Веќе неколку години Светскиот ден на предвременото породување, кој се одбележува на 17-ти Ноември, ги истакнува на глобално ниво напорите за решавање на предвременото породување. Овој ден е инициран од страна на Европската фондација за грижа на новородени (EFCNI), на која подоцна и се придружија и Африканската организација LittleBigSouls (прев. МалиГолемиДуши), американската организација March of Dimes и Автралиската Национална Фондација за предвреме родени (Australian National Premmie Foundation), а сега веќе постојат многу глобални иницијативи кои секоја година ги истакнуваат потешкотиите на предвреме родените бебиња и нивните семејства.

fx1Низ целиот свет околу 15 милиони бебиња се раѓаат пред 37. недела од бременоста и оваа бројка се зголемува, со стапки кои варираат од 5% до 18% од држава до држава. Во последниот годишен извештај, објавен на 01. Ноември (2016 година), March of Dimes ги оцени Соединетите американски држави со оценка 3-ка, поради зголемувањето на стапката на предвремено породување по прв пат во последните 8 години, од 9,57% на 9,63%. Она што е уште позагрижувачко е фактот дека евидентно е зголемувањето на расните и етничките нееднаквости во стапката на предвремено породување, при што стапката е 48% повисока кај афро-американките и 15% повисока кај индијанските жени и жени на Аљаска, споредено со жените од бела раса.

Превенцијата на предвременото породување и грижата за предвреме родените бебиња со цел намалување на нивната смртност, е една од главните цели која би довела до напредок во постигнување на Целите за одржлив развој (Sustainable Development Goals), и тоа во намалување на смртноста кај децата под 5 годишна возраст. Според последниот извештај на Global Burden of Disease, во 2015 година, проблемите во неонаталниот период биле причина за дури 45% (или 2,6 милиони) од вкупниот број на смртност под 5 годишна возраст. Во 2015 година компликациите од предвременото породување станаа водечка причина за смрт кај деца под 5 години. Состојбата дополнително ја компликува и фактот дека се зголемуваат ризик-факторите, како што се покачен крвен притисок, дијабет, загадување на воздухот, бременост на постара возраст и слаба исхрана кај трудниците, и тоа не само во развиените земји, туку и во неразвиените и земјите во развој. И што е најважно, најголемите разлики во пристапот до здравствена грижа, не само помеѓу различни држави, туку и во рамките на една држава, се наоѓаат токму во антеналната грижа (во текот на бременоста), во достапноста на контрацептивни средства и планирање на семејството, и во постнаталната нега (нега по породувањето). Обесправените жени и девојки се најмногу изложени на ризик од предвремено порадување поради многу причини, почнувајќи од несоодветно третирани инфекции во бременоста и недоволна исхрана, па до работење на напорна и тешка физичка работа во тек на бременоста.

Превенцијата треба да се применува секојдневно, со спречување на тинејџерска бременост, подобрување на исхраната и условите за живот за жените во репродуктивна возраст, одржување на временско растојание помеѓу две бремености, подобра нега во тек на бременоста, вклучително и соодветен третман на хронични болести, советување за ризикот од конзумирање на алкохол и цигари во бременоста и значењето на стероидна терапија пред претечко предвремено породување. Сепак, не можеме да ги спречиме сите предвремени породувања, па затоа подобрувањето на неонаталната интензивна нега е клучна за подобрување на стапката на преживување на овие бебиња и намалување на долгорочните компликации. EFCNI презеде иницијатива за креирање на Европски стандарди за грижа за новородените – соработка помеѓу 220 медицински професионалци, претставници на родителите и претставници од избрани компании од повеќе од 34 земји. Се работи за 11 групи на стандарди за неонатално здравје, и тоа: Раѓање и транспорт, Медицинска нега и клиничка пракса, Процедури во лекувањето, Нега насочена кон бебето и семејството, Дизајн на единицата за неонатална интензивна нега, Исхрана, Етички одлуки, Следење и континуирана нега, Безбедност на пациентот и хигиена, Собирање на податоци и документирање и Едукација и обука. Многу од овие стандарди, се за жал недостапни за неразвиените и земјите во развој, каде смртноста на предвреме родените бебиња пред 28-мата гестациска недела сеуште останува екстремно висока.

Континуираниот напредок во однос на преживување на предвреме родените бебиња, барем во развиените земји, каде денес повеќе од 90% од бебињата родени во 28-мата гестациска недела преживуваат до испишување од болница, бара одговор на дополнителните прашања во врска со долгорочниот исход кај оние кои се родени предвреме. Постојат докази дека предвреме родените бебиња имаат зголемен ризик за респираторни заболувања и недоволно развиени бели дробови, а се појавуваат и докази за зголемен ризик од дијабет тип 2, покачен крвен притисок и други хронични заболувања во порана возраст, за разлика од оние кои се родени во термин. Сепак, напредокот во неонаталната грижа датира од поново време, земајќи го во предвид фактот дека прв пат егзоген сурфактант (лек за стабилизирање на дишењето кај предвреме родените бебиња) започнал да се применува дури на почеток на 1990-тите години.

Она што е особено важно на глобално ниво е гаранцијата за континуираната посветеност на Обединетите Нации кон Every Woman, Every Child агендата и стратегијата Global Strategy for Women's, Children's and Adolescents' Health (2016–2030). Само со овој широк пристап на делување врз секојдневниот живот, втемелен на човековите права и еднаквоста, со продолжено и забрзано делување на многуте партнери кои се веќе вклучени во оваа област, и со сигурна финансиска поддршка од индустријата, ќе успееме да ја завршиме недовршената агенда за предвреме родените бебиња и високата неонатална смртност. Следниот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш, мора да го смета ова за еден од неговите главни приоритети.

Овој текст е објавен во медицинското списание Lancet на 12. Ноември 2016 година. Оргиналниот текст може да го погледнете на следниот линк: http://www.thelancet.com/journals/lancet/article/PIIS0140-6736(16)32170-5/fulltext