Одредби за родителското право, односно за правата и должностите на родителите и децата, во главно, се наоѓаат во Законот за семејство, Законот за лично име и Законот за облигационите односи (ЗОО).
Родителско право
Родителското право, кое им припаѓа и на таткото и на мајката подеднакво, го сочинуваат правата и должностите на родителите да се грижат за личноста, правата и интересите на своите малолетни деца и децата над кои е продолжено родителското право. Ако еден од родителите е умрен, не е познат, одземено му е родителското право или ако од други причини е спречен да го врши родителското право, родителското право го врши другиот родител.
Значи, субјекти на родителскоправниот однос се: мајката, таткото и детето и овој однос, како и самото родителското право, настанува од моментот на раѓање на детето, односно посвојувањето. Во зависност од тоа како е регулиран социјалниот статус на децата во Законот за семејство, децата можат да бидат:
1. деца на кои им се познати и двата родители кои се во брак (брачни деца) и кои живеат со двајцата родители или само со едниот родител, ако брачната зедница се распаднала;
2. деца на кои им се познати и двата родитела кои не се во брак (вонбрачни деца), чии родители може да живеат заедно (во вонбрачна зедница) или да не живеат заедно;
3. деца на кои им е познат едниот родител (вонбрачни деца);
4. деца на кои не им е познат ни еден од родителите (најденчиња);
5. деца чии родители се умрени или исчезнати (сирачиња);
6. напуштени деца (деца под старателство-опишани под број 4., 5. и 6.); и
7. посвоени деца.
Права и должности на родителите
Законот за семејство нормира дека родителите имаат право и должност да ги издржуваат своите малолетни деца, да се грижат за нивниот живот и здравје, да ги подготвуваат за самостоен живот и работа, да се грижат за нивното воспитание, школување и стручно оспособување. Родителот со кого детето не живее има право и должност да одржува лични односи и непосредни контакти со своето дете.
Родителите исто така имаат право и должност да ги застапуваат своите малолетни деца, а обемот на застапување на детето зависи од неговата возраст. Имено, дете до 14 годишна возраст не е овластено само да склучува правни дела, освен најобичните дела, кои не бараат правно знаење (на пр. пазарање на артикли во продавници по фиксна цена). Над таа возраст и се до полнолетство детето има ограничена деловна способност и може само да склучува одредени правни работи, но со дополнително одобрение на родителот.
Согласно ЗОО родителите одговараат за штетата што ќе му ја причини на друг нивното дете до наполнета седма година, без оглед на својата вина. Тие може да се ослободат од одговорност ако докажат дека штетата настанала поради виша сила или поради целосно или делумно дејствие на оштетениот. Родителите исто така не одговараат ако штетата настанала додека детето му било доверено на друго лице и ако тоа лице е одговорно за штетата.
Малолетник од наполнети седум години до наполнета 14 годишна возраст не одговара за штета, освен ако се докаже дека при причинувањето на штетата бил способен за расудување. Во обратна насока е предвидено дека малолетник со наполнети 14 години одговара според општите правила за одговорност, освен ако се докаже дека не бил способен за расудување, на пр. поради заостанатост во развојот. Ако покрај родителите за штетата одговара и детето, нивната одговорност е солидарна.
Ако малолетникот причини штета на друг додека е под надзор на старател, училиште или друга установа, за штетата одговара старателот, училиштето, односно другата установа. Овие лица можат да се ослободат од одговорност ако докажат дека надзорот го вршеле на начинот на кој се обврззани, или дека штетата би настанала и при грижливо вршење на надзорот. При тоа одговорноста е солидарна ако за штетата одговара и малолетникот.
ЗОО предвидува посебна одговорност на родителите во ситуација кога малолетникот причини штета додека е под надзор на друго лице, а оштетениот побара надомест од родителите од причина што штетата настанала поради лошото воспитување на малолетникот, лошите примери, порочни навики што му ги дале родителите, или едноставно штетата може да им се препише во вина на родителите.
Во спорови за надомест на штета законот го овластува судот да отстапи од стриктна примена на горедадените прописи, ако истите би биле во спротивност со сфаќањата за справедливост.
Права и должности на децата
Огромно значење за статусот на детето како субјект-носител на права има Конвенцијата на Обединетите нации за правта на детето од 1989 год., ратификувана од Република Македонија. Со овој меѓународен инструмент на детето му се признаваат права како на самостојна личност, меѓу кои се правото на слободно изразување, правото на детето да учествува во донесување на одлуки, правото на развој, правото на детето да го знае своето потекло и друго.
Согласно Законот за семејство, детето има право да биде издржувано од своите родители, да биде застапувано од нив или старателите, да биде згрижено, да биде заштитен неговиот живот и здравје, да биде оспособено за самостоен живот и работа, да му се обезбедат оптимални услови за негово воспитување, школување и стручно оспособување, зависно од условите на семејството.
Малолетните деца имаат право да живеат со своите родители, но можат да живеат одвоено од своите родители само кога е тоа од нивен непосреден интерес или кога тоа е од заеднички интерес за децата и за родителите. Детето има право да одржува лични односи и непосредни контакти со родителот со кого не живее. Малолетните деца исто така имаат право да одржуваат непосредни контакти со родителите и други блиски роднини на родителот кој е умрен, на кого му е одземено родителското право или од други причини е спречен да го врши родителското право.
Следниот текст ќе се однесува на темата „Вршење на родителското право“.
Адвокат м-р Ана Дангова Хуг од
Адвокатско друштво ИНТЕР ПАРТЕС Скопје