето со правата и должностите што произлегуваат од посвојувањето и ќе побара изјави за согласност за посвојување од лицата кои се должни да дадат таква изјава, односно ќе ги прочита нивните порано дадени изјави за согласност.
При посвојувањето се составува записник и се донесува решение, кои што мара да бидат потпишани од соодветните лица. Ова значи дека засновувањето на посвојувањето се врши со управен акт, односно решение.
При засновање на потполно посвојување во записникот и во решението се внесуваат податоци за извршеното посвојување, за спогодбата за личното име на посвоеникот и за местото на раѓање на детето. Според член 2 од Законот за личното име, личното име на посвоеното дете го определуваат посвоителите, а ако посвоеното дете има лично име, посвоителите можат при посвојувањето да го определат своето или друго презиме, освен ако со актот за посвојување не е определно посвоеникот да го задржи своето презиме или на своето презиме да го додаде презимето на посвоителите. По засновањето на посвојувањето во матичната книга на родените, како родители на детето се запишуваат посвоителите, а како место на раѓање на детето се запишува местото што спогодбено ќе го определат посвоителите и Центарот. Ваквите промени во матичната книга на родените за посвоеникот се одраз на фактот дека со потполно посвојување престануваат заемните права и обврски меѓу посвоеното дете и неговото поранешно семејство па и поради тоа се настојува да се прикрие биолошкото потекло на детето.
Од друга страна во записникот и во решението за непотпоилно посвојување се внесуваат податоци за видот на извршеното посвојување, за спогодбата за презимето на посвоеникот и за неговите наследни права спрема посвоителот. Во матичната книга на родените се запишува презимето да детето што спогодбено ќе го определат посвоителите и се забележува дека детето е непотполно посвоено. Местото на раѓање на детето останува непроменето.
По барање на посвоителите, а до наполнување на 18 годишна возраст на детето непотполно посвојување може да се трансформира во потполно, со одлука на Комисијата, по предлог на Центарот, и со согласност на родителите/стараталот на детето кое е непотполно посвоено и детето доколку е постаро од 12 години.
Престанок на нептполно посвојување
Само непотполно посвојување може да се раскине и тоа по спогодба меѓу посвоителот и посвоеникот според одредбите кои важат за посвојувањето. Но, ако посвоеникот е малолетен, центарот е должен да испита дали престанувањето на посвојувањето е во согласност со најдобриот интерес за посвоеникот.
Освен со спогодба, непотполно посвојување може да престане и со одлука на Комисијата, по предлог на Центарот ако се утврди дека тоа го бараат интересите на малолетниот посвоеник. Центарот по службена должност ја поведува оваа постапка и преку подобна претставка од граѓанин, орган или правно лице за околности кои укажуваат на потребата за престанок на непотполно посвојување на малолетен посвоеник.
Со престанок на непотполното посвојување одново настануваат заемни права и должности меѓу посвоеникот и неговото поранешно семејство. Посвоеникот го добива своето поранешно презиме, а по негово барање може да го задржи презимето што го добил при посвојувањето, ако со тоа се согласи посвоителот.
Адвокат м-р Ана Дангова Хуг од
Адвокатско друштво ИНТЕР ПАРТЕС Скопје