Прим. Др Јадранка Гулева – Педијатар неонатолог од Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ или популарно наречена гинекологија Чаир, потенцира дека она што го одредува здравјето на малите деца започнува уште пред забременувањето и зависи од здравјето на мајката, а продолжува и по породувањето со интеракцијата мајка-дете. Изложеноста на економска несигурност и сиромаштија го зголемува стресот кај бремената жена, што негативно влијае врз исходот од породувањето и развојот на новороденото.

 

Slika DrJadranka

 

Неодамна говоревте во рамките на еден од стручните состаноци на неонатолозите, за едно многу значајно прашање, а тоа е перинаталниот морталитет. Може ли со поедноставни зборови да ни кажете што се подразбира под перинатален морталитет?

Перинатален морталитет е важна стапка на  виталната демографска статистика, а претставува број на фетална смрт, мртвородени, и број на новородени  умрени во првата недела од животот во однос на вкупен број на раѓања на 1000 живородени.

Зошто се мерат овие параметри? Што тие ни кажуваат за актуелната состојба во здравството?

Перинаталниот морталитет е важна стапка на здравствениот систем од една страна, и со влијание на општествените и стопанските состојби на државата од друга страна,  и како таков вообичаено е маркер за квалитет на здравствената заштита.

Какви се статистичките податоци за перинаталниот морталитет кај нас, а какви со во другите земји, на пример во регионот и во Европа?

Статистичките податоци кај нас се поразителни, имаме висока стапка на перинатален морталитет во однос на стапките во Европа. Како пример во 2015 година во РМ стапката изнесувала 14 промили, во 2016 пак била 16 промили. Во Европа стапката на перинаталниот морталитет се движи меѓу 3 и 6,5 промили. Но тука постои една дилема во однос на гестациската старост на мртвородените заради тоа што постојат повеќе дефиниции. Од 2000 година СЗО препорачува употреба на дефиниција која опфаќа умрени новородени во првите 7 дена и  фeтална смрт по 28 гестациска недела и над 1000 грама за интернационална споредба, која кај нас не е применета, и постои дефиниција во која се опфатени мртвородени со 22 гестациски недели која се користи на нашиот материјал.

 

pregnant woman consulting doctor

 

Како да се подобри состојбата? Кои се препораките за подобрување на документирањето и прибирањето на информациите генерално?

Прикажувањето на перинаталниот морталитет треба да вклучува јасна изјава за тоа која дефиниција ќе се користи. Во прибирање на податоците постојат проблеми заради што често е тешка компарацијата. Постојат проблеми кои се поврзани со неадекватни податоци од акушерските, а помалку од неонаталните истории. Во тој контекст статистиката укажува на проблеми со:

  • пропуст на правилна верификација на мртвороденото и раната неонатална смртност,
  • обезбедување на точни податоци за гестациската возраст и тежината на мртвородените,
  • потреба од правилно верифицирање на староста на умрените новородени опфаќајќи ја возраста со полни 7 дена.

Кои се препораките за подобрување на перинаталниот морталитет? Како да стигнеме до посакуваните пониски бројки кои се просек за Европа?

Точна и прецизна проценка на овој индикатор бара исполнување на неколку клучни елементи и тоа, комплетно досие за секој случај на мртвородено и неонатална смрт, целосен писмен извештај за причините за смрт, целосно познавање на здравствената состојба во текот на бременоста. Следењето на параметарот поставува потреба од стандардизирање преку назначување на референтна институција која официјално ќе известува за овој клучен елемент од здравствената статистика. Потребна е едукација на здравствените работници за правилно пополнување на потребните документи, имајќи ја во предвид дефиницијата за мртвороденост.

 

doctor writing with stethoscope

 

Во што се состои вашата секојдневна работа како неонатолог? Кои се потешкотиите со кои се соочувате?

Мојата секојдневна работа во Специјална болница по гинекологија и акушерство е исклучиво врзана со новородените. Тоа опфаќа прв преглед на новородено со одредување на првите реакции на новороденото веднаш по раѓање, одредување на Апгар скор, следење на виталните параметри и исписи. Во состојба на успорена адаптација на новороденото спроведувам постапки за реанимација. По секојдневните редовни контроли работам и ехосонографија на срце кај новородените со цел рано откривање на вродените аномалии на срце.

Што е важно за да се донесе на свет здраво бебе и кои се факторите кои се важни за добар почеток на едно новороденче? 

Голем број на истражувања укажуваат дека она што го одредува здравјето на малите деца започнува уште пред забременувањето и зависи од здравјето на мајката, а продолжува и по породувањето со интеракцијата мајка-дете. Пушењето, злоупотребата на супстанции, постпартална депресија, неправилна исхрана, перинатални инфекции кај мајката, се состојби кои можат да го компромитираат интраутериниот развој и водат до пореметување на растот на плодот, недоносеност, респираторни проблеми, хронични состојби кои можат да завршат и со смртен исход кај новороденото. Изложеноста на економска несигурност и сиромаштија го зголемува стресот кај бремената жена, што негативно влијае врз исходот од породувањето и развојот на новороденото.

 

 

1463602953 vernixgettyimages 143287058

 

 

Што би им порачале на трудниците и младите родители?

За да имаме здраво потомство треба да се мисли уште пред забременувањето. Здравјето на мајката, нејзината правилна исхрана, здрав начин на живот, во голема мера имаат удел во исходот на бременоста. Потребно е редовно контролирање на бременоста кај гинеколог-акушер со цел превенирање на најголемиот проблем кај нас – предвременото породување. Секоја жена треба да е припремена во физички и психички поглед за бременоста, породувањето и периодот што следи понатаму. Младите родители треба да бидат подготвени да се соочат со предизвиците што ги очекуваат, а градењето на кариера да го одложат за подоцна. Јас лично би сакала подолго од девет месеци мајката и детето да бидат заедно, а сите други да ја разберат таа потреба.

 

Picture1kjahfks